Си велам
Математиката на претседателот
Ерол Ризаов
Во држава со сиромашен народ тешко се спроведливи високи демократски стандарди
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, вели дека ни се потребни 8.000 евра национален доход по глава на жител за целосна имплементација на Охридскиот договор. Сигурен сум дека нашиот претседател не го мери нивото на демократијата според примањата и стандардот на граѓаните, но во симболиката на пораката што ја испрати до граѓаните на Македонија има голема вистина. Постојат држави кои имаат над 30.000 евра по глава на жител, ама имаат и диктатура. Но, се' уште не е познат пример на современо демократско општество со високи демократски дострели, а со национален доход од 2-3 илјади евра по глава н�� жител. Во држава со сиромашен народ тешко се спроведливи високи демократски стандарди. Таму владее популизмот, манипулацијата, криминалот, митото и корупцијата, бирократијата и страховладата. Ако на тоа мислел нашиот претседател Иванов кога како единица мерка за нивото на демократските процеси ја зема сиромаштијата, се согласувам. Целосно е во право.
Според веселата математика на претседателот, ни останува да чекаме до 700-800 евра просечна плата, во меѓувреме да ја симнеме невработеноста од 35 отсто, како европски шампиони, на прифатливи 10 отсто и да ја запреме епидемијата на сиромаштија од срамните размери. Во земја во која над 30 отсто од граѓаните не знаат како ќе го поминат денот навистина не е можна ни функционална, па дури ни формална демократија. Стомакот секогаш е поважен од возвишените цели. Него не можете да го лажете. Дури тогаш кога ќе ги достигнеме визиите на претседателот Иванов, ќе може не само Охридскиот договор, туку и законите да бидат применливи во животот.
Во демократската фабрика, во македонското Собрание, многу полесно се носат препишани закони отколку што тие стануваат составен дел на животот. Нивото на македонскиот стандард е поблиску до социјално востание отколку до свеста за изградба на цивилизирано европско општество. Во државите каде што важи правото, каде што функционира правната држава, кога се носат законите во образложението прецизно пишува колку ќе чини примената на тој закон во практиката, кој тоа ќе го плати и каква ќе биде придобивката од примената на соодветниот закон. Применливоста во живот на законските акти кои, се разбира, мора да бидат во согласност со Уставот е најважната задача на законодавецот. Деновиве Македонија се соочува со еден таков закон кој длабоко засега во животот на огромен број граѓани. Тоа е т.н. Закон за домување. Ретко кој го прочитал законот, но сите го коментираат, анализираат, а граѓаните, главно, се опседнати со високите казни доколку не се регистрираат навреме станбените згради како компании. Законот, како и многу други наши закони, се донесе на ура иако е оставен пристоен рок за негова имплементација. Меѓутоа, ситуацијата на теренот покажува дека не се исполнети сите предуслови за негова примена во практиката. Не се работи само за традиционалниот наш јавашлак, ни за нашиот менталитет да се чека последниот момент за исполнување на законскиот рок. Препишаниот Закон не ги зел предвид сите специфичности на сопственоста на становите во Македонија, не го зел предвид ни нивото на културата на домување и на функционирање на другите логистички служби кои треба да овозможат примена на еден ваков навистина значаен закон. Во Македонија постојат три вида сопственост на становите. Мал број станови се' уште се во државна сопственост. Еден дел од становите се купувани на класичен купопродажбен начин според пазарни цени, друг дел во периодот на големите југословенски инфлации со поволни станбени кредити, а еден добар дел со продажба на општествените станови според исклучително поволни цени. Во овие цени се влезени и парите на сите вработени кои издвојуваа 4 отсто од своите примања во солидарните станбени фондови. Тоа создаде ситуација во која културата на домување се сведе на: мое е она што е до излезната врата, се' друго не ми е гајле. Практично најголемата животна инвестиција на граѓаните е концентрирана во квадратите на станот, односно во опремувањето на нивниот дом, кој нели трае со децении до крајот на животот на повеќе генерации. Огромна површина на зградата која, исто така, е во сопственост на станарите стана ничија. Големо богатство на станарите е претворено во социјалистичка колективна сопственост кон што е зачудувачки индиферентен односот на газдите. Малкумина водат сметка за ова големо богатство. Овој Закон има амбиции да стави ред во оваа сопственичка какафонија, но за ова законодавецот не предвидел доволно прецизни одредби, ниту доволно објаснување за јавноста. Владата, која е позната по своите штедри политички кампањи, не предвидела ништо за имплементацијата на овој Закон како обраќање и објаснување до граѓаните. Она што го запаметија граѓаните од овој Закон е дека следуваат казни од 300 евра по стан доколку навреме не се заврши регистрацијата на станбените згради. И ништо повеќе. Имплементацијата на ваквите закони каде што сопственоста е прилично замрсена и каде што живеењето во колективни згради бара построги норми и правила, во некои држави кои го направиле овој чекор трае по 4-5 години. Советот на станарите и именувањето на управит��ли од составот на станарите не се вистинското решение. Тоа го покажуваат искуствата во земјите каде што ваквите закони се применуваат. Значи, на повидок е голем бизнис. Тоа во практиката на крајот завршува вака: по првичните нејаснотии и големи расправи и тензии меѓу станарите и власта на сцена стапуваат професионални компании кои го преземаат управувањето со целиот станбен фонд. Една таква фирма управува со по неколку десетици згради, а некои имаат и по неколку стотици големи станбени објекти под нивно менаџирање и управување. Сопствениците на станови за одржување на влезовите, паркиралиштата пред зградите ако се сопственост на зградите за кои се платени комуналии при нивната изградба, а не да ги присвојуваат општините како што е тоа со случајот во Скопје, потоа за одржување на фасадите и нивното обновување на секои 7-8 години, за функционирање на лифтовите, за редовно варосување на влезовите, нивното чистење и одржување ќе мора месечно да плаќаат според сегашните стандарди од 15 до 30 евра во зависност од големината на зградата и на станот. Во тој случај, навистина зградите изгледаат убаво, хигиената е на завидно ниво, фасадите блескаат, лифтовите работат, постојат добри услови станарите и да стопанисуваат со неискористените заеднички простории, да издаваат делови од зградата под кирија, а дел од зградите добиваат и дозволи за надградби и слично. Од тоа се разбира профитираат и сопствениците на становите и новоформираните компании. До тука се' е убаво. Суштината на проблемот е ист како во математиката на нашиот претседател Ѓорге Иванов. За граѓаните на Македонија да плаќаат од 15 до 30 евра месечно за одржување на зградите треба да имаат просечна плата од 700 до 800 евра месечно, или што би рекол нашиот ни претседател 8.000 евра национален доход по глава на жител. Ете затоа е во право претседателот Иванов. За да живееме пристојно, би рекол скромно на периферијата на Европа ни требаат барем најмалите просечни плати во ЕУ. За жал, македонските влади и политички елити одамна не работат на оваа агенда. Се' уште градиме интензивно само партиска држава каде што главните инвестиции се насочени во одржување на транзициските власти. |