Кинезите дојдоа, ќе ги земат ли „Чебрен“ и „Галиште“?
Вредноста на хидроцентралите што треба да се градат на Црна Река се проценува на над 700 милиони евра
Маја Томиќ
До крајот на оваа недела ќе се објави новиот, петти по ред тендер за хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Од Министерството за економија велат дека за новините во тендерот јавноста ќе биде информирана овие денови. Потврдуваат дека претставници на Кинеската развојна банка, кои уште пред два месеца дојдоа и покажаа сериозен интерес за инвестирање во овој голем енергетски проект, се' уште се во Македонија и водат преговори со надлежните. Оттаму, најверојатно дека Кинеската развојна банка ќе конкурира на јавниот оглас, а се шпекулира и дека е веќе договорено таа да биде и идниот стратешки инвеститор.
„Чебрен“ и „Галиште“ ќе се градат по моделот на јавно приватно партнерство со ЕЛЕМ, односно со државата, при што како влог се дава хидроцентралата „Тиквеш“. Деновиве, директорот на ЕЛЕМ Влатко Чинговски, рече дека овој пат во тендерот се направени некои измени со кои тој ќе биде поатрактивен за инвеститор��те, како и дека компанијата ќе ја даде целосната логистичка и техничка поддршка што ќе му биде потребна на инвеститорот за да го спроведе успешно овој проект.
Уште на претходните тендери имаше многу полемики меѓу експертите дали ХЕЦ „Тиквеш“ треба да му се даде на идниот инвеститор или да остане државна сопственост.
„Со одолговлекувањето на овој тендер изгубено е драгоцено време во енергетиката, иако генерално ние доцниме со изградбата на енергетски проекти многу повеќе години. За ’Чебрен‘ и ’Галиште‘, како што е познато, имаше конкретно заинтересирани компании, се ангажираа и странски консултанти за да направат успешна тендерска понуда, но ништо од тоа. Дали се во прашање некакви игри, на штета на државата, ќе видиме“, вели професорот Атанаско Туневски.
Тој го повтори својот повеќепати кажан став, дека е погрешно што ХЕЦ „Тиквеш“ му се дава без пари на идниот инвеститор на двете хидроцентрали. Бидејќи, оваа централа е вредна огромна сума пари, а сега е целосно ревитализирана, со нова опрема и машини.
„Може ХЕЦ ’Чебрен‘ и ’Галиште‘ да се градат со јавно-приватно партнерство, но со друг модел, а не со ХЕЦ ’Тиквеш‘ како влог, затоа што така повеќе ќе изгубиме, отколку што ќе добиеме. Станува збор за централа од големо значење за државата“, изјави Туневски.
Вредноста на „Чебрен“ и „Галиште“, кои треба да се градат на Црна река, се проценува на над 700 милиони евра. Во изминатите пет години беа објавени четири тендери и сите завршија без успех, и покрај тоа што Владата последен пат, пред една и пол година, за 100 илјади евра го ангажира консултантот ИФЦ да направи успешен тендер. На претпоследниот тендер во игра беа неколку реномирани енергетски компании, италијанската „Енел“, германската „РВЕ“ и австриската „Вербунд“, при што за фаворит важеше „РВЕ“. Но, пред крајот на 2010 година од оваа компанија беше испратено соопштение до македонските медиуми дека поради намалениот фонд за инвестиции, оваа година ги стопираат сите вложувања во нови проекти во странство. (М.Т.) |