„Утрински“ во Беслан
Бесланските гробишта како опомена
Во сите досегашни војувања, данокот го платија невини луѓе. Така беше и последниот пат
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
КАВКАЗ - Ќе почне ли повторно да се пука во Јужна Осетија и во Абхазија? Ќе се запали ли целиот Кавказ однадвор, пред се' соседните Чеченија, Дагестан и Ингушетија. Може ли да се обноват судирите меѓу Северноосетијците и Ингушите? Тие прашања постојано ни се вртеа во главите додека овие денови ги посетивме Кавказот, Северна Осетија, како и подрачјето што е зафатеното со војна во Јужна Осетија и Абхазија.
Дописникот на „Утрински весник“ во тој дел на Кавказот веќе беше пред четири години кога се случи трагедијата во училиштето во Беслан за што говореше целиот свет. Авторот на овој текст го следеше и оној стар судир и крвопролевање кога се испоклаа соседите Ингуши и Северноосетијци.
Додека со автобус поминуваме низ краиштата каде што веќе бевме, слушаме нови вести за апсење на група грузиски полицајци на туѓа територија. На помислата за нова војна не' наведе не само тоа што постојано пред очите ја гледавме сликата на движење на тешки воени возила и тенкови, туку и чувството дека мирот е се' уште кревок. Тоа дека стравот од нова војна не е без причина потврдуваат вестите што ги слушавме од Тбилиси дека Америка повторно ќе го вооружа својот верен сојузник Михаил Саакашвили. И колку човек да се теши дека на Саакашвили воена помош му ветува американскиот потпретседател Дик Чејни, кој заминува заедно со Буш, голема е веројатноста дека и по изборите ставот на Вашингтон ќе остане непроменет кога станува збор за Грузија.
Луѓето навистина искрено се радуваат што Русија ја призна нивната независност, но стравуваат од нова војна со Грузија. Стравот е разбирлив кога се знае колку многу се пукаше, гинеше и уриваше во Јужна Осетија, Абхазија, а неодамна и во Грузија. Кога се знае дека и во Јужна Осетија и во Абхазија селата се измешани и дека таму живееја многу Грузијци, јасно е дека и тие многу страдаа. Загинаа без причина многу невини луѓе Осетијци, Абхазијци, но и Грузијци, кои воопшто не беа виновни за неразумните потези на првиот претседател Звијад Гамсахурдија, кој по доаѓањето на власт сакаше да направи силна „унитарна Грузија“, а потоа грузиските националисти ја прогласија паролата „Грузија на Грузијците“.
И во доцните војувања повторно данокот го платија невини луѓ��. Така беше и последниот пат. Тоа многу добро се гледа кога и во Абхазија и во Јужна Осетија се поминува покрај празни куќи, искршени прозорци во кои долго никој не живее. Чии се тие куќи не е тешко да се погоди. Од нив побегнаа Грузијците кои некогаш среќно живееја со своите соседи од други националности. Во Тбилиси раководствата се менуваат, но никако не можат да сфатат дека на коцка ја ставија судбината на своите сонародници кои живееја во Абхазија и во Јужна Осетија. Земја има доволно за сите зашто ниту еден од тие народи немаа голем наталитет.
За време на престојот во Јужна Осетија и во Абхазија, тамошните раководители ни говореа дека се' уште фаќаат грузиски полицајци кои од Тбилиси ги праќаат за извидување и на специјални задачи. Тоа дека Грузија војнички не се смири и помири со поразот покажува и тоа дека и натаму испраќаат извидувачки беспилотни авиони кои пред војната ги купија од Израел. Тие летала што ги испраќа Тбилиси сигурно не летаат за да снимаат разгледници, туку имаат воени задачи.
Поради сето ова, и Јужна Осетија и Абхазија сакаат Русија да направи свои воени бази зашто таа им е единствен гарант за мирот. Малата Грузија, иако ја вооружа Америка, не може сама да војува против руските војски. Нема ни НАТО да војува против Русија, макар и експресно да ја примат Грузија во тој воен сојуз, бидејќи тоа би било крај на светот. Тогаш сигурно би било применето атомско оружје.
Не треба да се потцени опасноста Тбилиси да почне да испраќа диверзанти кои можат да унесреќат стотици апсолутно невини луѓе. Руската федерална служба за безбедност тврди дека има сигурна информација дека терористи подготвуваат акции не само во Абхазија и во Јужна Осетија, туку и на територијата на Русија. Директорот на ФСБ Александар Бортников тврди дека Русија активно соработува со повеќето бивши советски републики, а сега самостојни држави и од нив очекува помош во борба против тероризмот.
