Децата-бегалци бараат да се вратат во родните краишта
Тие побараа грчката влада да ја надмине дискриминаторската политиката од минатото
Виктор Цветаноски
„Бараме Грција да ни овозможи слободно враќање во родните краишта, да ги поништи дискриминаторските закони со кои ни се одземени правата и да ги воспостави нашите неотуѓиви права. Ја повикуваме грчката влада, во име на историската правда и на општоцивилизациската вредност на човековите права, да се соочи со неодржливоста на политиката од минатото“. Ова е основната порака што вчера беше испратена од Четвртата светска средба на децата-бегалци собрани од сите страни на светот, од Австралија, САД и Канада и од Романија, Полска, Чешка , Унгарија и Србија, некогашните социјалистички држави што ги прифатија децата во 1948 година за време на Граѓанската војна.
Од собирот одржан во Скопје беше донесена Декларација во која се изразува непоколеблива надеж дека во некој друг ден децата-бегалци ќе се соберат во некој од убавите градови на нивната татковина Грција. Тие ја повикуваат владата на Грција, но и нивните вековни соседи од Егејска Македонија, Грците по род, заеднички да ги осудат сите војни и страдања на луѓето на сите меридијани, да ги поддржат правдата и човековите права насекаде, и надминувајќи ги проблемите и поделбите од минатото, заеднички да работат за просперитетот на народите, за среќата на децата и за општиот напредок на човештвото.
На собирот присуствуваше претседателот на македонската држава Бранко Црвенковски, а децата-бегалци ��и поздрави претседателот на Собранието Трајко Велјановски. Тој истакна дека Македонија во преговорите со Грција не може да ја премине црвена линија и да се откаже од националниот идентитет, зашто со тоа нас, Македонците, едноставно ќе не' снема. „Тоа денес го разбираат и нашите пријатели низ Европа и светот. Факт е дека во минатото во заедничката држава, па и по осамостојувањето на Република Македонија, како да се бегаше од прашањето за македонското национално малцинство кај соседите, посебно се бегаше од отворањето на прашањето за македонското малцинство во соседна Грција и во тие рамки проблемот на децата-бегалци. Во тој дух и за таа цел, треба да се гледа писмото на премиерот Никола Груевски што го упати неодамна до премиерот на владата на соседна Грција. Во него се бара само исправање на историските неправди, направени пред 60 години, кои се отворени и ден-денес“, истакна Велјановски, подвлекувајќи дека со тоа не се доведува во прашање сувереноста и територијалниот интегритет на Грција. Тој изрази уверување дека таквите укажувања така ќе бидат разбрани од нашиот јужен сосед, но и пошироко, бидејќи се втемелени во меѓународните принципи.
„Зар треба постојано да потсетуваме на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации и на меѓународните конвенции за национална или за која било друга дискриминација“, праша Вељановски, подвлекувајќи дека собирот го гледа како величествен чин за одбрана на човековото достоинство и почитување на основните човекови слободи и демократски права.
Претседателот на Организациониот одбор на средбата Георги Ајановски истакна дека голите историски факти за тие настани недвосмислено потврдуваат оти станува збор за една од најсуровите и најболните епизоди на братоубиствената војна во Грција. „Како последица на идеолошките конфронтации и блоковската поделеност на светот, со неразумни политички одлуки, камуфлирани со хуманистички цели, околу 24.000 малолетни македонски деца беа оттргнати од родителските прегратки и расфрлени низ светските беспатија, во неповратот кој трае и денес“, истакна Ајановски, подвлекувајќи дека тие деца успеале да го зачуваат и надградат своето македонско национално чувство и битие.
„Калени и прекалени во суровите битки на самоопстанокот и решеноста да не се потклекне пред тешкотиите и страдањата, тие некогашни деца ќе израснат во смели, истрајни и непоколебливи борци во одбраната на македонската кауза, во одбраната на македонската вистина, секаде каде што се наоѓаат, воздигнувајќи го споменот на својата детска голгота во херојски чин на непокор и национален стоицизам“, рече Ајановски.
Потсетувајќи дека Грција за време на балканските војни окупира најголем дел од територијата на Македонија, тој нагласи дека таа со принудни мерки ја забрани употребата на македонскиот говор, ги смени имињата на градовите, селата, реките, планините, па дури и имињата на луѓето од македонска националност, заменувајќи ги со грчки имиња, што во меѓународната терминологија значат мерки за асимилација на еден народ. „Во тој правец сега го насочува и измислениот и наметнат спор со името на македонската држава, зад кој всушност се крие стравот на Атина од соочувањето со реалноста дека и покрај сите тие антидемократски закони и мерки, македонското малцинство во Грција се' погласно тропа на европските порти на демократијата, со барања за признавање на неговите основни човекови права и слободи, како и барањата на протераните Македонци од Егејска Македонија за враќање на нивните имоти и државјанства“, истакна Ајановски и праша зошто само на Македонците им се негира правото да се нарекуваат како што сакаат, национално да се определува како што се чувствуваат. „Зошто од нас се бара да бидеме нешто што не можеме да бидеме и никогаш не сме биле: да бидеме држава без свое име, да бидеме народ без свој корен и свој идентитет“, подвлече Ајановски.
На собирот присуствуваа претставници на Македонците од соседните држави. Одговарајќи на прашањата на новинарите, Атанасиос Парисис од „Виножито“ истакна дека не го изненадил одговорот на грчкиот премиер Караманлис на писмото на македонскиот премиер Никола Груевски. „Тоа е перманентна политика на Грција. Државите и премиерите не се тие што признаваат малцинства. Ние, Македонците, сме факт, ние постоиме. Тоа никој не може да го измени“, рече тој.
Собирот беше поздравен и од познатиот наш иселеник, инаку дете-бегалец, Лефтер Манче, од градоначалникот на Скопје Трифун Костовски, од претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, од градоначалникот на Мала Преспа Едмонд Темелко и од претставникот на Виножито Пецо Василијадис. На овој светски собир беше фрлена голема дамка со тоа што некои од присутните, кои најверојатно не беа деца-бегалци, го исвиркаа претседателот Бранко Црвенковски, што не беше случај со спикерот Трајко Велјановски, со министерот за финансии Трајко Славески и, посебно, со Љубе Бошкоски, кои беа пречекани со аплауз. |