МАГАЗИН
Удар на рокенрол-империјата

Најголеми албумски рокенрол-освежувања на истекот на оваа плодна дискографска година
АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ
Станува збор за плодна година на дискографски план, а тоа го покажуваат и големиот број нови албумски проекти. Некои од нив се очекувани и најавени од страна на некои бендови и соло-изведувачи, но, секако, има и голем број изненадувања, на пример, од состави за кои одамна не сме слушнале и кои решиле да направат своевиден кам-бек на музичката сцена. Во секој случај, се работи за плочи кои одлично поминуваат кај публиката и навистина се добро осмислени и испродуцирани, што секако е правило кога станува збор за музички величини и квалитетни бендови.

Започнуваме со најсвежото од англиските принцови на темнината „Кјур“, чија долговечност беше евидентна уште од самиот почеток во 1976 година. Овој бенд од Кроли (Западен Сесекс) навистина има што да каже и во овие нови времиња каде што царуваат други норми на светската сцена, а доказ за тоа е и неговата култност сите овие години, иако имаше неколкукратни персонални смени и падови. Секако, креативната оска околу која се врти приказната за „Кјур“ е контроверзниот и луциден фронтмен Роберт Смит, кој успеа да го задржи јарболот на бендот низ годините. Членовите на групата имаат повод за радување, затоа што нивниот нов проект 4:13 Dream (тринаесетти по ред) одлично е прифатен и од нивните фанови и од критиката. Овој албум не претставува нешто револуционерно од опусот на темните островски романтичари и, според многумина, е своевиден колаж на нумери кои првенствено биле предвидени да се најдат на двоен албум, но сепак, на крајот се нашле на ова единечно издание. Со враќањето во бендот на некогашниот оригинален гитарист, дамнешен клавијатурист и саксофонист Томсон, тие го насочиле своето музичко дејствување кон една своја мината ера, правејќи обид да ги ретушираат 1990-тите години. Критичарите веќе наголемо зборуваат за таа тенденција на британските бендови да прават мали обиди за правење големи плочи како во минатото, што секако многу ретко им успева, но барем потсетуваат на златните времиња и квалитетната музика која традиционално доаѓала од островот. Роберт Смит веќе во неколку интервјуа изјави дека овој албум е само дел од она што има да го каже, а остатокот има намера да го издаде по околу четири години. Големиот дел од критиката реагира и на нивната скудна продукција која досега се потпикнуваше во графата на нивниот артистички музички израз, стил и препознатливост, но во денешни времиња, рака на срце, каде што проектите на сите мали и големи ѕвезди се испеглани до беспрекорност, тоа не им е допуштено. Во секој случај, публиката си го кажува своето, односно дека се работи за одлична плоча која ретко се задржува на полиците во музичките продавници, а Роберт Смит уште еднаш докажува дека е човек, музичар и урбан поет, чие значење е несоборливо и зацементирано и која било рутинска музичка работа знае добро да ја замисли и изведе. Роберт и дружината веќе ги засвиреа првите песни од албумот на фестивалите во октомври, а на 11 ноември одржаа и бесплатен концерт за своите фанови во Рим.

Следен што има причина да се радува е англискиот инди-рок бенд „Кајзер чивс“, кој ја ситни веќе втората декада од своето постоење. Овој типичен претставник на т.н. брит-поп тукушто го издаде новиот албум. Музичарите од Лидс, вокалот Рики Вилсон, гитаристот Вајт, басистот Рикс, клавијатуристот Бејнс и тапанарот Хоџсон (кои се нарекле „Кајзер чивс“ по еден јужноафрикански фудбалски клуб), се дел од големиот музички брит-поп бран кој доаѓа од Островот претставен од „Блок парти“, „Франц Фердинанд“, „Фјучрхедс“ и др. Не е познато дали нивниот трет и нов студиски албум Off With Their Heads алудира на Out of Their Heads од „Ролингстоунс“ од 1965 година, но секако е несомнено дека британските бендови и музика имаат се' помало влијание во однос на американските бендови, а дополнителен факт е што дури денешниве знаменосци имаат попитома музика од онаа што се свиреше во 1960-тите. Иако во овој проект се наѕираат влијанијата од култните британски бендови и сето тоа звучи како добро научена лекција од минатото, сепак, ова е проект за почит на бендот што го сака цела планетарна студентска популација која преферира малку поинаква музичка слика. На албумот на момците им гостува прекрасната Лили Ален како придружен вокал на Always Happens Like That и Never Miss a Beat, а најинтересно е гостувањето на прославениот реномираниот композитор за филмовите за Џемс Бонд, Дејвид Арнолд, кој го прифати предизвикот на овие млади музичари. Во тек е нивната промотивна турнеја, а фронтменот Рики Вилсон (кој инаку е огнен фан на клубот Лидс) продолжува со својата најпосакувана активност за време на концертите – да сурфа низ публиката и да го почувствува нејзиниот мирис. Голем дел од албумот е негово авторско дело и секогаш употребува многу автобиографски елементи во своите песни и детали од својот приватен живот.

