Европска дволичност
Марко Самарџија, Филозофски факултет - Универзитет во Загреб
Деновиве во хрватската јавност се зголемува неизвесноста околу можните приговори од Брисел за актуелната власт во врска со правата на малцинските етнички заедници во Република Хрватска. Тоа, секако, не е прв пат, а како ќе се приближува кон влезот во Европската унија, таквите барања кон Хрватска ќе бидат се' почести и пожестоки. На послабо упатените, тие барања на добро платените анонимни чиновници на ЕУ можат да им изгледаат како нормални и добронамерни, бидејќи ЕУ, ете, сака само нејзината идна членка и во пристапното поглавје за правата на малцинствата навремено да ги постигне стандардите кои (веројатно од памтивек!) се почитуваат и остваруваат во земјите-членки.
Притоа, во формулирањето на тие барања за Хрватска учествуваат и претставници од различни земји-членки, па голема е веројатноста и од Република Грција, која е членка на ЕУ уште од 1981 година, а позната е по залагањата за правата на грчкото малцинство во Албанија на Хоџа, поради што со таа земја имаше затворена граница речиси половина век (од 1940 до 1985).
Меѓутоа, неодамна го посетивме грчкиот град Лерин, каде што македонскиот јазик на непризнатото македонско малцинство се слушаше на секој чекор (на улица, во продавниците и рестораните). Дознавме дека европска Грција и ден-денес е особено чувствителна не само на секој обид на малцинско политичко организирање туку и на навестување на желбите за негување на малцинската култура и јазичната посебност.
Тоа го потврдуваат и неодамнешните, секако спонтани, безредија на улиците на Лерин по повод препечатувањето на македонскиот буквар, една дамнешна и сосема бенигна книга за темелно описменување на македон��ки јазик. Книгата (на латиница!) првпат е објавена уште во далечната 1925 година под наслов „Абецедар“, а сега на препечатувањето, кое е сесрдно потпомогнато од Европската слободна алијанса „Виножито“, му е додадена современа македонска азбука. Сите придружни текстови во книгата се објавени на грчки, англиски и на македонски јазик.
Се' на се', ништо посебно. И би било така кога земјите-членки на ЕУ „во својот двор“ би се однесувале околу барањата кои толку сложно и одлучно и' ги испраќаат на Хрватска. Но, т.н. Европа има едни мерки за себе, а сосема поинакви за „останатите“. Па кога и да и е потребно некој да го заврти на „политички ражен“ (читај: да уценува и понижува), веднаш устата и' е полна со изразување загриженост за малцинските права (за Ромите, Србите или за некој трет). А како тие прашања се решаваат во т.н. Европа, би можело, од споменатиот грчки пример, да се види и по речиси двомесечниот „циркус“ кој во соседна (европска) Словенија се одвиваше (наводно) околу бесправно изградената куќа на едно ромско семејство. Нашите гласни заговорници на таа и таква Европа за тоа, очекувано, „мудро“ молчат. Оние другите, кои во таква дволична Европа би имале што да кажат, веќе одамна никој ништо не ги прашува. |