Број 3335  сабота, 17 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Стил

Писмо од Лондон

Шпионката што беше британска снаа

Томислав Ивановски

На остарените советски и руски дисиденти и поранешни разузнаваЧи поЈавувањето на една Ана КушЧенко во целиот овоЈ шпионски слуЧаЈ им изгледа „Чудно и неприродно“ за таЈна служба каква што беше КГБ

ЛОНДОН - Скандалот со откриените и уапсените десетмина руски шпиони во САД, почна во Велика Британија, со потсмев од оние што наивно веруваат дека по завршувањето на студената војна нема веќе шпионирање меѓу Русите и Американците. Сега работите се толку изменети што претседателите Барак Обама и Дмитриј Медведев јадат заедно сендвичи во „Мекдоналдс“, па затоа и акцијата на ФБИ и апсењето на Русите се девалвираше како фарса, потоа како обид за дискредитација на Белата куќа и на нејзиниот сегашен жител, затоа што тој инсистира на зближувањето со Русија, а на крајот и како операција за дискредитација на руската разузнавачка агенција, која (ете), разместува мрежа на шпиони за работи што може да се откријат и на Интернет. Случајот, меѓутоа, заврши на начин каков што не се видел речиси 25 години, со размена на десеттемина руски шпиони во САД, за четворица Руси, обвинети и осудени дека тајно работеле за американската ЦИА и за британското Ми-6.

Главниот интерес, во секој случај, е насочен кон младата Русинка Чапман, со моминско презиме Кушченко, околу која се крена и најголема врева, малку затоа што станува збор за млада жена, а повеќе затоа што тоа е атрактивна девојка, каква што во досегашната работа со Русите не се појавила. Затоа, некои почнаа убавата Русинка да ја споредуваат со славната Мата Хари (танчарка и куртизана од времето на Првата светска војна, која ги шпионираше Французите за сметка на Германците), а други ја означија како „шпионката од Русија со љубов, која изгледа како женските од филмовите на Џемс Бонд“. На сега веќе остарените советски и руски дисиденти и на поранешните разузнавачи, како Владимир Буковски, Олег Гордиевски или Борис Березовски, појавувањето на една Ана Кушченко во целиот овој шпионски случај им изгледа „чудно и неприродно“ за тајна служба каква што беше (и се' уште е) КГБ, сега со друго име. Но, тројцата се согласуваат дека на неа треба да се гледа како на заврбувана разузнавачка, која од руската тајна служба имала определена задача, која таа, по се' изгледа, ја извршила, пред да замине оттаму, за по извесно време поминато во Русија да се префрли во САД.

Младата Русинка дошла во Лондон на доусовршување на економските науки, што го студирала во Москва на тамошниот универзитет за меѓународно пријателство, а набргу се запознала со Британецот Алекс Чапман. Само по пет месеци тие тајно се венчале, како што сега вели Алекс, во рускиот главен град, затоа што за одлуката да се ожени и за свадбата не знаеле неговите родители. Мајката на Алекс Чапман признава дека ја радувало тоа што нејзиниот син е вљубен и среќен, но не крие дека не ја сакала многу својата нова снаа. Жената признава дека се сомневала оти Ана има намера да биде и да остане британска снаа, што се покажа како сосема основано. Во една електронска порака до свој поранешен љубовник во Москва Русинката открива дека живеела една година како снаа со сопругот и неговата мајка, по што се преселиле во Лондон каде што, вели таа, го „откачила“ Алекс и почнала да живее сама. Тие двајцата се сретнале во 2001 година, се венчале во 2002 и се развеле во 2005 година. Чапман објаснува дека не го изненадува тоа што неговата бивша сопруга е дел од руската шпионска мрежа во САД и открива дека Ана еднаш му признала оти нејзиниот татко е висок функционер на поранешната КГБ и дека работел во Лондон, а оти во време на нивниот брак бил руски амбасадор во Зимбабве. Алекс вели дека таткото на Ана постојано бил „силно сомничав“ кон својот зет, па постојано го прашувал зошто се оженил со Русинка, дали е богат и какви се неговите планови со неа. Тој верува дека таткото на Ана Чапман ја заврбувал за шпионската работа.

