Разбојници оперираа ноќ и ден низ Скопје
Серија грабежи и кражби се случија изминатото деноноќие во Скопје. Ограбени се по една аптека и бензинска пумпа, таксист, а извршена е и една кражба во куќа.
Ноќта спроти понеделникот, непознати сторители посетиле куќа на улицата „Леринска“. Откако насилно го отвориле прозорецот од спалната соба, крадците украле поголема количина злато и пари, „заработувајќи“ околу 420.000 денари.
Во понеделникот околу пладне, во населбата Драчево, непознат маж влегол во такси-возило и му рекол на таксистот да го вози кон Чаир. Штом стигнале во близина на селото Усје, муштеријата извадил пиштол и му се заканил на таксистот дека ќе го убие ако не му ги даде парите. Откако добил 900 денари, му рекол на таксистот да вози натаму, а по извесно време, разбојникот се симнал и побегнал.
Вечерта, околу 21 часот, настрадала аптеката „Зегин“ во ТЦ „Три бисери“ во населбата Аеродром.
„Непознатиот сторител прекриен со шал на лицето и капа на главата, вооружен со пиштол извршил разбојништво над вработена��а, при што и' одзел 12.380 денари“, велат од МВР.
Цел на разбојниците вчераутро околу 2,40 часот беше бензинска пумпа на улицата „Александар Ударевски“. Според МВР, две непознати лица со маски на главите и марами на лицата, вооружени со пиштоли, ги ограбиле двајцата вработени, при што им одзеле околу 20 до 30 илјади денари и два мобилни телефона. Според истрагата, разбојниците им наредиле на двајцата вработени да легнат на подот, ги удриле со кундакот, ги зеле парите од дневниот промет и со трчање побегнале кон гробиштата „Бутел“. (Г.А.) |