Бизнисменот Блажо Тасев прогласен мртов за да се одложи судење
Лажната информација за смртта на Тасев ја доставил до кочанскиот суд поранешниот стечаен управник на „Саса“, Виктор Тодоров
Иван Бојаџиски
ШТИП - Виктор Тодоров, поранешен стечаен управник на „Саса“, го прогласил за мртов словенечкиот бизнисмен од македонско потекло, Блажо Тасев, кој во 2004-2005 година го купи рудникот за олово и цинк. Подоцна рудникот беше одземен од Тасев, даден на повторна продажба и купен од руската компанија „Солвеј“, која и денес управува со него. Бизнисменот Тасев, со кого вчера имавме средба во неговото родно село Чифлик во близина на Кочани, изјави дека е сигурен оти поранешниот стечаен управник, Тодоров, знаел дека тој е жив, но дека лажната информација за неговата божемна смрт ја доставил до кочанскиот суд со цел одново да се одложи процесот што го води против рудникот.
„Морав лично да доаѓам од Словенија во Кочани за да и' докажам на судијката Катерина Димитрова дека сум жив, а тоа да го потврдам и со пасош. Но, целта со моето прогласување за умрен е постигната. Наместо мојата тужба против ‘Саса‘ сега да добие завршница, рочиштето е одложено за цели шест месеци. На 24 декември повторно ќе доаѓам во кочанскиот суд“, вели Тасев.
За што, всушност, се работи? Завчера во Основниот суд во Кочани требало да продолжи процесот во случајот наречен „Блажо Тасев против РОЦ Саса“. Присуствувал правниот застапник на Тасев, скопскиот адвокат Славчо Секулов. Кога се очекувало почеток на процесот, судијката Катерина Димитрова констатирала дека тоа е неможно. За овој предмет имало поднесок од стечајниот управник Виктор Тодоров со кој се барало прекинување на постапката. Причина, Тодоров имал сознанија дека Тасев е починат!
„Реагирал мојот адвокат и информирал дека се работи за лага. Тој пред судот рекол дека итно, уште наредниот ден ќе се појавам пред судот за да докажам дела не сум покоен. Судот ја завршил постапката одложувајќи ја за шест месеци. Сметам дека тоа е смислено сценарио за ново одложување на процесот. Судството во Македонија не работи како што треба, но верувам дека, на крајот, правдата ќе победи“, рече Тасев и најави кривична пријава против Виктор Тодоров затоа што го прогласил за мртов.
Тасев тврди дека Тодоров е учесник во процесот на одземање на рудникот од негово сопствеништво и се плаш�� од можните законски реперкусии против него, поради што и на вака мизерен начин, настојувал да го одложува судскиот процес. Овој бизнисмен цели пет години бие битка за рудникот, кој во 2004 година го купи на јавен тендер, за подоцна да му биде одземен со изговор дека нема капитал да ја рестартира „Саса“.
„На суд ќе докажам дека рудникот ми беше одземен со грубо кршење на законите, а државата Македонија ќе мора да ми исплати милионска отштета. Да ме оставеа да ја рестартирам ‘Саса‘, ќе донесев уште единаесет словенечки фирми што беа подготвени да инвестираат во Македонија. Губитник во целата оваа фарса е Македонија и невработените што во тие компании ќе обезбедеа егзистенција. Јас сум Македонец по потекло, ја сакам родната земја и немаше да дозволам во рудникот да се работи погрешно, како што се прави во ‘Саса‘. Таму се вади руда само од срцето на рудникот, се експлоатираат богатите наоѓалишта, а се затвораат посиромашните, кои никогаш нема да можат да бидат ставени во функција, односно ќе бидат засекогаш загубени. Но, никој во оваа држава не контролира како се експлоатира рудник“, констатира Тасев. |