Стечајна управничка поднесе пријава против сопственикот на штипска „Метална“
Цветановска го обвинува Бојаџиев дека го растурил имотот на фабриката
Иван Бојаџиски
ШТИП- Нада Цветановска, поранешна стечајна управничка на повеќе штипски претпријатија, која во штипскиот затвор издржува затворска казна во траење од четири години поради примање поткуп, за кој таа цело време тврди дека е наместена работа, преку Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Ѓорѓи Бојаџиев, сопственик на удели во штипска „Метална“.
Цветановска, која беше стечајна управничка и во „Метална“, кривичната пријава ја темели на фактот што Бојаџиев добил, но не ги платил во целост уделите на Агенцијата за приватизација и со неодговорно и несовесно работење го отуѓувал, односно растурал имотот на оваа штипска фабрика.
Во кривичната пријава Цветановска тврди дека Ѓорѓи Бојаџиев го продавал имотот на „Метална“, кој бил попишан од страна на судот, на правни и на физички лица, иако целосно не бил платен на Агенцијата за приватизација. Со тоа ставал под хипотека туѓ имот како гаранција за неплатени рати, согласно со склучениот договор за купопродажба на удели. Откако ќе продадел дел од имотот, Бојаџиев ги земал парите на рака место да бидат уплатувани на сметката на фабриката.
Според кривичната пријава, со овој чин Бојаџиев сторил кривично дело бесправно отуѓување туѓ имот по багателни цени и склучување купопродажни договори со лица кои немале финансиска моќ да ги подмируваат своите обврски кон „Метална“. Со тој чин, Ѓорѓи Бојаџиев, кој едно време беше на чело на „Метална“, предизвикал стечај и ликвидација на фабриката, а во исто време за себе прибавил значителна материјална корист, чија висина дополнително од вешти лица требало да се утврдува.
Според текстот на пријавата, Ѓорѓи Бојаџиев не бил сопственик на „Метална“, но како имател на удели тој имал законско право само да управува со „Метална“, но не и да отуѓува нејзин имот.Но, наводно, тој свесно го правел тоа со намера на штета на доверителите и работниците да стекне лична имотна корист, а во целиот тој незаконски процес ја оштетувал и државата со неплаќање даноци, придонеси и други давачки. Во текот на судскиот процес што се водеше против Цветановска, во тоа време најпознатата стечајна управничка, која беше дури член на комисијата за изработка на новиот закон за стечај, таа тврдеше дека во местенката за наводен поткуп бил инволвиран и Бојаџиев. |