Лени Кравиц во Македонија

Целосно заведување на љубовниот рокер
Јасминка Павловска
По неделата вечер (3 август) на Билјанини Извори во Охрид, дури и некој да беше рамнодушен кон музичкиот капацитет, талент, шоуменство, па и личноста на Лени Кравиц, веќе има многу понаклонето и повоодушевено видување на феноменот на плејбој-рокерот. Четиринаесетилјадната публика на охридскиот стадион по првото обраќање на Лени со споредба на охридскиот пејзаж со оној на Бахамите, веќе му го прости (и заборави) едночасовното чекање во празно по настапот на предгрупата „Ареа“, а по изјавата дека е решен повторно да дојде во Македонија, веќе беше стопена и најмалата резерва за ѕвездената вообразеност на Кравиц. Проверените манири на рок-волкот за освојување на публиката го постигнаа вистинскиот ефект за промоција на неговата „Љубовна револуција“ (последниот албум), па концертот се претвори во вистинска размена на позитивно зрачење од сцената кон публиката и обратно. На сите оние што дојдоа на концертот во Охрид (од Македонија, Косово, Албанија...) одблизу им стана јасно зошто Лени е заводник, но и дека е вистински музичар од глава до петици, без резерви.
Во првите редови до бината беше видливо со голо око, а подалеку дури и од видеобим, дека Лени Кравиц и неговите музичари од седумчлениот бенд свират со ќеф, колку за публиката, толку и за себе. Во таква ситуација - не се прашува за цената на гостувањето на Лени Кравиц во Македонија.
Иако македонскиот концерт е дел од промотивната светска турнеја на Кравиц на неговиот осми албум „Love revolution“, Лени вешто ги „програмираше“ новите песни со старите хитови што му ја одредија кариерата. По почетокот со „Љубовната револуција“, следуваа „Bring It On“, „My mama said“, па „Fealds of joy“ од неговиот втор албум, „Dancing ‘Till Dawn“, „It ain’t over til it’s over“, „Dig in“, „All I ever wanted“... па посебна најава за „Ве“, па разнежнување со „Stillness of Heart“, а по „регуларното претставување“ на Лени со вокал и гитара, ново изненадување Лени на клавир и романтично доживување со „I’ll Be Waiting“.
По помислата по еден час од концертот треба да наиде кулминацијата, Лени Кравиц постојано го продолжува задоволството со „Where Are We Runnin’?“, и објаснување дека утредента му е слободен ден и нему не му се брза да го заврши концертот. Со „American women“ и „Flyaway“ веќе одамна е помината официјално предвиденото времетраење на концертот од 70 минути. Веќе е извесно дека Лени го одредува крајот и текот на концертот, симнувајќи се меѓу публиката, но, сепак, има уште до финалето, кое доаѓа со „Are You Gona Go My Way“...
Потоа, ни двочасовниот пат од Охрид до Скопје во сред ноќ не е неиздржлив напор, додека во Охрид останаа „легендите“ дека Лени Кравиц еден ден пред концертот излегол да се дружи со охриѓани, кои не го препознале. На македонските рок-фанови им беше потребно заведувањето на Лени Кравиц!
Лени на турнеја со своите ќерки

Оваа турнеја за промоција на албумот „Love revolution” Лени Кравиц со сета професионалност на неговата музичко-техничка екипа, како и желба за максимално предавање на музичката енергија на публиката (што е очигледно), ја користи и како семејна екскурзија. Тој на оваа турнеја ги носи и своите ќерки, кои со него беа и во Охрид, од каде што продолжуваат за Црна Гора. Тој во Охрид пристигнал еден ден пред концертот и денот го искористил за запознавање со убавините на Охридско Езеро и колку што е можно поблиску запознавање со луѓето од Македонија. Дури и да беше понесен од концертната еуфорија, тој на публиката на стадионот на Билјанини Извори и' се довери: „Ми требаа деветнаесет години за да ве посетам, а отсега вие сте мојот нов дом!“ Концертот траеше два часа и четиринаесет минути, што беше големо надминување на вообичаената ѕвездена концертна минутажа. |