Познатиот советски разузнавач Гордиевски, кој во осумдесеттите години од 20 век пребегнал во Лондон, изјави дека е убеден оти бракот на Ана е наместен од руската разузнавачка служба во амбасадата на Русија во британскиот главен град.

Пред и да се разбере што има откриено Ми-5, или добивајќи ги нивните сознанија без вклучување на јавноста, имиграционата служба на Хоум офисот, со британски пасош повеќе не и' важи. Што и да се утврди со истрагата, познато е дека во работното и животното досие на разведената Чапман има сознанија за тоа каде работела и со кого другарувала, што налага дека интересот (нејзиниот и на нејзините работодавци) бил насочен кон деловниот свет и кон тоа што таму се случува. Набргу по разводот таа наоѓа „љубовна утеха“ во еден млад лондонски бизнисмен од финансискиот центар Сити. Задржувајќи се по малку на секоја работа, Русинката работела во угледната британска банка Барклис, во одделот за кредитирање мали фирми, па потоа и во еден Хеџ фонд во Мајфеар. На својот московски пријател му се фалела дека една година им продавала приватни авиони на големите богаташи, како и дека преку работата била многу блиску до угледниот Американец, што се смета како измислица, затоа што се смета дека имала премногу ниска позиција во фирмата за да дојде до еден Бафет.

Во Лондон се знае дека Ана Кушченко (Чапман) во 2007 година се вратила во Москва и велат дека се занимавала со работи поврзани за тамошниот бизнис. Во меѓувреме (минатата есен), таа кратко дошла во Велика Британија и повторно се среќавала со луѓе од бизнисот, но до апсењето таа живее и работи во САД и во Њујорк, каде што на Менхетен е ангажирана во една агенција за недвижен имот. Веднаш таму почнала со разменување тајни пораки преку компјутер со еден руски разузнавачки оперативец, што го правела се' до апсењето од страна на ФБИ, откако претходно Американците „ја наместиле“, поставувајќи и' стапица со еден лажен американски пасош.

Британското контраразузнавање сега го интересира дали младата Кушченко или Чапман, сеедно, додека престојувала во Лондон, била во редовна врска со рускиот разузнавачки центар, сместен под закрила на руската амбасада, а особено дали секаде каде што работела и престојувала создавала мрежа на „подагенти“, шпиони и информатори кои сега чекаат да добијат налог за да шпионираат за Русија. Овдешната тајна служба знае дека Ана Чапман имала врска и со еден угледен член на Горниот дом на британскиот парламент. Тоа и' дава една сосема друга димензија на целата приказна за шпионката што беше британска снаа, но впечаток е дека на тој момент и на тоа познанство не му се придава голема гласност или, пак, не се сака работите да се прошират повеќе отколку што веќе се раширени. Оваа 28-годишна Русинка можеби личи на „мачките“ од филмовите на Џемс Бонд, но таа не е, во секој случај, Ким Филби ниту, пак, ова е времето на жестоката британско-советска шпионска војна. Старите играчи во шпионските работи, сепак, инсистираат дека иако ова е друго време, а „главниот јунак“ (барем овде, во Велика Британија) е нетипичен за досегашната руска практика, Москва им покажа на сите дека шпионските игри продолжуваат таму каде што се мислеле дека застанале пред 20 години.


#
Статијата е прочитана 1270 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Стил
Најсекси жена на светот
Кирил Џајковски и филмот за Тоше - адути на „Демофест“ во Бања Лука
Од притвор веднаш на „Богот на масакрот“
Пронајдена тркалезната маса на Камелот?
Величествена изложба за Сахуре - фараонот револуционер
Министерка со седум деца