Black Ice е најновото остварување на хард-рок камелеоните AC/DC кои доаѓаат од Сиднеј, Австралија, а главни фигури во составот се браќата Малколм и Ангус Јанг. Иако критичарите отсекогаш за нив имаат мислење како за пионери на хевиметалот, сепак, тие веруваат дека она што го свират е чист рокенрол. На прв поглед сега можеби изгледаат како питоми чичковци кои некогаш во животот бил опасни и правеле силни и агресивни рокерски плочи, а сега се само билки што вегетираат, но, сепак, нивниот материјал дефинитивно го демантира тоа во секој поглед. Пред 30 години беа вистински симбол на развратот, агресивноста, рецидивите на општеството и ја купуваа младината со својата бунтовност, непресметливост и бучава, но денес тие се само еден носталгичен спомен за онаа суровост и агресија што ја сервираа во младоста, која едноставно не се вклопува во приликите на овој нивни денешен свет. Нив ги немаше долго време и може да се каже дека минатиот албум излезе во минатиот век и тоа беше оној момент кога сите во светот помислија дека рокерите од AC/DC ги предале ракавиците и дигнале бело знаме, но осум години подоцна, засилени со извонредниот продуцент Брендан О’Браен (генијалецот кој го соѕида звукот на „Стоун темпл пајлотс“ и „Перл џем“), докажаа многу спротивни работи. Убедливоста на музиката на AC/DC е камен-темелник на нивната успешна приказна и тие само остануваат доследни на себе и на своите пишувачки навики: да ги базираат своите песни само на три акорди како успешна формула. Тука е прецизноста на тапанарот Руд, кинескиот ѕид од гитари на браќат�� и Вилијамс, како и вокалот на Брајан Џонсон, остар како жилет, кој дава простор за импровизација околу она што се нарекува лик и дело на овој состав. Станува збор за бенд кој добро заработува и веројатно затоа не го тангираат следењето на модата и промените во стиловите, тие не кокетираат ниту со политика ниту се додворуваат на некои светски трендови, туку едноставно се замрзнати во времето и искрени кон тоа што го свират – нивниот рокенрол. Контроверзиите на нивните текстови, музиката, набиеноста со либидо и други баханалии, секако, не ги одврати сопствениците на синџирот Wal-Mart (кој е ексклузивен продавач на албумот, а воедно и стожер на семејните вредности) да му дадат примат и покрај фактот што се продава како алва и има цела армија потенцијални купувачи. Ниту критичарите не можат да објаснат што е тоа што ги излудува слушателите кога ги слушаат истите акорди што ги свират 30 години, но, секако, овие музички волшебници на посебен начин го прават тоа да звучи и изгледа свежо и недопрено во ова време.

Женскиот рокенрол-воин Пинк, која изгледаше и звучеше феноменално на доделувањето на наградите на Ем-Ти-Ви, не се предава. И нејзиниот нов албум Funhouse е распродаден од музичките продавници низ светот. Алесија Бет Мур влегува во периодот од кариерата кога одлично поминува и се' и' тргнува од рака, а доказ за тоа е големата продаваност на петтиот албум. Тоа некако и' дојде како победничка круна по ударите што ги претрпе од животот: продадени 22 милиона албуми, бурен и мачен развод, големи проблеми со алкохолот, жена во постојан конфликт со себе и со околината. Тогаш се роди и албумот Funhouse, кој во главнината го потпиша самата Пинк, а и' помогнаа врвни професионалци од типот на Били Мен, Макс Мартин и Бач Вокер. Овој тематски музички буквар се потпира на две нозе: големата борба и победата врз алкохолот и громогласниот развод со мототркачот Кори Карт. Според интервјуата што ги даваше и нејзините убедувања, таа мисли дека овој албум е своевидна јавна исповед што се одвива низ еден масовен поглед на очите на јавноста и дека лошите работи може да се надминат само со отвореност кон публиката.
Нејзината темпераментност и плукањето в лице на сето она што ја тангира се отсликуваат во водечката So What, која е вистинска поп-панк нумера на која полудува светот. Во тој сингл таа сликовито алудира на односите со својот бивш сопруг и му се обраќа, а спотот поттикна и одредени сомневања дека таа можеби и навистина има лезбиски сексуални склоности како што се зборуваше досега. Можеби таа ќе го заборави него на претстојната турнеја Funhouse, зашто е воодушевена што ќе се оттргне од мислите и што ќе тргне на пат за да им се посвети на своите обожаватели. Оваа турнеја ќе биде наследник на нејзината последна турнеја од 2006-2007 I'm Not Dead, која беше една од најголемите таа година. Во претстојниот период ќе дознаеме дали Пинк се разочарала комплетно од машкиот род или тоа е само еден маркетиншки трик, а сега за сега изјавува дека ова е нејзин албум-споменар, каде што ги заклучила спомените на кои не сака да се сеќава во иднина.
|