Шврговски: Не се точни тврдењата на сведокот за атентатот
Следен чекор на Обвинителството ќе биде утврдување на мотивот на сведокот
Гордана Дувњак
Изнесените тврдења на новиот сведок за обидот за атентат врз тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, се покажале како неточни и невистини. Сведокот не е автор на оригиналната фотографија снимена ден пред атентатот, на која се гледа возилото „ами 6“ што послужи како автомобил-бомба, туку германскиот професор Ханс Хертих, кој за време на својот престој направил 64 туристички фотографии. МВР ги има обезбедено оригиналната фотографија, како и уште една друга, која е снимена само 15 секунди по претходната, како и негативот од снимките. Не се потврдени како веродостојни ни информациите за другите имиња што ги спомнува сведокот во својот исказ, со што паѓа во вода тезата за вмешаност на домашни разузнавачки служби, дури ни како логистика на атентатот.
Овие сознанија вчера ги соопшти државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски, чија долгонајавувана прес-конференција предизвика голем интерес и публицитет во јавноста. На средбата со новинарите тој дојде придружуван од обвинителот од организиран криминал, Марко Зврлевски, кој го води случајот „Атентат“, и една од заменичките во Јавното обвинителство во Македонија, Клео Бубевска. Шврговски и вчера одби да го открие идентитетот на сведокот, а избегна и директен одговор дали тој ќе биде обвинет за лажно сведочење, велејќи дека ќе постапат „по закон“. Но, при правењето на записникот, обвинителот му предочил на сведокот дека давањето лажен исказ е кривично дело. За Обвинителството овој случај не е затворен, но засега нема елементи за отворање официјална истрага кон конкретен сторител.
Според Шврговски, МВР постапило целосно по неговите барања за спроведување определени истражни дејства, при што биле сослушани девет лица. Сведочењето на човекот, кој се претставуваше како поранешен вработен во МВР, било лоцирано на две нивоа: индиции, за кои немал релевантни податоци, и доказни средства, кои би можеле да се утврдат.
Утврдено е дека сведокот не е автор на оригиналната фотографија снимена пред атентатот, туку германскиот професор Ханс Хертих
Сведокот во неврзан разговор дознал дека еден негов колега вработен во ДБК непосредно пред атентатот купил „ами 6“ со непозната боја за роднина од Алексинац. Ова тврдење било проверено во два наврата - непосредно пред атентатот и сега, но продавачот на автомобилот воопшто не го препознал лицето кое се посочува како купувач.
Што се однесува до тврдењето на сведокот дека не постои германски турист, туку дека сведокот е автор на фотографијата, која е направена по наредба на негов претпоставен, а подоцна филмот е даден на изработка кај лице од Крим-техника, проверката покажала дека тоа не е точно.
„Ова беше клучно прашање, кое доколку се докажеше, ќе значеше посредна вмешаност на ДБК во логистицирањето при извршувањето на атентатот. Од МВР се обезбедени доказни средства кои недвосмислено и без никакво сомневање докажуваат дека сведокот ниту ја направил фотографијата ниту, пак, филмот е развиен од лице во Крим-техника. Оригиналната фотографија е добиена од германски турист, професор Ханс Хертих, кој службено престојувал во Македонија по покана на свои колеги од МАНУ“, појасни Шврговски, покажувајќи ја зголемената фотографија направена од оригиналот. Покрај спорната фотографија, постојат уште 64 други што ги направил професорот од историски споменици во земјата. Обезбедена е оригиналната фотографија, заедно со негативот марка „прост“, кој не се произведува во Македонија. Станува збор за евтин филм што се користи во туристички цели. Како што наведе обвинителот, на сведокот веројатно не му било познато дека постои уште една фотографија на која се гледа професорот, која е снимена десетина секунди подоцна од неговиот колега Вернер Трини. По нивната анализа е утврдено дека фотографиите се направени едноподруго, бидејќи во заднината се гледа истиот случаен минувач. Фотографиите се откриени во средината на декември истата година, при возвратна посета од македонски колеги, кога при разгледувањето на албумот е забележана фотографијата на кое е возилото „ами 6“. По дипломатски пат, преку нашата амбасада во Германија и со помош на германската разузнавачка служба БНД, фотографиите со негативот се испратени во Македонија. При проверката од МВР е утврдено и дека посоченото лице од Крим-техника од мај 1995 година не работи во МВР, така што немало технички можности да го развие филмот.
Шврговски нагласи дека следен чекор на Обвинителството ќе биде утврдување на мотивот на сведокот кој по 13 години се одлучил да ги изнесе овие сознанија, евентуалната одговорност на сведокот кога изнесува невистини, како и можната инволвираност на други лица. Обвинителот потврди дека по направените проверки во три наврати имал средба со сведокот по негово барање. „Му ги предочив сите докази, тој немаше одговор“, рече Шврговски, додавајќи дека сведокот донел и некаков наводен важен документ во коверт во кој имало дискета. Но, по проверката се утврдило дека нема битни сознанија, туку тврдење дека двајца припадници на МВР биле на курс во Германија. Сведокот бил доста конфузен и не можело да се разбере што сака да каже.
Според обвинителот, немало потреба за нова средба со професорот Фрчкоски, бидејќи тој не ја изнел содржината на исказот на сведокот. За оставката на обвинителот Ѕвонко Ристовски, тој рече дека тоа е негово легитимно право и тој не бил должен да го извести Советот за своите мотиви. Но, Шврговски категорично ја отфрли можноста дека тоа е во врска со атентатот, бидејќи на овој случај работел друг обвинител. Тој не можеше да даде прецизен одговор дали е испитувана кражбата на експлозивот во Министерството за одбрана што се случувала неколку месеци пред атентатот, но рече дека доволно се истражувани и апсолвирани сите траги што воделе во различни правци.
Државниот јавен обвинител ги отфрли како невистинити тезите дека „некој свесно ја попречувал истрагата“, подвлекувајќи дека има механизми како да се проверат ваквите тврдења, кои во форма на шпекулации се изнесуваат во јавноста. На крајот, Шврговски додаде дека ќе продолжат да го истражуваат овој случај, за кој се во координација со другите служби од регионот. |