Јанкуловска: Нема нова истрага за „Планинска бура“

Полицијата ќе го преиспита случајот зошто на 8 Септември во Тетово не биле истакнати државни знамиња
ТЕТОВО - Нова истрага за полициската акција „Планинска бура“ во Бродец ќе нема. Скептицизмот и негодувањата во врска со Законот за полицијата се надминуваат. Распоредувањето и напредувањето во службата во рамки на МВР е нормално како и за секоја институција. Полицијата ќе го преиспита случајот зошто на 8 Септември - Денот на независноста на Македонија во Тетово не биле истакнати државни знамиња. Ова се дел од одговорите на новинарски прашања на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за време на нејзината саботна посета во Тетово, каде што престојуваше со цел да изврши надзор над работата на комисиите за селекција на кандидатите за идни полицајци. „Законот за полицијата е имплементиран во целост, иако пред неговото донесување постоеја негодувања и скептицизам, особено во некои единици на локалната самоуправа. Сега се гледа дека посериозни проблеми нема. Напротив, угледот и довербата во полицијата се' повеќе се враќа. Тоа се потврдува со фактот што за 150 работни места за полицајци аплицирале дури 4.517 кандидати. Само од Тетовско има 400 кандидати“, рече Јанкулоска. Министерката смета дека последните разместувања во СВР-Тетово треба да се сфатат „како нормална работа која се случува во секоја институција и е плод на покажаните резултати“. Јанкулоска додаде дека нема да ги коментира политичките обвинувања за наводната политичка мотивираност за кадровските смени во СВР- Тетово.
На новинарско прашање дали ќе има нова истрага за полициската акција „Планинска бура“ во Бродец што, наводно, била побарана од Комитетот за превенција од тортура при Советот на Европа, Јанкулоска одговори „Такво нешто не е побарано. Нова истрага ќе нема. Случајот е во судска постапка и ќе заврши. Судската одлука треба да се почитува“. Од министерката Јанкулоска новинарите побараа да го прокоментира и односот на локалните власти во Тетово зошто на 8 Септември - Денот на независноста на Македонија не биле поставени државни знамиња не само по улици туку и на државните и на јавните институции. „Како за примена на сите закони, така ќе се разгледува и овој случај и ќе апелираме до надлежните институции за имплементирање на законите и владеењето на правото, што е една од нашите надлежности. Непоставувањето државни знамиња за празникот е за секаква осуда“, одговори Јанкулоска. (Г.Е.) |