Денар по денар, се' живо поскапува

Растот на цената на доларот се посочува како една од причините за новите повисоки цени
Александрија Стевковска
Денар на еден, пет денари повисока цена на друг производ, дава крајна сума при пазарењето која е повисока од вчерашната сметка, а пониска од утрешната. Поскапувањето на прехранбените производи, хигиенските средства и се' останато што секојдневно се употребува, тивко се вовлекува во животот на сите потрошувачи, тенчејќи го паричникот, животниот стандард и нервите на граѓаните, во недоумница како да се протурка барем овој месец.
Граѓаните веќе и престанаа да забележуваат што и колку е поскапо од вчера, бидејќи сите цени се вивнати и веќе не можат да се фатат конците на цехот што се плаќа при пазарењата. Воочливо е дека инфлацијата ни дише во врат, иако официјалните податоци илустрираат нејзин благ облик на манифестирање. Така, според НБМ, на годишно ниво инфлацијата во април изнесувала 1,4 отсто, рефлектирано најмногу преку еднократниот пораст на цените на електричната енергија и парното греење од почетокот на годинава, како и повисоките увозни цени на нафтата.
А нови цени имаат речиси сите производи. Некаде промената е едвај забележителна, а некаде таа е и премногу воочлива во напумпаните крајни сметки. Најголеми поскапувања има во малите маркети, но вклучувањето на сетилото за добро забележување покажува дека тоа се случува и во поголемите маркети, само што таму се завртува паметот од мноштвото производи, па потешко доаѓаат до израз новите повисоки цени.
Како алиби за скокот на цените на производите се користи растот на вредноста на доларот. „Цените на месните и млечните преработки се зголемија во последниов период, а тоа се должи на недостигот од суровини за нивна изработка во светски рамки. Друг виновник за поскапувањето на производите е растот на вредноста на доларот, валута со која се врши нивната набавка. Процентот на поскапување се движи од 10 до 15 отсто“, вели Мартин Марковски од „Рудине“, фирма, која освен што е дистрибутер на прехранбени производи, од неодамна почна и со производство на првата македонска „Гауда“.
Според производителите на храна, зголемувањето на цените не е нешто невообичаено за овој период од годината. „Во овој период секоја година доаѓа до зголемување на цените на некои производи. Најголем скок е регистриран кај увозното месо, кое се набавуваше од Америка и од Бразил, што се должи на растот на доларот“, вели Ристо Ташев од „Жито Вардар“.
Освен преработките, голем скок на цените е забележан и кај овошјето и кај зеленчукот. Оние што го собираат кајмакот од овие ценовни шпекулации се трговците.
„Градинарските производи на големо се продаваат по двојно пониска цена од онаа што може да се најде на зелените пазари низ земјава, па потрошувачите имаат впечаток дека земјоделците се офајдија оваа година. Тоа не е така, бидејќи цените се исти како и претходните години, но изгледа трговците до лани одеа со пониска маржа. Годинава тие ги продаваат производите двојно повеќе од набавната цена, па ако на големо за килограм домати се плаќа 30 денари, истите домати на пазарот на мало се продаваат за 60 или 70 денари. Ќарот од ваквите математики оди во џебот на трговците“, вели Данаил Паланков, производител на градинарски производи. Очигледно, смета тој, трговците се извежбаа како да се офајдат па ден или два не откупуваат за цените да паднат, па тие да почнат пак да откупуваат, но не и да ги намалат крајните цени.
„Интересно е што цените на градинарските производи се речиси исти и во маркетите и на пазарите, што досега не било случај. Како и да е, очекувам деновиве цените на зеленчукот да паднат, бидејќи веќе излезе пластеничкото производство“, додава Паланков.
Поскапувањето на доларот како алиби не им значи многу на граѓаните што пазарат во денари, а и нив ги имаат се' помалку. Се' попосни се и нивните дневни менија. „Ако до пред некој месец јадевме месо барем двапати неделно, сега тоа се случува едвај еднаш неделно. Не можам да се изначудам при секое влегување во маркет на повисоките цени, а при излегување на полупразните кеси. Секој месец станува се' полош и полош, па едвај се закрпуваме за јадење. Дебелите сметки за парно и струја си ги трупаме дома, па ги плаќаме со задоцнување од неколку месеци, во надеж дека наредниот месец од лото или некој друг извор ќе најдеме пари, барем за навремено плаќање на сметките“, вели скопјанката Марија Велкова.
Освен што граѓаните се откажуваат од голем број производи, тие се' повеќе ги заменуваат поскапите со поевтини производи. Колку и да биле реални поскапувањата, станува збор за движење, кое тешко може да ги следи платите што ги земаат просечните македонски граѓани.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март изнесувала 20.338 денари, а брутото изнесувала 29.938 денари. Оваа плата, иако е просек, се' уште е сон за голем дел работници. Речиси две третини од вкупниот број вработени примаат плата на границата на висината од потрошувачката кошничка околу 200 евра што значи дека над 400.000 вработени примаат плата што е недоволна да ги покрие основните животни потреби за храна. Со просек од 20.000 денари може да се пофалат околу 160.000 вработени. |