Европски ден на еврејската култура по петти пат
Во Куршумли-ан, вечерва, со почеток во 20 часот ќе се одржи петтиот Европски ден на еврејската култура, манифестација што се организира во 27 земји во Европа, секоја година во првата недела од септември. Тема на годинашното издание е „Арт и јудеизам“.
Оваа година во одбележувањето на овој настан покрај еврејската заедница во Македонија, се придружува и Амбасадата на кралството Шпанија во Република Македонија, со изложба на фотографии наречена „Caminos de Sefardi“ или „Патиштата Сефардски“, и општината Чаир во рамките на проектот за заживување на Старата скопска чаршија.
Во рамките на манифестацијата, покрај спомнатата изложба, ќе се реализира и мултимедијална програма што опфаќа рецитал - проза и поезија од еврејски автори и музички дел од Сефардски романси. Исто така, е предвидена и изложба на ракотворби од членовите на женската секција. Визијата е да се запознаат материјалните и културни вредности, она што постоело некогаш, она што го имаме денес. Да се запамети надежта, вербата и вистината за еден народ кој со векови го чува и негува културниот идентитет. (Н.П.) |