30.07.2013, 14:05 Ќе се бараат инвеститори за новиот„Драмски театар“
Новиот објект треба да биде висок 35 метри, со нето-површина од 33.543 квадратни метри
Во Музејот на македонската борба вчера Министерството за култура го презентираше проектот за изградба на нов објект на местото на сегашниот Драмски театар - Скопје воедно запознавајќи ја бизни��-заедницата и пошироката јавност со сите негови параметри и можности. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска потенцираше дека основниот проект за изградба на објектот што го изработи фирмата „Монтимпекс - инженеринг“ - Скопје со сите потребни фази е завршен во целост и дека добил позитивна ревизија. Веќе е избрана и консултантска фирма „Гранит тронтон“, која ќе работи на физибилити-студија што треба да понуди пет модели за функционирање на база на јавно приватно партнерство од кои Министерството и Владата треба да го изберат најсоодветниот по што консултанската компанија ќе биде задолжена да го преточи во информативен бизнис-меморандум, а тој треба да биде презентиран пред најмалку 100 странски потенцијални инвеститори.
Новиот Драмски театар треба да биде висок 35 метри, со нето-површина од 33.543 квадратни метри. Театарот е предвидено да се наоѓа во долниот дел на објектот, а во горните пет ката деловните објекти на идниот приватен партнер, со површина од 12.710 квадратни метри. Вчера беше информирано дека планираната изградба на нов „Театар Центар“ на местото досегашниот објект на МНТ е во фаза на проектирање на современа зграда во висина од 40 метри. (К.Б.) |