Филип заминува од Библиотеката
Филип Петровски е разрешен од директорската позиција во Градската библиотека во Скопје „Браќа Миладиновци“. Решението со кое му престанува функцијата в.д. директор му стигнало завчера, со потпис на скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Петровски беше ангажиран во Градската библиотека од 2005 година, а од ноември минатата година беше вршител на должност директор откако му истече директорскиот мандат. Во меѓувреме беше распишан конкурс за нов директор на „Браќа Миладиновци“, на кој се јавиле петмина кандидати, меѓу кои и Петровски. Од Град Скопје, официјално, информираат дека се' уште трае постапката за избор на директор откако на Петровски му истече мандатот.
Решението за разрешување беше објавено на веб-страницата на Петровски, каде што поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа на ОМ коментира: „Со ова се расчистуваат дилемите што се наметнати - дали и колку сум со оваа власт. Навистина, оние што читаат знаат што мислам за Груевски и компанија. Можеби прв од десничарскиот блок се појавив со критики за недемократија, тоталитарно владеење и водење на Македонија во погрешен правец. Останувам на кажаното... “.
Петровски вчера ни изјави дека до 14 февруари ќе ги користи деновите од годишниот одмор, а потоа дефинитивно заминува од Библиотеката бидејќи професионално ќе се занимава со политика. Тој пред извесно време најави формирање нова партија - демократска десница, при што настапи со амбиции за обединување на партиите од десницата, па и од центарот контра ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. За своите намери тој пишува и во денешната колумна во „Утрински весник“.
„Сега сме во фаза на технички подготовки за основање на партијата. Кон средината на февруари планираме да го формираме иницијативниот одбор“, вели тој. (А.М.М. - Дс.Т. ) |