Број 3425  сабота, 06 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Едиторијал

ЕДИТОРИЈАЛ

Скок во место

Мирче Јовановски

Македонската економија според сите извештаи тапка во место, реформите исто така, но тоа не се покажа како доволна провокација надлежните во државата да седнат и да конципираат модел кој земјата ќе ја оттргне од економското сивило.

Напротив, амбиентот што се креира деновиве води во сосема друг правец. Преку префрлање на вината во соседниот двор, целта е да се фрли песок в очи и да се покријат направените пропусти на планот на водењето на економијата. Само вака може да се разберат истреланите рафали од страна на Сојузот на стопански комори кон централната банка, во пресметка во која луѓето од Владата кобајаги врска немаа за што станува збор. Како да го гледаме истиот филм од пред неколку години кога на тапет на истата стопанска асоцијација се најдоа транзициските богаташи и кога, исто така, во присуство на владини претставници се бараше конечна пресметка со домашните олигарси.

Неизвесно е дали Народна банка на Македонија ќе одговори на дополнителното објаснување кое вчера стигна од челниците на ССК за она што сакале, всушност, да кажат завчера. Но, во еден ваков (раскаран) амбиент, тешко дека ќе може да се собере домашниот економски крем и да расправа без оптоварување за она што е најцелисходно и можно во сегашните услови, Македонија да го фати чекорот со европските економии кон кои се стреми да се интегрира.

А, дека розите не ни цветаат деновиве покажуваат и неколкуте извештаи на меѓународни институции што фрлија нова светлина за нашето место под сонцето во глобализираниот свет. Станува збор за извештајот за водење бизнис на Светска банка, потоа за човековиот развој на програмата за развој на Обединетите нации, но и на книгата на факти на американската агенција за разузнавање, каде што, меѓу другото, има податоци за стапката на невработеност на одделни земји. И сето ова во очекување на клучниот извештај, за напредокот на Македонија во односите со Европската унија, од кои делови веќе пробија пат во македонските медиуми.

На прв поглед, иако станува збор за различни аспекти, тие во целина ја даваат големата и детална слика каде сме и што направивме во текот на изминатата година. Кога би дале општа оцена врз основа на изнесените податоци, произлегува дека е направен скок во место. Генерално, во некои сегменти има подобрување, во некои назадување, но во повеќето работи не сме се придвижиле многу во однос на минатата година или, пак, споредено со другите земји.

За многумина звучи парадоксално, но најдобро котираме кај анализите за деловната клима, каде што и годинава Македонија е рангирана на високото 38. место, иако за две места подолу во однос на една година претходно. Но, задоволството од рангирањето го поматува сознанието дека и натаму земјата лошо стои на планот на заштита на инвеститорите, потоа кај процедурите за затворање на фирмите, добивањето градежни дозволи и некои други слабости што беа воочени и претходно. Посебна причина за задоволство нема ниту за рангирањето во извештајот за човековиот развој, каде што Македонија е на 71. место од 169 земји.

Многу попоразително е сознанието дека нашата земја на планот на невработеноста е рамо до рамо со Авганистан, земја во која во континуитет се водат војни и каде што голем дел од населението бара спас од сиромаштијата во производство на опојни дроги.

Како што стојат работите, сосема е извесно дека годинава од Брисел ќе добиеме полош извештај од лани. Индикативни се сознанијата на граѓанскиот сектор, според кој дури 92 отсто од реформите што се бараа се делумно или целосно неостварени.

Во секој случај, за влада која за себе вели дека е посветена на работата 24/7, ваквите резултати можат да бидат само утеха, но не и причина за задоволство. Уште помалку за фалење.


#
Статијата е прочитана 1081 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Едиторијал






Confusion over Hungarian private pension funds
Romania and Moldova sign historic border treaty
Albania is refused EU candidate status