ЕДИТОРИЈАЛ
Нема амнестија за незрелоста
Тамара Грнчароска
Сметката за изборните инциденти од неделното гласање веќе и' е испорачана на Македонија. ОБСЕ, Европската инија, САД, НАТО, Меѓународната кризна група, овој пат не ни прогледаа низ прсти и не ни ја амнестираа незрелоста или, по 17 години вежбање избори, може да се каже неспособноста или глупоста да спроведеме регуларни избори, без инциденти и без оружје. Македонија, поради тоа, сега, според МКГ, заедно со Мјанмар, Зимбабве и Јужна Африка, може да се „пофали“ дека е земја со влошена безбедносна и претконфликтна ситуација.
За Европа едноставно е неприфатливо во 21 век на нејзина територија, држава со кандидатски статус за ЕУ и на половина чекор од НАТО, да брои мртви и ранети на ден на избори. Америка, пак, не може да си дозволи да дава безрезервна поддршка за држава која паѓа на основниот испит за демократија - одржување легитимни и чисти избори. Успеавме уште еднаш да ја шокираме меѓународната јавност, овој пат со својата егоцентричност дека доколку нешто нам нас не ни пречи, нема зошто да им пречи и на другите. Но, не е така.
Се огласија речиси сите релевантни европски институции, организации, интелектуалци, како и странски дипломати во земјава да ни кажат дека така не може. Во неделата беше загубена довербата на државите и странските политичари кои во изминатиот период лобираа за Македонија како стабилна држава која се движи напред, а им беше даден аргумент повеќе на скептиците да бидат погласни дека не сме подготвени за влез во големото друштво. Македонија го доживеа моментот Косово, довчерашен протекторат, да ни каже дека дел од гласањето треба да се повтори поради нерегуларности. Некој за тоа мора да ја понесе одговорноста и да одговара.
До вчера ниту еден странски државник не му ја честиташе победата на Никола Груевски, не поради тоа што некој го оспорува изборниот резултат што го постигна ВМРО-ДПМНЕ, туку се чекаат реакциите и последниот збор на странските монитори и дипломати дали изборите ќе бидат оценети како регуларни. Сите странски медиуми веста за изборите во Македонија не ја почнаа со убедливата и досега најголемата победа на ВМРО-ДПМНЕ, туку со информациите за престрелките, жртвите. Засега оцената за Македонија е „единица“ со теоретска можност за поправен испит за две недели.
А можноста за исправка и враќање на вистинскиот пат меѓународната заедница ни ја нуди за две недели на прегласувањето кога не смее да се повтори крвавата пародија од гласање во северозападна Македонија или, како што посочи таа, во областите населени со доминантно етничко албанско население. Се бара власта во земјава најбројните полициски сили распоредени на избори досега, за две недели, но и во текот на тие две недели, да ги употреби за расчистување на инцидентите доколку сака да ја измие од себе калта на „селективно и ограничено реагирање“.
Власта за тоа ќе мора да престане да ја толерира демократската неписменост на политичките партии од албанскиот блок и нивната еволутивна стагнација за прашање на слободата на изразување, како фундаментално право на секоја единка, но и деструктивноста со која тие водени од своите лични интереси се однесуваат кон интересите на државата Македонија. Најдиректно ни го кажа тоа Мевљут Чавошоглу од Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој во име на мониторите рече: „Бевме сведоци на уништување на каузата за европската и трансатлантската интеграција на земјава“.
Македонија за да се извлече од амбисот во кој падна на меѓународната сцена по неделните избори ќе мора да престане со институционалното прикривање и со постојано давање алиби на албанскиот партнер во власта дека се' му е дозволено, со цел да ја задржи и, конечно, ќе мора законите, владеењето на правото и, пред се', демократијата да ги спроведе и воведе на целата своја територија и за сите.
|