Ерван Фуере останува до март

Евроамбасадорот доби продолжување на мандатот од шест месеци
Тамара Грнчароска
Евроамбасадорот во земјава, Ерван Фуере, на 15 септември и официјално ќе добие ново, шестмесечно, продолжување на мандатот како специјален претставник на ЕУ во земјава, дирекно именуван од Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Хавиер Солана. Неофицијално се дознава дека продолжувањето на мисијата овој пат ќе биде направено на шест месеци, т.е. до март, а не како досега на една година.
Засега нема информации дали и по март ќе има продолжување на мисијата на Специјален претставник на ЕУ во Македонија. Една од основните задачи на специјалниот претставник е следење на имплементацијата на Рамковниот договор.
Мисијата на Специјалниот претставник на ЕУ во изминатиот период предизвика своевиден неформален „конфликт“ меѓу македонската Влада и Брисел, поради несогласувањето дали ваква мисија се' уште и' е потребна на земјава. Иако ниту една од двете страни никогаш официјално не го потврди несогласувањето, неофицијалните информации беа дека македонската Влада сака окончување на оваа мисија, која беше воспоставена по почетокот на конфликтот во 2001 година, со специјално задолжение за управување со кризни ситуации, т.е. да го следи процесот на разврска на конфликтот, а потоа и имплементирањето на Рамковниот договор.
Солана за време на својата посета на Македонија на 14 јули токму на таа тема рече: „Го продолживме на одреден период присуството на специјалниот претставник и сметам дека тоа е важно“. Според него, тоа не смее да се смета како нешто што ги обременува односите со Македонија, туку спротивно на тоа.
Десетина дена претходно од неговиот кабинет беше информирано дека двојната функција на Фуере не само што нема да биде укината туку тоа ќе биде моделот според кој ќе функционира дипломатијата на Европската унија во сите земји.
Фуере освен специјален претставник на ЕУ во Македонија истовремено ја извршува и функцијата претставник на Европската комисија во земјава, чиј четиригодишен мандата истекува во октомври, но кој, исто така, ќе биде продолжен до март идната година.
|