Мислења
Иднината на Европа
Џозеф С. Нај
Сета потенцијална сила може да биде бескорисна ако Европејците не ги решат проблемите што потекнуваат од загубата на доверба во еврото
Во првата половина од минатиот век, Европа се растргна во две војни и ја уништи својата централна улога во светската политика. Во втората половина од векот, далекувидите лидери гледаа над одмаздата и постепено ги градеа институциите на европската интеграција. Мислата дека Франција и Германија повторно ќе се борат една против друга изгледаше невозможна, а развојот на Европската унија ја зголеми привлечноста на Европа и умерената моќ во светот. За жал, тоа историско достигнување е доведено во прашање.
Во мај 2010 година, финансиските пазари загубија доверба во способноста на Грција да управува со својот буџетски дефицит и да го отплати долгот. Стравувањата од неисполнување на обврските почнаа да влијаат врз други земји, како што се Португалија и Шпанија, од 16 земји-членки на еврозоната. Како одговор, европските влади, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд подготвија вонредна програма за спас на еврозоната, со цел да ја смират финансиската бура. Иако таа интервенција значеше привремено здивнување, на финансиските пазари и натаму трае неизвесност. Минатиот месец, германската канцеларка Ангела Меркел прогласи дека, ако падне еврото, „тогаш не само што ќе падне валутата... ќе падне Европа, а со неа и идејата за европско единство“. Европското единство веќе се соочува со значајни ограничувања. Фискалната интеграција е ограничена. Националните идентитети остануваат посилни од заеднички европски идентитет, и покрај шест децении интеграција, а национални интереси, иако потчинети во споредба со минатото, се' уште се важни.
Проширувањето на ЕУ, за да бидат опфатени 27 земји (и други ќе се приклучат), значи дека европските институции веројатно ќе останат sui generis (уникатни) и веројатно нема да создадат силна федерална Европа или единствена држава. Правната интеграција се зголемува, а пресудите од Европскиот суд ги принудија земјите-членки да менуваат политики. Но, интеграцијата на законодавниот и на извршниот сектор заостанува и, иако Европа постави претседател и централна личност за надворешни работи, надворешната и одбранбената политика само делумно се интегрирани.
Низ децениите, расположението во Европа се менуваше меѓу прекумерен оптимизам и напади на „европесимизам“. Како што неодамна истакна новинарот Маркус Волкер, Европа „требаше да остарува како актер на светската сцена, зајакната од Лисабонскиот договор. Наместо тоа, Европа почнува да изгледа како губитник во новиот геополитички поредок во кој доминираат САД и силите во развој предводени од Кина“. „Суштинска форма“, според Волкер, беше состанокот на 18 декември 2009 година, на кој се преговараше за скромниот Договор од Копенхаген - состанок предводен од САД и од Кинезите, кои ги поканија лидерите на Индија, Бразил и на Јужноафриканската Република, но не и Европејците.
А сега, неодамнешната финансиска криза ги изложи ограничувањата на фискалната интеграција во еврозоната, и наметна прашања за улогата и иднината на еврото. Која е иднината на Европа? Како што забележа „Економист“, „токму сега се чини дека насекаде се зборува за релативно опаѓање на Европа. Може да се слушнат депримирачки податоци за идното значење на Европа, и тоа со причина. Во 1900 година, Европа опфаќаше една четвртина од населението во светот. До 2060 година, може да опфаќа само шест отсто, а речиси една третина од нив ќе бидат на возраст над 65 години“. Европа се соочува со сериозни демографски проблеми. Но, големината на населението не е во корелација со моќта, а предвидувањата за пропаѓање на Европа имаат долга историја на неуспех да се материјализираат. Во 1980-тите години, аналитичарите зборуваа за евросклероза и парализирачка слабост, но во децениите што следеа Европа покажа импресивен раст и институциски развој.
Пристапот на ЕУ за споделување на моќта, изработување договори и за решавање на конфликтите од многубројни комитети, може да биде фрустрирачки и да му недостига драма, но тој е се' порелевантен за многу прашања во еден поврзан и меѓусебно зависен свет. Како што изјави Марк Леонард, директор на Европскиот совет за надворешни односи, „Конвенционалната мудрост е дека часот на Европа дојде и помина. Нејзиниот недостиг од визија, поделби, опседнатост со правни рамки, неподготвеност да презентира воена моќ и склеротичната економија се во контраст со една Америка подоминантна дури и од Рим... Но, проблемот не е Европа - проблемот е нашето застарено сфаќање на моќта“.
Американскиот политички научник Ендру Моравчик дава сличен аргумент дека европските нации, поединечно и колективно, се единствените држави освен САД кои можат да „применат глобално влијание низ целиот спектар, од ’цврста‘ до ’умерена‘ моќ. Доколку терминот задржува некакво значење, светот е биполарен и веројатно така ќе остане во предвидливата иднина“. Моравчик тврди дека песимистичката прогноза се базира на реалистичко гледиште од 19 век, според кое „моќта се поврзува со релативниот удел во вкупните глобални ресурси, а земјите се вовлечени во константно ривалство со нулта вредност“. Покрај тоа, како што истакнува тој, Европа е втората воена моќ во светот со 21 отсто од воените трошоци во светот, во споредба со пет отсто за Кина, три отсто за Русија, два отсто за Индија и 1,5 отсто за Бразил.
Десетици илјади војници од земјите-членки на ЕУ се распоредени надвор од своите матични земји - во Сиера Леоне, Конго, Брегот на Слоновата Коска, Чад, Либан и Авганистан. Во однос на економската моќ, Европа го има најголемиот пазар во светот и претставува 17 отсто од светската трговија, во споредба со 12 отсто на САД. Европа, исто така, дава половина од странската помош во светот, во споредба со 20 отсто на САД. Но, сета потенцијална сила може да биде бескорисна ако Европејците не ги решат непосредните проблеми што потекнуваат од загубата на доверба во еврото од страна на финансиските пазари. Сите кои се воодушевуваат на европскиот експеримент мора да се надеваа�� дека ќе успеат.
(Авторот, поранешен помошник секретар за одбрана на САД, е професор на Универзитетот Харвард и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |