Тимот на Рен го победи Западен Балкан со 12:1
Нашите новинари го покажаа сето она со што се справува Оли Рен и на политички план со Западен Балкан
Брисел - Еврокомесарот Оли Рен си ги одмери силите со новинарите од Западен Балкан, но не на политички, туку на физички план, односно на фудбалски терен. Заради симболика Рен на полувреме го смени тимот, па играше на страната на Западен Балкан, но тоа не го спаси нашиот тим од катастрофален пораз од 12:1. Толку ,имено, еден гол дадоа новинарите од нашиот регион против аматерскиот фудбалски тим на еврокомесарот, при што во првиот дел натпреварот се одвиваше речиси цело време на едната половина. Во второто полувреме, кога стана јасно дека резултатот веќе не е битен, бидејќи тешко се броеја головите, нашите новинари одеа само во напад, па со помош на Рен успеаја да дадат и гол.
По натпреварот, Рен дипломатски изјави дека новинарите од Западен Балкан првпат играле заедно и дека тоа е добро, зашто покажале добар и кооперативен дух. Дописничките од Западен Балкан дофрлаа дека, со оглед на тоа како ги водеа подготовките, можеби беше подобро место со вода новинарите да се освежуваат со пиво, за да им тргне. Нашите новинари, на кои им помагаше и дописникот од Египет, го покажаа сето она со што се справува Оли Рен и на политички план со Западен Балкан. Дојдоа без еден подготвителен натпревар, топките им минуваа меѓу нозе, им дофрлаа на противничките играчи, играа дезориентирано и не можеа да трчаат веќе по дваесет минути, покажувајќи јасно какви се нашите балкански навики во однос на спортот и јакнењето на физичките способности. Македонија на натпреварот, за жал или за среќа, не ја застапуваше никој, бидејќи немаше волја во тимот да се вклучат дописнички. По натпреварот, сите учесници заедно заминаа во сауна. (С.Ј.) |