Магазин
Кога амбицијата ја убива човечноста
Светската шоу-бизнис сцена памети многу личности кои се обиделе да профитираат од своите партнери - и тоа во името на законот
Ивона Саздовска
Во изминатиов период се крена прашина околу судскиот спор што го водат ракометарката Адријана Будимир и менаџерката на Тоше Проески, Лилјана Петровиќ. Сакајќи секоја да ја истера водата на своја воденица, случајот стана актуелен, иако на многумина сега кога го нема Тоше воопшто не им е важно која му била девојка.
Но, суровата реалност зборува за многу имиња кои се обиделе да профитираат во судниците поради својата врска или брак со некоја славна личност, а притоа да го заштитат и спакуваат сето тоа во името на правдата. Тажна е приказната дека многумина единствен профит оствариле од тоа што биле во брак со некоја позната личност. Тука почнуваат и завршуваат нивната кариера, познанствата и пријателствата.
Британката Хедер Милс, која своите пет минути слава ги доби покрај својот сопруг Пол Макартни, успеа за краток период да ја шокира јавноста со директните клеветења на ликот и делото на фронтменот на „Битлси“, посочувајќи бројни луѓе отстрана како виновници за нивниот брачен неуспех. Меѓу нив се нашла повикана и менаџерката Џони Риден, за која Хедер изјавила дека била вљубена во Макартни и дека постојано му сугерирала дека Милс не е неговиот најдобар избор. Не можејќи да ги издржи навредите, Риден одлучила да ги изнесе во јавноста валканите тајни од кои Хедер станала „персона нон грата“ во својата земја. Нападите и патетичното однесување на Милс и' дале црвен картон и „само“ 50 милиони фунти за утеха, додека судскиот спор со Риден е најавено да заврши дури идната година. Жената е за жалење, коментираа медиумите, па така стана апсолутно непопуларна кај луѓето.
Пејачката Џенифер Лопез незадоволството од бракот со танчарот Крис Џад го лоцирала во менаџерот Бенџи Кил, за кого сметала дека е хомосексуалец кој го наведувал Џад на секс. По малку иронично и дегутантно, Лопез се појавила во судницата во Лос Анџелес со низа обвинувања на негова сметка, во кои патем вклучила и неколку илјади долари што недостигале на сметката. Мислејќи дека направила полн погодок, Лопез заборавила дека Кил го имал најголемиот адут во раката, нејзиното однесување зад сцената. Со цел да не го бламира и она малку што вреди (кариерата во тој период бележела опаѓање) Лопез се одлучила во последен момент да ја повлече тужбата и притоа да му исплати на Кил еден милион долари за претрпена штета на личноста и патем јавно да се извини за своето безобѕирно однесување. Од тој момент, Лопез не работи со менаџер, а своите музички услуги им ги нуди исклучиво на агенциите што ги организираат нејзините настапи.
Викторија Бекам е уште една од низата славни жени кои дошле до судир заради одбрана на честа на својата посилна половина. Навидум среќно женетиот Дејвид Бекам не предвидел дека атрактивната новинарка Ребека Лос може да биде фатална за него, неговиот џеб и за неговата сакана. Не можејќи да се помири со фактот дека Ребека на цел глас се фали со податокот дека успеала да го одвлече Бекам во кревет, Викторија ги засукала ракавите и тргнала во одмазднички поход кој започнал со поднесување тужба против новинарската куќа што ја определила Ребека Лос за новинарка со која треба да се соочи Бекам, а потоа истото го направила и со Ребека, која ја обвинила за самопромовирање и изрекување лаги во јавноста. На двете рочишта што биле одржани Викторија не се појавила, туку го испратила својот адвокат, додека Ребека гордо го прошетала својот заоблен стомак со кој ја потсетила Викторија дека можеби Бекс е таткото. На крајот, сепак, произлегло дека се' е лажна тревога, со што Викторија ја повлекла тужбата, но Лос не успеала да добие ниту цент од нивните пари.
Една од наједноставните актерки во Холивуд, Сузан Сарандон, прв пат го почувствувала горчливиот вкус на славата кога одлучила да се впушти во судска расправа со тогашниот менаџер на актерот Шон Пен, за кого сметала дека кумувал на нивниот крај, по што Пен се упатил во прегратките на Мадона. Имено, Сарандон и Том Џен се судриле во судницата откако таа го нарекла лудак, хомосексуалец и болен ум, а тој неа изгубена жена која моли за љубов. Судот во Лос Анџелес го решил спорот во корист на државата, бидејќи и на двајцата им била доделена парична казна во вредност од 25 илјади долари што требало да ја исплатат поради вознемирување на јавноста и непочитување на правниот систем.
Една од најбогатите жени на светот, Ивана Трамп, по разводот од својот сопруг Доналд и по добивањето 500 милиони долари отштета, одлучила да го зголеми своето банковно салдо за уште некој долар повеќе, па го обвинила својот агент за недвижен имот, кој патем бил и нејзин моден агент, дека и' работел зад грб и дека бил во договор со Трамп за изнесување многу тајни пред судот за време на нивната бракоразводна парница. За да ја смири, Трамп се одлучил да му помогне на агентот Џон Милс, па Ивана во знак на примирје добила уште 5 милиони долари, со што за неа правдата победила. Сосем логичен одговор кога целта била заштита на нејзината материјална ситуација. Моментално Ивана Трамп се спори со менаџерот на нејзиниот поранешен сопруг Росано Рубиконди, со обвинување дека тој бил главниот иницијатор за неверството во бракот, бидејќи девојката која изјавила дека ја поминала ноќта со Рубиконди била блиска пријателка на менаџерот.
Во екот на најголемата популарност, животот на славниот музичар Џон Ленон згаснал, но неговата вредна сопруга Јоко Оно со години не се заморила од трчање по судниците и докажување на правдата околу правата за песните кои ги изведувале неговите колеги од „Битлси“. Тогашниот менаџер Бил Стејн се обидувал да докаже дека правата на песните им припаѓаат на битлси, но Оно тврдела дека Ленон бил главната движечка сила на бендот и без него не би успеале во светот на музиката. Притоа, Оно направила и чекор понатаму, па побарала 100 илјади долари на име отштета, кои планирала да ги даде во хуманитарни цели, истакнувајќи ја човечноста на Ленон уште еднаш. Спорот завршил неславно за неа, бидејќи се утврдило дека песните навистина му припаѓаат на бендот и дека ако некој требало да добие права за нив, тоа секако биле неговата прва сопруга Синтија Ленон и неговиот син Шон. Години подоцна, Шон Ленон најавува поведување нова судска постапка против Стејн и обидот да се украдат правата за песните на неговиот татко.
|