Функционери на ДУИ во кодошка мрежа
Почна да се остварува најавата за улична лустрација. Документите за кодошењето сега почнаа да се фрлаат во дворови
Светлана Унковска
Универзитетскиот професор на ДУТ, Шпенд Љуши, вчера до Комисијата за лустрација достави папки со документи за функционери на ДУИ за кои се тврди дека, наводно, биле соработници со тајните служби. Станува збор за тројца високи партиски личности од кои едниот е пратеник, а другиот министер од актуелниот состав. И двајцата се од кичевско Зајас, додека третиот, висок партиски функционер по потекло од Дебар, е поранешен пратеник и екска��дидат на претседателските избори. Од партијата на Ахмети вчера категорично ги отфрлија ваквите обвиненија, додека лустраторите најавија дека повторно ќе ја отворат процедурата за проверка на функционерите.
„Со тоа што ги предадов трите досиеја до Комисијата за лустрација јас ја завршив својата граѓанска должност. Документите ги најдов фрлени во дворот. Ги отворив и видов дека станува збор за високи функционери од власта. Тројца се, само Албанци“, изјави професорот од Тетово, Љуши, откако им ги предаде папките на лустраторите.
Професорот Љуши, кој првично се претстави само како граѓанин од Тетово, тврди дека трите досиеја со класифицирани документи ги нашол фрлени во својот двор. Кога ги отворил видел дека дебелите досиеја се однесуваат на тројца функционери на ДУИ, кои биле водени под псевдоними. Досието на пратеникот било водено под името „Вујко“, на министерот „Мама“, а на поранешниот пратеник е заведено под псевдонимот „Стрелец“, за кого се тврди дека бил во контакти и со КОС.
Документите се однесувале за периодот од 80-тите години до 90-тите години како соработници со тајните служби на поранешна Југославија, односно со тогашната Служба за државна безбедност. Наводно, во досиејата постоеле и признаници за примени пари, документи адресирани до поранешни високи југословенски функционери и раководители на тајните служби. Постојат и документи дека биле уфрлени како кодоши меѓу албанската емиграција во Швајцарија и во Германија, за кое неколку пати примиле парични средства од 2.500 германски марки, 4.500 швајцарски франци и 40.000 швајцарски шилинзи.
Во Комисијата вчера беа изненадени и не знаеја како ќе постапуваат со новите докази, бидејќи процедурата за лустрација на функционерите веќе е завршена. Претседателот на Комисијата, Томе Аџиев, рече оти деновиве ќе го разгледаат Законот, но тој е убеден дека доколку информациите се веродостојни, повторно ќе ја отворат постапка за лустрирање на функционерите.
„Ова е прв пат трето лице, во согласност со Законот, да ни достави некакви документи. Досиејата се архивирани, ќе ги разгледаме и ќе видиме како ќе постапуваме по нив. Само тоа можам да кажам“, изјави првиот лустратор Аџиев.
Од ДУИ вчера ги отфрлија обвинувањата за постоење документи дека нивни високи партиски функционери биле соработници со тајните служби и сето ова го оценија како блеф на ДПА. Извори од партијата на Ахмети тврдат дека доставителот на документите е брат на пратеничката на ДПА, Садие Илјази“, инаку, сопруга на претседателот на тетовскиот разгранок на ДПА.
„Фактот дека пред Комисијата се појавува некој граѓанин и претендира оти поседува веродостојни информации за соработници со тајните служби докажува дека станува збор за чист блеф. Се прашуваме кое е ова лице, кое поседува документи и колку тие купови хартија можат да бидат кредибилни. Ова што се случи уште еднаш покажува дека нашиот политички опонент ДПА е решена лустрацијата да ја претвори во битка за дискредитирање на Албанците“, реагираше вчера пратеникот на ДУИ, Сафет Незири.
Засега Комисијата за лустрација има донесено само една одлука за соработка на функционер со тајните служби, која се' уште не е конечна. Претседателот на Уставен суд, Трендафил Ивановски, ја оспори одлуката пред Управниот суд, тврдејќи дека е направен упад во неговото досие, односно оти недостасуваат четири страници, но и тоа дека некои документи се фотокопија, иако во тоа време не постоеле фотокопири. Директорот на Државниот архив, Зоран Тодоровски, вели дека ваквите обвинувања се неосновани и оти севкупната документација во досиејата се преземени од МВР и ниту едно од нив не е „прочистувано“.
„Одговорно тврдам дека ниту едно досие не е ниту дополнувано ниту оттаму се вадени документи. Во Архивот има илјадници досиеја, кои се преземени од МВР, а каква било интервенција во нив е кривично дело кое, според закон, е казниво со затворска казна. Судијата и неговиот адвокат обвинуваат преку медиуми, но тој не дошол лично да го види своето досие“, тврди Тодоровски. За обвинувањата на Ивановски дека му се уфрлени документи што биле фотокопии, иако во 60-тите не постоел фотокопир, директорот Тодоровски објаснува дека тоа се фотокопии направени по барање на Комисијата за лустрација и фактички тој ги видел тие копии, но тврди дека оригиналите се кај нив.
„Затоа тој требаше да дојде и да види што има негово досие, а документите кои и' се доставени на Комисијата за лустрација се фотокопии за нивните потреби“, вели Тодоровски.
Од Ком��сијата за лустрација, исто така, ги отфрлаат обвинувањата на судијата Ивановски дека тие не си ја завршиле работата како што треба.
„Според Законот, Комисијата не може да ги проверува фактите во досиејата, туку тоа самиот Ивановски може да го бара на суд. Затоа и ние донесовме одлука дека тој може да се жали на суд, а не донесовме конечна одлука. Бидејќи Комисијата нема законска можност да ја утврдува веродостојноста на досиејата, откако судијата изрази сомневање, оставивме можност тој да се жали на суд и да докажува дали му е ’фабрикувано’ досието“, вели Чедо Дамјановски, член на Комисијата. (Св.У.) |