Американската амбасада во Лондон се сели од центарот

После 200 години на сегашната локација, во Гровенор сквер, Американците одлучија да изградат нова зграда
Лондон- Американската Амбасада во Лондон се сели од строгиот центар на градот, јужно од Темза во реон кој доскоро се третираше како индустриска зона, од безбедносни причини, соопшти мисијата на САД во британскиот главен град.
После 200 години поминати на сегашната локација, во отмениот и скап лондонски Гровенор сквер, Американците одлучија да изградат нова зграда во општината Вондсворт, во близината на поранешната Батерси термоцентрала, која повеќе децении не работи и за чија обнова како културолошки центар, веќе неколку години се прави финансиска конструкција.
Новата зграда ќе има комплетно нови безбедносни услови и за неа се планирани сосема нови мерки, кои поради густината на старото градско јадро, во кое се наоѓа сегашната дипломатска мисија, тоа беше невозмозно.
Амбасадорот Роберт Татл, објасни дека безбедноста е единствениот мотив за селењето од центарот на Лондон, како и тоа што сегашната зграда има ограничен простор и не може да прими повеќе од 800 луѓе, јави дописникот на МИА.
- За нас Велика Британија е најдобриот сојузник и нашиот најдобар пријател, изјави амбасадорот Татл, кој вели дека новата локација е блиску до Владата и до британскиот Парламент, што за САД е важно поради специјалните врски што ги имаат двете земји.
Во 1968 година, за време на тогашната виетнамска војна, зградата на Гровенор сквер беше силно обезбедувана од можните напади на тогашните левичарски антиамерикански движења.
По септември 2001 година, скверот е речиси целосно блокиран, што предизвикува чести протести на богатите соседи на амбасадата кои не можат сосема слободно да го користат просторот на кои живеат и за кои плаќаат многу високи општински давачки.
Претставник на општината каде следните пет години треба да се изгради новата амбасада со одушевување го поздрави доаѓањето на американците на нивната територија, затоа со тоа ќе придонесе за зголемување на вредноста на целото земјиште и на недвижниот имот во тој дел на Лондон. (МИА) |