Се судрија двете функции на Владимир Здравев
Антикорупционерите бараат тој да се повлече или од МЕПСО или од Општина Центар
Владимир Здравев, актуелен директор на АД МЕПСО и претседател на Советот на Општина Центар, повторно е на тапет на Антикорупциската комисија, која од него бара да се откаже од една функција, оти вршејќи ги двете истовремено предизвикува судир на интереси. Комисијата го констатирала ова на последната седница и му испратила барање на Здравев кое треба да го испочитува во рок од 15 дена по приемот.
„Се' уште не сум добил никаков официјален документ и не би сакал ништо да коментирам. Во секој случај, сметам дека нема конфликт на интереси и не кршам ниту еден од законите, вршејќи ги двете функции истовремено. Точно е дека во таква ситуација се најдов пред две години, но веднаш кога беше констатирано косење со законските норми, се повлеков од неспојливите функции“, ни изјави вчера Здравев без да коментира за последните прозивки од антикорупционерите.
Тие и пред повеќе од две години отворија сличен случај против него оти тој паралелно извршуваше неколку неспојливи функции. Здравев, кој важи за близок човек на луѓе од врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пред да застане на чело на МЕПСО беше директор на Институтот за акредитација, членуваше во Управниот одбор на Јавното аеродромско претпријатие, а раководеше и со Советот на Општина Центар. Поради неспојливоста на функциите и доцнењето со поднесување парафирани оставки, Здравев дури доби и жолт картон од Државната антикорупциска комисија. Всушност, тоа беше првата изречена опомена од антикорупционерите против службено лице кое повредило законска одредба. Жолтиот картон го доби бидејќи извесен период како директор на МЕПСО фигурираше и во Управниот одбор на ЈПАУ„Аеродром - Скопје“, а задоцни и со официјалната оставка во Институтот за акредитација. (Дс.Т.)
|