Бранителите припукаа едни против други
Стојанче Ангелов негира поврзаност со бунтот на ОМ, а Љубе Бошкоски демантира врска со „Достоинство“
Александра М. Митевска
Спонтан или фингиран раскол во „Достоинство“? Врие во таборот на бранителите по најавите на дел од членовите дека формираат ново здружение „Бедем“, поради, како што велат, партиската обоеност на некои членови во раководството на „Достоинство“.
Несогласувањата ескалираа спроти бунтот кон Владата што го организира Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски. Отцепената струја од „Достоинство“ тврди дека членовите на Здружението се соочувале со притисок да се вклучат во партиските протести што ќе се одржат на 7 ноември пред Старата железничка станица во Скопје.
Претседателот на новоформираното здружение „Бедем“, Горан Димовски, вчера го обвини Бошкоски дека тој и членови на ОМ вршеле притисок врз бранителите да присуствуваат на бунтот. „Тоа е и причината зошто формиравме ново Здружение на бранители. Не сме задоволни од партизацијата на ’Достоинство‘ и приклучувањето кон ОМ. Во нашето здружение има членови на други партии, но ниту еден нема да дозволи да биде вклучен во партиска агенда“, рече Димовски.
Бошкоски, пак, ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека станува збор за сценарија на Груевски. Лидерот на ОМ е категоричен дека немал никаква комуникација со „Достоинство“. „Очекуваме напади, дискредитации, обвинувања за криминал... Но, нема да не' спречат да организираме масовен бунт“, нагласи Бошкоски.
Претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, исто така, негираше дека раководството ги убедува бранителите да излезат на бунтот и вели дека зад групата што најавува формирање ново здружение стои политика.
„Ние знаеме од кого и зошто се формирани и во иднина немаме намера да губиме време со нив. Јас не се сеќавам со ниту еден наш гест дури и да сме насочиле некого индиректно кон некаква политичка опција“, изјави Ангелов.
И во почетокот на оваа година „Достоинство“ беше на работ на раскол откако на генералното Собрание на Здружението се појавија повеќемина политичари, меѓу кои и Бошкоски. Ангелов и тогаш велеше дека една помала група по директива на ВМРО-ДПМНЕ сака да го растури Здружението. Потоа имаше и најави за политичко ангажирање на „Достоинство“ на следните парламентарни избори, но не беше прецизирано дали бранителите би настапиле на изборите како здружение или би се трансформирале во политичка партија.
Членови на разграноците на „Достоинство“ во Охрид, Тетово, Свети Николе најавија дека формираат ново здружение „Бедем“, кое, како што тврдат, ќе дејствува непартиски и чија примарна цел ќе биде да се артикулираат интересите на бранителите од 2001 по законски пат во институциите. За тоа се надеваат на поддршка од Владата, а особено од ресорните министерства - Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.
„Во 2001 година не се боревме за партија, туку за државата, иако во Здружението има членови или симпатизери на повеќе политички партии“, велат незадоволниците од „Достоинство“. Тие во саботата посочија дека за незадоволството и за формирањето на „Бедем“ не разговарале со претседателот на „Достоинство“, Ангелов. (A.M.M.)
ОМ ќе кажат „Доста е“
В недела пред Старата железничка станица членовите и приврзаниците на Обединети за Македонија ќе и' кажат „Не“ и „Доста е“ на власта. Претседателот на ОМ, Љубе Бошкоски, вчера ги откри деталите за антивладиниот бунт, најавувајќи присуство на повеќе граѓани во споредба со митинзите што ги организираа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во текот на оваа година. „Стравот, апатијата и безнадежноста само го потхрануваат режимот на Груевски и на фамилијата.
Само во последните денови има неколку нови причини за бунт“, нагласи Бошкоски. Тој како нови причини ги наведе „разнебитувањето на најстарата образовна институција - Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј‘, намерата да се изгради нов клинички центар - додека постојниот пропаѓа, новите задолжувања кај ММФ и кај Светска банка, катастрофалната надворешна политика и континуирано промашените билатерални средби“.
|