Приказна за една јалова инвестиција
„Џенерал дајнамикс“ се' уште не се откажал од желбата да инвестира во Македонија во производство на воена опрема и чека сигнал од Владата
Маја Томиќ Соња Маџовска
Големата американска компанија „Џенерал дајнамикс“ од пролетта 2008 година чека зелено светло од Владата за да инвестира во Македонија. Поточно, од 8 април таа година, кога беше направена голема промоција на оваа странска инвестиција лично од страна на премиерот Никола Груевски и од носителот на проектот, министерот за странски инвестиции Веле Самак. Се' досега нема официјално објаснување зошто Владата ја изгуби храброста и решеноста да го продолжи почнатиот процес за оваа оф-сет инвестиција. По се' изгледа, Владата ја испушти шансата на листата на инвеститори да го имаме овој производствен конгломерат, петти во светот во областа на одбраната, кој ќе го подигнеше рејтингот на земјата. Посебно ако се знае дека на Македонија, поточно на Министерството за одбрана, и тогаш, како и сега, му се потребни производите од „Џенерал дајнамикс“, односно воена опрема за потребите на војската. Судбината на оваа инвестиција остана да виси во воздух, бидејќи Владата досега не се изјаснила дали останува на намерата да ја привлече ЏД.
Според наши извори, „Џенерал дајнамикс“ се' уште не се откажала од желбата да инвестира во Македонија и чека сигнал од Владата.
Меѓу лицата непосредно вклучени во оваа инвестиција беше и Виктор Јацковиќ, поранешен амбасадор на САД во Словенија, а тогаш и сега, советник и претставник на неколку американски компании за производство на воена опрема во регионот. Меѓу нив е и „Џенерал дајнамикс“. Во изјавата за „Утрински весник“ тој вели: „Сето тоа извиси затоа што Владата, односно Министерството за одбрана не распиша тендер за производство на воена опрема, ниту тогаш ниту подоцна. Ние бевме и се' уште сме подготвени за влез на македонскиот пазар, ако Владата покаже решеност. Кампањата што ја водеше Веле Самак за да ја донесе оваа инвестиција беше одлично спроведена, како и другите владини кампањи во странство за привлекување на инвеститори. Можеби работата со ЏД не се заврши до крај затоа што се чувствуваше почетокот на економската криза. Како и да е, ако има тендер, ние сме подготвени да инвестираме“.
Можеби поради еуфоријата од тогашните вонредни избори во јуни, по Самитот на НАТО во Букурешт, не се сфати важноста на овој проект. Ваква е претпоставката на познавачите и на посредните учесници во проектот. Во секој случај, одбивањето да се продолжи со привлекувањето на „Џенерал дајнамикс“ беше голема грешка на Владата, која не ја процени вистинската вредност на инвестиција од ваков тип, што е потребна за земјава повеќе од кога било.
„Доколку дојдеше оваа моќна компанија, тогаш и многу други фирми од САД ќе се охрабреа да влезат на нашиот пазар. Преку ЏД ќе можеше Владата да ги врзе јавните набавки, на пример, што може и треба да биде практика затоа што со тоа се поедноставува целата процедура“, велат овие учесници во проектот. Оваа инвестиција ќе имала големо значење за Македонија ако се земе предвид фактот дека станувало збор за оф-сет инвестиција. А тоа значи дека колку оваа компанија би произведувала во земјава, во толкава вредност би имала обврска да откупува македонски производи што би ги продавала надвор. Ова функционира секаде во светот, на пример „Кока-Кола“ во Словенија работи на тој принцип, поради што многу полесно словенечките производи го наоѓаат својот пат до странските пазари.
Замислете колкав бенефит би имала земјава доколку се направи договор за ваква инвестиција, велат познавачите. Лозарите, винарите и другите земјоделски производители, кои имаат проблеми да се пласираат надвор, во таков случај само би се бореле за што повисока цена.
Дали ова значи дека Владата нема храброст или греши со дизајнот на привлекување инвеститори? Овој начин на преговори е веќе испуштен и во договарањето при набавките на компјутерите и на автобусите. Познавачите велат дека тоа се лоши процени на Владата.
Најповиканиот за доаѓањето на „Џенерал дајнамикс“ во Македонија, министерот Веле Самак, е надвор од земјава и не можеше во изминатите денови да коментира околу оваа инвестиција.
Глигор Ташковиќ, ексминистер за странски инвестиции, оценува дека ЏД е единствена успешна креација на Веле Самак, која тој ја завршил добро од почеток до крај.
