Кумановските бизнисмени на отстрел
КУМАНОВО - За пет дена во Куманово од неидентификувани напаѓачи настрадаа двајца познати бизнисмени во градот. Две лица маскирани со црни качулки на главите и вооружени со пиштоли завчера околу 21 часот го нападнале Ласте Л. (47), сопственик на синџир- продавници за прехранбена и колонијална стока на фирмата ,,Елида“ во Куманово. Како што соопшти СВР-Куманово, газдата на ,,Елида“ бил нападнат пред неговата куќа на улицата ,,Вук Караџиќ“ додека го паркирал џипот. Во тој момент врз него се нафрлиле две маскирани лица и во мешаницата, еден од двајцата напаѓачи го удрил со рачка од пиштол во пределот на главата. Кога оштетениот почнал на глас да повикува помош, напаѓачите избегале од местото на инцидентот во непознат правец.
Повредениот бил префрлен во Медицинскиот центар каде што му е укажана помош, а потоа е упатен на домашно лекување. Полицијата работи на расчистување на случајот. Пет дена пред овој инцидент, поточно во саботата, беше пукано со ,,калашников“ во директорот на угостителското претпријатие ,,Бисерка“ и претставник на прилепската пиварница за Куманово, Александар Илиевски, кој при нападот беше ранет во пределот на рамото. Напаѓачот во меѓувреме од полицијата е идентификуван како А.З. (40) по кого се' уште се трага. И двата случаја во кумановската јавност се коментираат како нарачани напади од конкурентски мотиви и нерасчистени должничко-доверителски сметки. (Ст.Б.) |