Коњановски и СДСМ разменуваат „пријателски оган“
Макрадули го обвини Коњановски дека ќе оди на шетање, а со себе ќе ја понесе и сопругата
Министерот за одбрана, Зоран Коњановски, вчера се извини за гафот на опозицијата, која неговата посета на САД и на Канада ја окарактеризира како туристичка.
„Чувствувам за потребно да им се извинам на нашите пријатели од САД и од Канада за односот на дел од пратениците, кои работните средби со државниот секретар на САД, Роберт Гејтс, и со министерот за одбрана на Канада, Питер Мекеј, сенатори, конгресмени и со видни личности од САД и од Канада ги оквалификува како туристичка посета. Се надевам дека ова е изолиран случај и не е став на целата пратеничка група на СДСМ“, изјави Коњановски.
Сепак, СДСМ и вчера остана на ставот дека министерот, во услови на економска криза, патува „во туристичка посета на САД и на Канада, платена со државни пари“. Социјалдемократите го повикаа Коњановски да одговори на неколку прашања:„ Зошто со себе ја носи и својата сопруга? Зошто претходно официјалните лица од Канада два пати му ги одбиле барањата за посета? Зошто троши 75.000 евра народни пари за изнудена посета? Зошто кога на професионалните војници не им се плаќаат дневници, кога нема средства за опрема и за униформи се трошат народни пари за екскурзии на Коњановски и неговата сопруга?“
Потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули од СДСМ, завчера на седницата за пратенички прашања го критикуваше министерот дека ќе оди на шетање и ќе престојува во луксузни хотели, а со себе ќе ја понесе и сопругата. Макрадули го обвини Коњановски дека за ова „празно патување на кое ќе го следи десетчлена делегација ќе бидат потрошени 75.000 евра од државната каса“.
Шефот на одбраната негираше дека агендата на неговото патување била празна и додаде оти делегацијата ја сочинуваат шест претставници од Министерството за одбрана и тричлена новинарска екипа.
„Зарем сметате дека не треба да се оди во официјална посета на САД? Во САД ќе имам работна средба со државниот секретар на САД, Гејтс. Во тие три дена ќе имам средби со тројца сенатори и со еден конгресмен. Средба и прием во НДУ, во Белата куќа и во Пентагон. В четврток ќе престојувам во Отава каде што имам официјална работна средба со министерот за одбрана на Канада, Мекеј. Една вечер ќе имам средба со нашите иселеници“, изјави Коњановски. Притоа најави дека преку сите медиуми ќе информира каде ќе патува и во какви хотели ќе спие. „Во исто време ќе се потрудам да испратам известување каде спиеле моите претходници и колку плаќале за тие хотели“, одговори Коњановски.
Коњановски во САД и во Канада ќе биде придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ, Мирослав Стојановски. Средбата со Гејтс треба да биде средба од највисок ранг на македонски функционер со оваа американска администрација. Коњановски очекува да биде отворено прашањето за членството на Македонија во НАТО, пред самитот на Алијансата во ноември во Лисабон. (О.В.) |