„Тој секако нема да се согласи и ќе ја посочи француската ’Монтипе‘, за што јас отсекогаш сметав дека е политички договор дизајниран да обезбеди реизбор на владејачката партија и нема многу заедничко со вистинска инвестиција. Идејата беше во Македонија да се донесат компании што имаат заеднички бизнис со ’Џенерал дајнамикс‘. Самак потроши многу време обидувајќи се да ги усогласи потенцијално заинтересираните компании, да ги донесе во Скопје и мислам дека неговиот кабинет направи извонредна работа“, вели Ташковиќ.
Тој додава дека Македонија со ЏД ја испушти шансата да обезбеди производство на воена опрема, во партнерство со земјите од Јадранската група, Албанија, БиХ и Хрватска. Со тоа ќе испратеше силен сигнал до НАТО за подготвеноста и за капацитетот на државата за влез во Алијансата. Инаку, било предвидено ЏД да биде лоцирана во кругот на фабриката „Металски завод - Тито“, каде што требало да се одвива производството.
На 8 април 2008 година, кусо време по Самитот на НАТО и ветото на Грција за наш прием во Алијансата, во Скопје беше одржана дводневна „Македонска конференција за доставувачи и инвестиции“, во организација на кабинетот на Самак, а во партнерство со „Џенерал дајнамикс“. На форумот присуствуваа претставници на некои најголеми американски и британски компании, како што се 3М, „Компјутер сајенсис корп.“ и „Хјулит Пакард“, како и претставници од 45 македонски фирми, нивни потенцијални соработници. Притоа, „Џенерал дајнамикс“ беше посочена како еден од десетте најголеми производители на комерцијални и наменски производи, со годишен обрт од над 27 милијарди долари и повеќе од 80.000 вработени низ цел свет.
Премиерот Груевски во говорот посочи дека Македонија нуди одлични услови за бизнис и во неа веќе успешно опстојуваат голем број странски компании што имаат многу поволни услови з�� работа поради низата даночни и други реформи.
„Ова се реформи што ниту едно грчко вето не може да ги оспори“, рече тогаш Груевски. Самак, пак, изјави дека се надева оти оваа конференцијата ќе стане традиционална.
„Очекувам странските фирми да доаѓаат и да се поврзуваат со нашите компании, да остваруваат бизнис-релации и да гледаат инвестициски можности. Со тоа ќе се овозможи и партиципација на оф-сет програми со кои, која било идна јавна набавка на Македонија, ќе се враќа стопроцентно или повеќе од тоа, назад во македонската економија. Се надевам дека ќе има позитивен резултат од овие состаноци и оти овие бизнис-релации ќе го продолжат просперитетот на Македонија што го почнавме“, рече тој.
Поранешниот британски амбасадор во Македонија, Андру Ки, тогаш истакна дека иднината на земјата е во ЕУ и во НАТО.
„Знам дека Македонија беше разочарана од Самитот во Букурешт. Верувам дека иднината на земјата е во НАТО и во ЕУ, бидејќи граѓаните го сакаат тоа, па и ќе го остварат... Сметам дека бизнисмените имаат големи можности и ќе им препорачам да ги искористат“, изјави тогаш Ки.
Конференцијата на која присуствуваа толку моќни светски компании заврши, министерот Веле Самак го заврши својот дел од работата, но Владата никогаш не објави тендер за доаѓањето на „Џенерал дајнамкис“. И денес, две и пол години подоцна е мистерија зошто се откажавме од оваа понуда.
Кој е „Џенерал дајнамикс“
Американскиот конгломерат „Џенерал дајнамикс“ има долга историја и минала низ повеќе развојни фази. Во поново време, успеа со низа успешни спојувања и аквизиции од 2008 година да стане петтиот по големина производител на одбранбена опрема во светот.
„Џенерал дајнамикс“ е пазарен лидер во бизнис-авијацијата, производство на борбени возила и системи, муниција, во бродоградбата и поморските одбранбени системи, како и софистицирани информатички системи и технологија.
Компанијата има четири главни бизнис-сегменти: воздухопловство, борбени системи, поморски системи и информациски системи и технологија.
Во најуспешните епизоди во богатата историја на „Џенерал дајнамикс“, меѓу другото, е производството на Ф-16, најпроизведуваниот ловец на млазен погон.
Фирмата почнала со развивање системи за идентификација на помали мети и опрема за следење на комуникациите со мобилни и лаптопи. Развиле и софтвер што прибира милијарди информации од разузнавачките агенции и ги дели на помали парчиња што може потоа да ги анализира едно лице. Потоа фирмата купила уште 11 други компании што се занимаваат со сателити, прислушување, извидување. Од 2000 до 2009 бројот на вработени се зголемил од 43.300 на 91.700, а прометот од 10,4 на 31,9 милијарди долари.
Компанијата денеска има договори за обука на нови аналитичари, за заштита на компјутерските мрежи на владата и кодирање на воените комуникации, па дури има и договори за операции со кои се прави обид да се влијае на тоа како странците гледаат на американската политика. |