Мислења
Иран: Една година подоцна
Карим Саџадпоур
На Мусави и на Каруби, по се' изгледа, воопшто не им се брза да видат промени
Овој месец се одбележува првата годишнина од оспорениот реизбор на тврдокорниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад, што го поттикна најголемиот револт во земјата од Исламската револуција во 1979 година. Додека режимот бележеше постепен успех во насилно задушување на импулсот на опозициското Движење на зелените, длабоките внатрешни судири во земјата, како меѓу политичките елити, така и меѓу владата и општеството - се далеку од тоа да бидат смирени.
Меѓу големиот број постизборни жртви беше и впечатокот за Иран како „исламска република“. Како што кажа покојниот, великиот ајатолах, Али Монтазери, бруталноста на режимот кон сопствениот народ направи тој да биде „ниту исламска ниту република“.
Друга жртва беше легитимноста на врховниот лидер ајатолахот Али Камнеи. Две децении Камнеи лажно го култивираше имиџот на непристрасен и великодушен водач, но неговата пркосна јавна поддршка за Ахмадинеџад го претстави како ситен, пристрасен автократ. Меѓу досега нечуените слогани на уличните протести минатото лето беа громогласните извикувања „Камнеи е убиец, неговото лидерство е невалидно!“
Под лидерство на Камнеи страшното тројство од новопечените богаташи од Револуционерната гарда, тврдокорното свештенство и индоктринираните припадници на милицијата Басиџ се' повеќе во свои раце ја има власта. И покрај неговите религиозни претензии како духовен лидер, иднината на Камнеи во голема мера е во рацете на Револуционерната гарда. Додека опозицијата на неговото владеење меѓу највисоките свештеници во Ком го загрижува Камнеи, опозицијата во Револуционерната гарда би можела да биде фатална за него.
И покрај кризата на легитимност на власта и ендемичното лошо управување, Движењето на зелените - формално предводено од претседателските кандидати на опозицијата Мир Хусеин Мусави и Мехди Каруби - се соочува со големи пречки. Нивната група од експерти што неофицијално дејствуваат како административни советници се во затвор, во виртуелен домашен притвор или, пак, се неспособни слободно да комуницираат. Тие немаат организација и стратегија.
Минатата година кога почнаа протестите основната природа на Движењето на зелените првично имаше намера да биде корисна, со оглед на тоа дека не можеше лесно да биде обезглавено. „Пред 30 години луѓето беа овци и Хомеини беше нивниот пастир“, изјави еден истакнат ирански демок��атски активист. „Денес немаме пастир, но луѓето повеќе не се овци“.
Меѓутоа, и покрај нивната сила во бројки, прекумерното потпирање на уличните протести од страна на Мусави и на Каруби е погрешно. Додека нивните храбри поддржувачи се залагаат за толеранција и практикуваат ненасилство, тие се прегазени од вооружените владини сили, кои се подготвени да убијат и да умрат за да ја задржат власта.
Ако Движењето на зелените сака да и' подготви сериозен предизвик на власта, тоа мора да ја инкорпорира поддршката од чаршиските трговци, работниците во големите индустрии, транспортните синдикати и владините работници. Долготрајните штрајкови на овие групи луѓе би ја запреле економијата во земјата. Ова е тешка задача, меѓутоа, со оглед на тоа дека работничките групи во Иран, иако се длабоко незадоволни, исто толку се и аморфни како и самото Движење на зелените.
Уште повеќе, на Мусави и на Каруби, можеби скромни во делот на неисполнети ветувања и неумерености на Исламската револуција, се чини дека воопшто не им се брза да видат брзи промени. Наместо тоа, тие имаа постепен пристап, кој има цел да ги преземат и регрутираат отуѓените припадници на традиционалните класи, вклучувајќи го свештенството и припадниците на Револуционерната гарда, во Движењето на зелените.
Промислениот пристап на Движењето на зелените е комплициран од чувството за итност што САД, Европа, особено Израел го имаат за нуклеарните амбиции на иранската влада. Додека уделот што надворешни сили, како САД, може да го имаат во влијанието врз политичките реформи во Иран е ограничен, администрацијата на Обама се соочува со два фундаментални предизвика во својата политика кон Иран.
Прво, како да се постигне компромис со режим на кој изгледа сте му потребни како противник? Додека големо мнозинство Иранци сакаат да ја исправат грешката со САД, за тврдокорните струи на Иран непријателството кон САД стана централен дел од идентитетот на Исламската Република. „Ако проамериканските тенденции дојдат на власт во Иран, ќе треба да кажеме збогум на се'“, признава ајатолахот Ахмад Џанати, лидер на моќниот Гардиски совет. „На крајот на краиштата, антиамериканизмот е една од главните карактеристики на нашата исламска држава“.
Вториот предизвик за САД е да се бори за човекови права и демократија во Иран без компромитирање на независноста на опозициските сили. Со оглед на различноста во Движењето на зелените нема јасен консензус за тоа кои американски политики се најконструктивни. Постои навидум универзално верување дека Америка треба целосно да се воздржи од воена акција, да го осуди непочитувањето на човековите права во Исламската Република и да изрази морална солидарност со иранскиот народ. Меѓутоа, постои мала согласност кога станува збор за поспорни прашања, како што е потенцијалната ефикасност на санкциите.
Првиот постреволуционерен премиер на Иран, Мехди Базаргам, наводно, во една пригода рекол дека вистинскиот лидер на револуцијата во 1979 година не бил ајатолахот Камнеи, туку Шахот, кој ги обединил различните групи луѓе против него. Денес постои слична динамика: двајцата индивидуалци, кои веројатно се најодговорни за флексибилноста на опозицијата не се Мусави и Каруби, туку Ахмадинеџад и Камнеи.
Владината бруталност и заплашувањето со години може да му одолеваат на маршот на историјата, но не и бесконечно. Без разлика што и да се случи со Движењето на зелените за краток временски период, милиони храбри ирански демонстранти минатото лето јасно му покажаа на светот дека нивното стогодишно барање за демократија е идеја чие време доаѓа.
(Авторот е член на Карнеги фондацијата за меѓународен мир во Вашингтон и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |