Кич-митологии
Собирање на шаторот
Венко Андоновски
Мастило наместо крв, хартија наместо топовско месо: да научиме да гласаме!
Бевме деца, а како сега паметам: кога доаѓаше циркус, се сместуваше спроти „Букурешт“. Таму имаше празен простор, цела една лединка. Кога веста ќе ја донесеше некој од возрасните во Влае (се враќаа најчесто со автобус, а не како денес со автомобил), ние ги јавнувавме велосипедите и брзавме кон поликлиниката. Не смеевме да го пропуштиме најважното (покрај доаѓањето на приколките со животните): поставувањето на шаторот. Тоа беше митски чин, чин на космогонија, на поставување ново, мало, шарено, номадско, речиси чергарско небо врз ограничена територија од веќе постојниот свет. Циркусот беше свет во свет, како мала кукла „бабушка“ во поголема. Шаторот беше симбол за магијата на новите светови. Најтажни пак, бевме кога се собираше шаторот. Тоа значеше да се чека цела вечност до повторното доаѓање на резервниот свет на убавини, магии и трикови.
Таков свет, таков шатор ни остана сега за демонтажа, по неделните избори. Полека ќе треба да се спакува шарениот шатор на убавите кампањи, на футуристичките визии, на пасторалните слики за иднината. Ќе треба да се ослободат билбордите, паноата, телевизиските екрани, плоштадите од се' што беше икона на ветените, магични, идеални и идеализирани светови. Кога шаторот ќе се демонтира - ќе остане вистинскиот, голем и суров свет: проблемите со името, членството во НАТО и ЕУ, инфлацијата, стечајците, невработените, новите инвестиции...
На Груевски ќе му треба многу способност, добра волја, време, психо-физичка кондиција и добар, чесен тим. Впрочем, не верувам дека и тој не чувствува дека шаторот си заминува и останува реалноста. Таа е се', до следниот шатор. До следните избори.
Како ги видов јас овие избори? Сега, кога се' е завршено, кога веќе никој никого не може да обвинува дека крши предизборен молк или дека со колумни се вклучува во нечија кампања, можам да кажам: овој пат шаторите на кампањите не беа само циркус и место за масовна забава на народот. Тие беа и доста цврсто улогорени војнички шатори. Тоа посебно важи за албанските партии: таму се пролеа и крв, што дефинитивно не' смести во најдолниот дел на цивилизираниот свет. Срам што не се мие ни заборава.
Кај македонските партии шаторите повеќе личеа на циркуски отколку на воени (не во по��рдната смисла на зборот „циркус“, туку во смисла на ветување чуда и чудесни светови), но и таму, сепак, се водеше една мала, скриена војна, меѓутоа без крв, за среќа. Едниот табор беше поголем и покласичен (кампањата на ВМРО-ДПМНЕ), популистички, речиси типичен постреволуционерен воен шатор: со авторитарни телопи на државно соопштение како некогаш од АГИТПРОП, со букви кои на ТВ-екранот одат од долу нагоре и уште придружени со сериозен преродбенски спикерски глас кој чита проглас за стимулација за запишување во средно образование, за трето дете, или ветува академски стипендии. Другиот помал, поскромен, но светкав, исто така: повеќе во општи симболи и слики (ветено сонце), но без конкретни проекти и програма. Слабо алиби е тука дека опозицијата не започнала проекти затоа што ги нема лостовите на власта, ниту буџетот. Првиот шатор имаше речиси војничка хиерархија (поставеност на луѓе) и на митинзите, дури и со цврсто сценарио кој човек зад говорникот ќе го започне аплаузот; вториот - помалку структуриран во хиерархиска смисла, па оттаму и со впечаток дека е послабо организиран и подготвен за „војна“. Беше што беше, а беше сепак мала војна: со доста пролеана крв од мастило, многу жртвувана, повредена, измалтретирана, дури и иштипана хартија. И овој пат не се штедеа и навреди, и дискредитации, дури и вулгарности: се спомнуваа шестмесечни патки, бегања од женски фустан... Но, тоа е војната, макар била и само кампања – таа е ноторно вулгарна затоа што калкулира секогаш со (симболичката) смрт на другиот.
И потем - недела. Резултатот е познат: Груевски победува. Го гледам неговиот настап пред новинарите и целата јавност. Одеднаш, станува свесен дека шаторот почнува да се демонтира. Џентлменски говори: им честита на сите, дури и на оние кои не гласале за него. Конечно, кога се соопштува цифрата на освоените гласови, низ брановите аплаузи, тој решава да и' честита и на опозицијата. Убаво, културно и првпат без иронија во гласот. Во тој миг, веројатно поради инерцијата со која публиката ги слуша резултатите, се слуша само едно (очигледно непредвидено) „плес“ – некој, не слушајќи за кого станува збор, плеснува со дланките. И веќе во следниот миг се сепнува. Тој миг ќе го помнам од овие избори: дали беше тоа миг кога можеше да се случи, за малку, чудо – да добие аплауз и политичкиот „контрапартнер“ (изразот е на Груевски и покажува омекнување на ставот за „противник“). Тоа многу ќе значеше за нас како држава. Не се случи, но Груевски посака брзо закрепнување на опозицијата, за да може и власта да биде поцврста.
Потоа, по полноќ, Шекеринска. Говори умно, воздржано, можеби малку понервозно од вообичаено, но целосно достоинствено, речиси џентлменски како и Груевски. Во еден миг, кога ја спомнува победата на Груевски, некој (како и во претходниот табор), осамено извикува „Уа!“. Но, останува без поддршка. Дури: гледам мал знак со раката од Шекеринска, да се воздржи. И добро е што не се разлеа „Уа“. Дали она осамено, неподдржано „плес“ и тоа што не се разлеа она „уа“ говори дека конечно сме зрели да се почитуваме во разликите?! Или повторно сум оптимист без покритие?
Како и да е, шаторите се спакувани. И воените, и магичните. За албанскиот блок тоа не смее да се повтори, иако допрва ќе се прегласува. По две седмици, сите треба да знаат: може да има само хартија и мастило. Ништо друго од оружје не смее да се има на гласање, доколку сакаме да бидеме препознаени како цивилизирани луѓе, и доколку сакаме Балканот веќе да не го гледаат како гробничко поле посеано со војнички шатори и изглодани коски на непријателот. Албанските лидери треба да се угледаат на Груевски и Шекеринска. Треба конечно, да ја сфатат и на своите гласачи да им ја објаснат разликата меѓу симболичката и медицинската смрт. Особено ако втората може да ја погоди и заедничката држава.
(Авторот е професор на Филолошки факултет) |