Изворот во Кисела Вода кај Битола однесе уште една жртва
БИТОЛА - Ристо Котевски (77) од Битола вчераутро околу 8 часот бил пронајден мртов кај познатиот т.н. извор-убиец за минерална вода во месноста Кисела Вода во битолското село Бистрица. Старецот, најверојатно, се задушил со отровни гасови во јамата, кои ги има во изобилство поради затворениот простор.
Мртвото тело на Котевски паднато во дупката длабока неколку метри го видел случаен минувач. Недалеку од местото на несреќата, бил оставен и неговиот велосипед. Првичните информации од полицијата по увидот на лекарите говорат дека врз телото на починатиот нема траги од насилство. Се претпоставува дека Котевски утрото со велосипедот отишол да наполни кисела вода од изворот, по што се задушил од јаглеродниот диоксид.
Во последните десет години, десетмина битолчани на истиот начин настрадаа од опасните гасови. Граѓаните, пак, кои редовно ја користат водата за пиење, велат дека знаат како да ги наполнат шишињата кога ќе слезат во јамата.
„Не верувам дека е опасно, опасните гасови се препознаваат. Само треба да знаеш како да ги наполниш тубите со главата нагоре или свртена настрана, а некои од брзање сакаат да се напијат вода уште на чешма“, вели Филип Стојчевски од Битола.
Познавачите на приликите велат дека е доволно човек да вдише неколку пати од гасовите и да ја изгуби свеста. (А.Б.) |