Грците навалија во Битола со празни џебови
Економската криза ги натера Грците да се вратат во градот на конзулите, се бара од поевтин кромид, па се' до евтин секс
Битола - Камбек на грчките гости во Битола предизвика економската криза во Грција. Без оглед на политиката и актуелните состојби меѓу двете соседни земји, откако кризата им удри по џебот, грчките државјани, очигледно, повеќе се грижат домашниот есап да им излезе на пазарот отколку да се оптоваруваат со патриотизмот. Од сите страни, од царинската управа на граничниот премин Меџитлија, од полицијата, дуќанџиите во Битола, хотелите, рестораните потврдуваат дека грчките гости последните два месеца се' повеќе и се' почесто ги има во градот на конзулите. За разлика од пред две години, пред Самитот на НАТО во Букурешт кога во градот шопингуваа жители на пограничните места Лерин, Кожани, Каљари, сега се' почести се солунчани и граѓани од Лариса и од Верија.
Напливот на грчки гости во Битола најпрво го потврдуваат од Царинската управа на Меџитлија. Љупчо Тасевски, претпоставен во Царината, вели дека последниот период значително е зголемен бројот на возила и патници, кои од Грција влегуваат во Македонија. Цариниците на шега велат дека Грците решиле да заштедат не само на поевтин кромид и на поевтино „вапцување на косите“ туку и на поевтин секс.
„Изминатиот месец, особено во екот на празниците, се почувствува голема раздвиженост на Меџитлија, во споредба со лани ова време. Со кризата во Грција имаме се' повеќе патници на кои им одговараат условите за пазарување во нашата земја, па, нормално, ги користат и поволностите. Најчесто си заминуваат со продукти од зелениот пазар, а тука се ниските цени на бензините“, вели Тасевски.
Битолските трговци повторно тријат раце. Задоволни се од состојбите, но велат дека за разлика од порано, Грците станале попрагматични, па купуваат само она што им е најнеопходно. Прва дестинација им е градскиот пазар во Битола. Тука пазарат не само зеленчук и овошје туку и сирење и други млечни производи, а никако не пропуштаат да набават и црвена пипер, попозната како буковец. Купуваат разни тревки и чаеви, особено оние набрани во потпелистерието. Трговците на градскиот пазар признаваат дека поради грчките купци ги поскапиле и најголем дел од производите.
„Буковецот зимава беше 300 до 350 денари, а сега го продаваме 400 денари. Нашите се бунат, ама Грците го купуваат и за нив е евтин. Кромидот е 50 денари за килограм, никогаш досега немал толку висока цена. Ама, што се за нив тие пари, кај нив еден килограм стар кромид е евро и пол. Им се исплаќа што и да купат“, вели Крста Стојчевска, производител на буковец од битолското село Бистрица.
Раце тријат и касапите. Велат дека најголемиот промет пред Велигден го направиле токму грчките граѓани.
„Додека нашите се мислеа и се премислуваа дали на празничната трпеза да постават јагнешко месо, кое достигна и до 380 денари за килограм, на странците тоа не им беше скапо. Купуваа цело јагне, а земаат и по неколку јагнешки главчиња за супа. Свинското го јадеа битолчани“, вели Владе Тајчевски од касапницата на Ленски мост во Битола.
Грчките граѓани притиснати од финансиската криза почнаа да ја следат и македонската мода. Иако гардеробата ја набавуваат од бутиците на грчките фирми во Битола, не се двоумат да купат чевли од македонските чевларски индустрии „Бијана“ и „Глечер“.
Во продавницата на „Пеко“ на Широк сокак велат дека покрај редовните муштерии од Лерин и од пограничните села, сега се' повеќе имаа купци од подалечните градови. „Кај нас редовни муштерии беа жителите на пограничните села Крушоради, Сетина, Котори, Врбјани, Св. Петка, Екшису, со нив се разбираме и на македонски јазик, но последните недели доаѓаат Грци со кои мораш да комуницираш на англиски. Ги купуваат најскапите и најмодерните чевли. Купуваат дури и по два-три пара чевли од педесет евра, бидејќи кај нив се двојно поскапи“, вели вработена во продавница за чевли.
Сепак, најголем ќар од пазарењето во Битола на Грците им носи поевтиниот бензин. Од една приватна бензинска пумпа во Битола велат дека разликата од околу 30 евроценти за литар бензин за Грците е добра заштеда, па еднаш неделно, во зависност од потребите, целосно ги полнат резервоарите со гориво.
Во целата оваа еуфорија дел од рестораните и хотелите во Битола констатираат дека од гостите од соседството тие имаат најмалку корист. Во обид да заштедат Грците скусуваат и на наградата за добрата услуга, па келнерите неретко остануваат и без бакшиш.
„Порано кога доаѓаа Грците, правеа големи софри, ги јадеа најскапите јадења на менито: риби, бифтеци, но сега можат да поминат и со една чорба или пица, да се напијат по едно пиво и толку. Почнаа да се пазарат и за кебапи, бараат попусти. Иако морам да кажам дека имаме клиентела што не е засегната од финансиската криза. Но, тие Грци се бројат на прсти. Тоа се оние што доаѓаат редовно за во казиното“, велат вработени во хотелот „Епинал“ во Битола.
Настрана од задоволството на трговците, дел од битолчани на целата оваа ситуација негодуваат. Сметаат дека враќањето на грчките пазарџии уште повеќе ќе го поскапи животот во градот, па стравуваат дека ќе се повтори ситуацијата од пред две години кога и битолчани и Грците за да заштедат, одеа на пазарување во Прилеп. (А.Б.) |