Невремето во Скопје корнеше дрвја
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат можна појава на невреме и в недела
Снежана Калабакова
Големо невреме проследено со пороен дожд, грмежи и многу силен ветер од 120 километри на час завчера го зафати Скопје и за нецел час предизвика големи штети. Притоа, настрадаа многу покриви, а се искршија и прозорци. Последица на невремето беа опожарени објекти и прекини во електричната мрежа. Ветрот безмилосно корнеше дрвја и кршеше гранки, а дождот како од кабел за миг ги наполни улиците со вода. Материјалната штета се проценува.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат можна појава за невреме и за задутре. До средината на идната недела ќе се задржи сончево и топло, гласи временската прогноза. Во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност, со локален пороен дожд, засилен ветер и грмежи. Дневните температури ќе бидат меѓу 20 и 27 Целзиусови степени.
Во пределот на скопската населба Кисела Вода беа забележани и врнежи од град. Дожд со силен ветер и ситен град имаше во Велес и Велешко. Невремето предизвика оштетување на електричната мрежа. Без струја четириесетина минути останаа селата Бузалково, Раштани, Сливник, Р‘левци, С’лп, Белештевци, Јасеново и Богомила. Прекин во напојувањето имаа и Иванковци и Црн Врв. Системот за одбрана од град дејствуваше во Велешкиот регион со десет противградобијни ракети.
Завчера во Скопје за кусо време наврнаа 12 литри на квадратен метар. Улиците станаа речни корита. Најкритично беше кај клучката „Континентал“, Момин Поток, под стоковната куќа „Мост“, на улиците „Бихаќска и „Финска“, потоа кај хотелот „Александар палас“, во населбата Карпош 3 и населеното место Инџиково. На овие делови од градот сообраќајот се одвиваше отежнато, а возилата пливаа како во река.
Екипите на градските јавни претпријатија речиси цела ноќ интервенираа. Пожарникарите од Противпожарната бригада во текот на ноќта изгаснаа четири пожари, предизвикани од удар на гром. Брзата акција на пожарникарите спречи поголем�� материјални штети на опожарените објекти. Пожарникарите помагале и при отстранување дрво кое по вчерашното невреме, се заканувало да се урне врз куќа на улицата „Панче Неделковски“ и да предизвика големи штети.
Бригадата за противпожарна заштита синоќа по удари од гром имала успешна интервенција во гасење на запален електричен воздушен приклучок на улицата „Македонско-косовска бригада“, а на улица „Софиска“ изгаснала запалена покривна конструкција од станбен објект. Пожарникарите интервенирале и на запалени електрични броила на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ во станбена зграда и во куќа на „Тодор Чангов“.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека од невремето што го зафати Скопје е оштетен покривот на Основното училиште „Партение Зографски“. Откорнати се околу 20 квадрати од покривот на објектот, додека неколку греди паднале врз спортската сала. Ветрот го однесе и покривот на Средното училиште „Марија Склодовска-Кири“ и искрши прозорци. Училишниот двор вчера беше полн со стакла, а учениците во првата смена не одржаа настава.
Од Градот информираат дека екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ завчераноќ беа целосно мобилизирани, а вчера ги расчистуваа паднатите дрвја. Притоа, отстранија 39 паднати дрвја на булеварите „Партизански одреди“, „Србија“, „Александар Македонски“, АВНОЈ, потоа на улиците „Трета македонска бригада“, „Орце Николов“, „Михаил Чаков“, „Илинденска“, „Првомајска“, „Руди Чаевац“, „Алпи“, „Вангел Дину“, „Самоилова“, „27 Март“, и „Ферид Бајрам“. Расчистени беа и паднатите дрвја кај „Рекорд“ во центар, во населбата Ново Лисиче и кај Геронтолошката болница во Ѓорче Петров.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ по невремето интервенираа во текот на целата ноќ, а и вчера работеа на повеќе локации низ градот. Од паднатите лисја и гранки беа затнати поголем број сливници на градските улици. Со цистерни под притисок и вакуум, дежурните екипи ја испумпуваа насобраната вода од подвозниците и критичните точки. Поради прекин во електричната енергија, во текот на ноќта за кратко време откажала и фекалната канализација во Маџари, но од „Водовод“ навреме интервенираа. |