ММФ загрижен за жешките економски проблеми во земјава?
Шефот на Мисијата Марк Грифитс вчера имал состанок со гувернерот Петар Гошев
Продолжува скенирањето на економските движења во земјава од шефот на Мисијата на ММФ за Македонија Марк Грифитс, кој од пред неколку дена е во неофицијална посета на земјава.
Според сознанијата, Грифитс во текот на вчерашниот ден се сретнал со гувернерот на Народна банка на Македонија Петар Гошев. Но, учесниците на разговорот не откриваат детали, со оглед на неформалниот карактер на неговата визита.
Но, не е тешко да се претпостави за кои теми најмногу се интересирал Грифитс. Најжешките точки во македонската економија моментно се високата стапка на инфлација во земјава, драматичниот раст на трговскиот дефицит за првата половина од годинава, како и случувањата во енергетскиот сектор, односно огромниот увоз на струја во изминатиот период, кој е и еден од пресудните фактори за високиот минус во надворешнотрговската размена. Неофицијалните информации говорат дека ММФ е загрижен за трговскиот биланс, кој за половина година отиде во дебела негатива и надмина милијарда долари. Трговскиот дефицит вообичаено се пеглаше преку дознаките од нашите иселеници од странство, но оваа година тие значително се намалени. Од тие причини, возможно е тој да треба да се покрива со интервенција преку девизните резерви, што ја носи, пак, опасноста од нивно топење. Црвеното салдо на државата во вакви услови единствено може да се покрие со нови задолжувања.
Освен високиот трговски дефицит, поголем дел од разговорите сигурно биле посветени и на инфлацијата, како и на ефективноста на мерките на НБМ за нејзино намалување, но и дали има потреба од преземање нови мерки.
Вчерашната средба со првиот човек на НБМ се надоврзува на средбите што ги имал Грифитс во текот на завчерашниот ден со експертите од делот на енергетскиот сектор. Имено, на тие средби се разговарало за загриженоста на ММФ за експресното донесување на законите за енергетика и експропријација. Во рамки на тие разговори се изразила грижа за натамошното функционирање на енергетскиот сектор и се побарало објаснување зошто од година на година се намалува домашното производство на електрична енергија, зошто се трошат огромни суми пари за увоз на струја, дали некој прави бизнис со електричната енергија, продуцирајќи профит за себе, но и големиот трговски дефицит кој се регистрира во најголем дел направен токму поради увозот на струја. Загриженоста на Грифитс била токму во делот како понатаму ќе оди производството на струја, со оглед на тоа дека експресно донесениот Закон за енергетика го цементира монополот на ЕЛЕМ во поглед на производство, увозот и и извозот на струја. Била разгледана поврзаноста на Законот за енергетика со Законот за експропријација, со кои државата ќе може да одзема имот или објект кој врши пренос на струја ако оцени дека тоа е во нивен интерес.
Посетата на Грифитс на Скопје и неговите средби со институции, банкари, експерти е неформална и поради тоа поминува далеку од очите на јавноста. Се дознава дека монетарците имаат доза на загриженост за економската ситуација во земјава, но и да го опипаат пулсот на нашите власти за можноста за склучување нов аранжман, кој завршува во август. Неофицијално, нашите власти немаат преголемо расположение за нов договор со ММФ за поддршка на платниот биланс, но тоа засега останува во зоната на шпекулациите. Денеска доцна вечерта Грифитс треба да се сретне со министерот за финансии Трајко Славески. (А.С.) |