Партиите плаќаат по триста евра од секунда за рекламирање!?
Чии пари трошат партиите и од каде им се толкави суми за реклама, прашуваат помалите партии
Жаклина Хаџи-Зафирова
Триста евра од секунда рекламирање на телевизија за време на вести бараат скопските телевизии за политичко претставување за претстојните избори. Помалите политички партии се откажуваат од намерата да ја прифатат оваа сума, со која велат дека не им се дава еднаква шанса да се рекламираат како и другите партии.
„Цените се премногу високи. Ако се видат ценовниците што се нудат за спотови, реклами и за билборди, се поставува прашањето чии пари трошат големите партии и од каде им се толкави суми, посебно за електронските медиуми, бидејќи една секунда на телевизија чини колку цела страница во колор во весник“, вели лидер на една од помалите партии. Од телевизиите се правдаат дека се работи за суми кои се деловна тајна, ако тоа не им одговара на партиите, тогаш не мора да се рекламираат.
Ценовниците за рекламирање за овие избори веќе се објавени и се јавно достапни на веб-страницата на Државната изборна комисија, а од Советот за радиодифузија укажуваат дека станува збор за информации кои според Изборниот законик и' се достапни на јавноста.
Канал 5 телевизија води со високите цени за рекламирање во текот на емитување на вестите. Секунда рекламирање пред вестите за економија, кои се емитуваат на телевизијата во 17 и 19,30 часот, чини 300 евра, додека пред и по вестите е 200 евра. За минута емитување платена политичка програма телевизијата наплаќа 2.500 евра, иако има и попусти.
Цената за емитување промотивни спотови на Сител телевизија е 200 евра за секунда од 17 часот до полноќ, колку што е и цената на спотовите во текот на викендот. За емитување политичка презентација цената е 4.000 евра за минута од 17 часот до полноќ.
Слични се цените за емитување на рекламните спотови и на А1 телевизија. Цената за емитување спотови по најавата на вести во 19 часот е 260 евра за секунда, додека пред вестите е 130 евра. А1 телевизија има посебни цени за емитување рекламни содржини во секоја емисија. Директорот на А1 телевизија, Дарко Петрушевски, вели дека имаат попусти за рекламирањето, а тие им нудат еднакви услови на сите партии. „Во однос на претходните избори, мислам дека цените се исти“, вели Перушевски.
Другите телевизии се поевтини. Сто евра чини рекламирањето на Телма телевизија во вид на платена политичка програма за минута во периодот од 16 до 1 часот по полноќ. Телевизијата предвидува и попусти. Директорот на телевизијата, Ристо Лазаров, вели дека цените се деловна тајна.
„Најпрвин треба да се каже дека цените на ТВ-рекламите воопшто во Македонија се убедливо најниски во регионот. Секоја телевизиска куќа посебно си ја утврдува својата деловна политика. Сите ние сме на пазарот и сите зависиме од него. Како медиуми и како корисници на рекламен простор, исправени сме пред суровото правило: колку пари - толку музика. И толку попусти, се разбира“, вели Лазаров. Тој коментира: „Телма реши да не се појавува на пазарот со зголемени т.н. изборни цени на рекламниот простор. Не сакаме да бидеме дерикожи, но исто така, не допуштаме некој да не' потценува. Телевизиите не се единствената расходна ставка во изборната кампања, односно висината на другите издатоци за рекламирање не е ништо пониска. За нас е најважно на сите да им гарантираме еднакви услови, а ако сме ја претерале со цените – самите ќе ги трпиме последиците“, објаснува тој.
Помалите партии претпоставуваат дека цените за ТВ-рекламирање се намерно набилдани, бидејќи големите партии се блиски до дел од медиумите кои се национални концесионери, па се сомневаат дека можеби тие на поинаква основа ги регулираат рекламирањата.
„Ако се види минутажата на спотовите и каде се рекламираат големите партии, очекуваме дека за време на викендот и на тоалетна хартија ќе ги стават своите ликови. Се плашам да го отворам фрижидерот да не ми излезе Коце Трајановски оттаму“, вели челникот на една партија, шегувајќи се околу рекламирањето. Но, тој вели дека, сепак, темата е сериозна, бидејќи според него, се поставува прашање чии пари трошат партиите и што е уште поважно, од каде им се парите за рекламирање.
„Прашањето е од каде им се толку пари и дали преку изборните сметки што ги отворивме на изборите ќе се платат трошоците на партиите?“, прашуваат помалите партии. |