За три месеца увезени 16.000 стари возила
Вкупно се увезени и оцаринети 18.256 возила, од кои само 1.675 се нови
Маја Томиќ
Се' поеуфоричен станува интересот кај македонските граѓани за увоз на стари возила. Податоците од Царинската управа запрепастуваат. Од 13 март, откога Владата ја зголеми старосната граница за увоз на половни возила до 15 години и ги коригираше акцизите и царините, па до 1 јуни, во земјава влегле вкупно 18.256 возила од странство. Од нив, дури 16.581 се половни, а само 1.674 нови. Притоа, половината и од новите и од старите коли се дизел.
Од Царина велат дека од овој увоз се инкасирале во буџетот околу 10 милиони евра. Ако се земе дека во просек едно возило чини околу 3.000 евра, а на тоа се плаќаат (најчесто) еден отсто царина и плус 18 отсто ДДВ, просечните вкупни давачка по возило изнесуваат од 600 до 700 евра.
„Заработувачката на државата е уште поголема. Не е така како што кажуваат надлежните во весниците, само еден отсто царина. Тоа важи само за оние коли со Еуро 1 стандард, односно постарите модели. А, такви речиси и не се увезуваат, туку се сите со повисоки стандарди, така што царината е поголема, 3, 4 или 5 отсто. Со сите давачки се собираат уште 27 отсто плус од цената“, вели еден увозник на половни возила. Тој додава дека најмногу се увезуваат автомобили „поло“, разни модели на „опел“, „голф“, „пунто“ и на „ауди 3“.
Очигледно е дека се' помасовната определеност на граѓаните за стари возила е одраз на нискиот животен стандард. Бидејќи, кој може со плата од 200 до 300 евра да си дозволи нов просечен семеен автомобил, што чини 10.000 евра. Така, во последно време, повеќето кои веќе поседуваат стар автомобил го продаваат, додаваат уште пари или земаат кредит и си набавуваат од странство, во секој случај, подобро и поново возило од она што веќе го имале.
Дали растечкиот тренд на увозни половни автомобили ќе ја сотре потрошувачката на новите возила? Дали домашните увозници ги фаќа паника? Тие јавно не го признаваат тоа. Но, бројките покажуваат лоши состојби. Погоре веќе се спомена дека од вкупниот увоз на возила за еден и пол месец, само 1.675 биле нови, или околу 10 отсто од вкупно увезените.
Според податоците од Сојузот на стопански комори, пак, за четири месеци од годинава, од јануари до крајот на април, биле продаден�� 2.640 нови моторни возила, што е за 30 отсто помалку од истиот период лани, а за 54,72 отсто помалку од тој период во 2008 година. Продажбата на возила во првите четири месеци од годинава е на нивото од 2004 година, информираат од ССК.
Увозниците, генерално, ценат дека увозот на половни возила е само една од причините за намалената продажба и додаваат дека старите коли не ги сметаат за рамноправна конкуренција, затоа што станувало збор за различна категорија клиенти. Намалениот интерес го поврзуваат и со ланската криза и со се' уште стегнатите, ригорозни услови на банките за кредити и на лизинг-компаниите. За да ја подобрат продажбата, увозниците од лани започнаа да ги намалуваат цените на одредени видови коли и до 1.500 евра. За некои луксузни автомобили, пак, по намалувањето на акцизите, снижувањето на цените беше во просек 500 евра. Досега напорите на увозниците очигледно не дадоа резултати, бидејќи продажбата паѓа во континуитет.
„Воведовме некои новини во понудата и лани и од почетокот на годинава, имаше и извесни корекции во цените, затоа што мораме да ја следиме конкуренцијата. Но, и покрај тоа, генерално, продажбата на нови автомобили паѓа. Конкретно не сме погодени директно од увозот на старите возила, бидејќи нашите клиенти се поинакви. Кај нас се чувствува стагнација на услугата, замена на старо возило за ново. Веројатно луѓето чекаат некој поповолен период и пад на цените за да го сторат тоа“, вели Златко Калеников, претседател на Групацијата на увозници на моторни возила и застапник на „Сеат - Кадис“
Зоран Дојчиновски од „Авто Македонија“ посочува дека за да ја зголемат потрошувачката, малку ги намалиле цените на одредени видови повисоки класи возила. „И ние се сочуваме со намалена продажба. Не сме имале од скоро сериозно намалување на цените, освен на одредени модели за чиј увоз беше изразено намалена акцизата, како што е ’круз‘, кој поевтини за околу 500 евра“, вели Дојчиновски. Тој додава дека увозот на стари коли не е главна причина за падот на продажбата, туку имало и други фактори, меѓу кои и отежнатото давање кредити од банките. (М.Т.)
|