Агресорите не штедат ни луѓе ни цркви. Во Цхинвали, главниот град на Јужна Осетија, оштетени се древните православни цркви „Св. Ѓорѓија“ од 11 век и „Пресвета Богородица“ од 17 век. Русија и Јужна Осетија се надеваат дека УНЕСКО ќе го крене гласот и ја предупреди светската јавност дека светите места не смеат да се уриваат.
Додека ја слушавме таа информација, ни се наметна прашањето: знаат ли, воопшто, што е тоа УНЕСКО грузиските војници кои ги гаѓаа од блиските брда или оние што ги активираа ракетните системи „град“ од околината на грузискиот град Гори. Главната одговорност за вандализмот, сепак, е на Михаил Саакашвили и на оние што го поддржуваат, а не на војниците кои некои ги ставил во машината која и не мисли...
На прашањето дали ќе има војна, руските офицери со кои разговаравме во Цхинвали велат дека се уверени дека наскоро нема да има, но голема е веројатноста дека Грузијците ќе почнат со диверзии.
Раководствата на двете нови држави тврдат дека се' зависи од Вашингтон и од НАТО, т.е. од тоа ќе сакаат ли тие да ги вооружуваат своите миленици на Кавказ. Претседателот на Абхазија Сергеј Багапш ни вели: „Многупати ги молевме да не ја вооружуваат Грузија, бидејќи ни беше јасно дека тие подготвуваат војна против нас. Колку имаа оружје и муниција најдобро покажува тоа што се' уште го довезуваме од Кодорската Клисура“, ни вели Сергеј Багапш. Како доказ дека за се' се виновни Американците, кои ја вооружуваа и ја обучуваа армијата на Саакашвили, Багапш ни покажува фотографија на еден загинат американски инструктор, кој учествувал во нападот на Јужна Осетија.
Има многу луѓе од Кавказ од кои го слушнавме истото прашање: зошто Вашингтон не го натера Саакашвили да потпише договор да не смее да се применува сила, туку проблемите да се решаваат по мирен пат. „Многу поминавме, така што со ништо повеќе не можат да не' уплашат, а ако ни е судено да загинеме од куршум, нека биде така“, вели претседателот на Абхазија.
Раководствата на Јужна Осетија и на Абхазија се мошне гневни не само на раководството на САД и нивните сојузници во Европа, туку и на западните новинари кои ги прикажуваат Грузијците како жртви. „Не е тешко да се утврди кој кого нападна. Зошто го премолчуваат тоа, туку сега ги жалат ’незаштитените Грузијци‘“, вели Едуард Кокојти, претседател на Јужна Осетија.
Сергеј Багапш додава дека последните десетина години западните средства за информирање за Абхазија пишуваат само лошо. „Не' претставуваат како некои мрачни брадести луѓе кои се качуваат по дрвја и планини. Не им паѓа на памет да напишат за тоа како страда��ме и поминавме тежок пат во блиската и во подалечната историја“, вели огорчено Сергеј Багапш.
Децата тргнаа на училиште и како во некој надреалистичен филм во центарот на Цхинвали тие пеат и се радуваат пред зградата на Домот на културата од која останале ѕидовите зашто Грузијците ја погодија со артилерија. По враќањето повторно поминуваме низ Беслан, во чија близина се наоѓа главниот аеродром што го користат Осетијците. Во непосредна близина на аеродромот „Владикавказ“ се наоѓаат старите и новите гробишта. Таму се погребани ученици, родители и роднини на учениците како и нивните наставници загинати во училиштето број 1 во Беслан пред четири години. Да потсетиме, училиштето го зазедоа чеченски терористи кои таму стигнаа со камион. И тогаш Запад првите денови говореше дека училиштето го зазеле „борците за слобода на Чеченија“. Дури подоцна кога на сите им беше јасно дека станува збор за најкрути терористи, западните новинари почнаа објективно да пишуваат за трагедијата во Беслан. Но, и тогаш некои западни новинари се обидуваа да ја фрлат вината врз Кремљ и врз руската армија.
Поминаа четири години од оние тажни денови кога репортерот на „Утрински“ ја виде шокантната слика во училишната фискултурна сала. Сега на гробиштата роднините плачат покрај црвеникавите споменици. На оградата се играчки со кои некогаш си играа децата.
|