Александар Белов повторно спасен од публиката
Коментарите на жирито на „Операција триумф“ беа дека настапот на Александар бил за номинација
Ивона Саздовска
Ако во почетокот коментарите за музичкото реално шоу „Операција триумф“ беа скептични, веќе на половина од циклусот сосема е извесно дека кандидатите навистина умеат да пеат и носат голем потенцијал за да го добијат приматот на нова балканска ѕвезда.
На одржувањето на деветтата гала-вечер, речиси се' помина во знакот на големите рок-хитови, почнувајќи од „Soldier of fortune”, која ја изведе еден од номинираните минатата недела - претставникот од Србија, Ѓорѓе Гогов, преку дуетот со второноминираниот Вукашин Браиќ, кој доаѓа од Босна, како и хрватскиот претставник Игор Цукров, кој според мислењето на жирито, песната на групата „Бијело дугме“ - „Ако има бога“ ја отпеал најдобро од сите.
Нашиот претставник Александар Белов имаше задача да се претстави со рок-тема на групата „У2“, за чија музика изјави дека воопшто не му лежи и дека има проблеми со англискиот јазик.
Но, упорноста и постојаното вежбање во текот на целата недела во куќата му овозможија на Александар да се претстави во најдобра светлина и уште еднаш да им покаже на сите дека останува број еден според гласовите, со што и на оваа гала-вечер се спаси од потенцијалната номинација, која веројатно би го очекувала од жирито. Притоа кореографијата и сценскиот настап предизвикаа вистинска еуфорија меѓу присутните, со што впечатокот за целокупната изведба резултираше со директно пласирање на следната гала.
Што се однесува до новономинираните Ана Бебиќ од Хрватска и Никола Пауновиќ од Србија, жирито истакна дека не успеале да се покажат на нивото на кое научиле да ги гледаат на претходните гала-вечери, па сега ја имаат можноста да и' покажат на публиката кој од нив е подобар и заслужува да оди понатаму.
Од гостувањата, со своето присуство деветтата гала-вечер ја надополнија евровизиската претставничка на Хрватска, Даниела Мартиновиќ, која во дует ги отпеа песните „Плеши са мном“ со Ана Бебиќ и „Нека ми не сване“ со Нина Петковиќ од Црна Гора, додека од посилниот пол присутен беше миленикот на женските срца Бојан Маровиќ, кој заедно со Никола Пауновиќ ја отпеа денс-верзијата на песната „Као ти“, додека со босанскиот претставник Аднан Бабаиќ баладата „Више те нема“. Кандидатката која успеа да се спаси благодарение на гласовите од своите колеги во куќата, Соња Бакиќ, ја отпеа песната на Јадранка Стојаковиќ „Све смо могли ми“, при што претставничката на жирито Исмета Крвавац истакна дека Соња требало да ја пее песната со многу повеќе страст и емоции, бидејќи станувало збор за прекрасна балада.
Авторот на химната на кандидатите на „Операција триумф“ со која стартуваше галата, Никола Сариќ, ја отпеа песната на „Парни валјак“ - „Све још мирише на њу“, за што доби одлична критика од жирито, додека Даниел Павловиќ ја запали публиката со ултрахитот на групата „Плави оркестар“ -„Суада“, која директно го пласира на следната гала.
Задоволни или не, зад нас е уште една гала-вечер во која има помалку или повеќе успешни, но едно е сигурно - дека од недела во недела кандидатите успеваат да се претстават подобро и поуспешно, сакајќи да го остварат својот сон и да направат успешна кариера понатаму.
Или, како што изјави Ѓорѓе по соопштувањето дека ја напушта куќата, сигурно ќе се најде вистинската ѕвезда меѓу оние што остануваат.
Водителот Маца обвинет за сексуално вознемирување
Познатиот босански водител Драган Маринковиќ-Маца добил две години условна казна поради обвинение за сексуално вознемирување, а доколку се случи да изврши уште некое кривично дело, на шоуменот му претстојат шест месеци затворска казна.
Имено, целата приказна започнала од шоуто „Никој како јас“, кое се емитува на босанската телевизија ОБН, каде што водителот Маца на еден случаен минувач му платил 20 конвертибилни марки за да ја фати за задникот девојката по име Амела Дервишевиќ, која исто така случајно минувала низ истата улица каде што се наоѓала екипата на емисијата.
Судот одлучил дека Маца треба да добие условна казна од две години, додека правната служба на телевизијата на посочената Амела и' исплатила отштета во вредност од 10.200 евра. |