Андреа Бочели
Благодарен што мајка му не абортирала
Оперската ѕвезда Андреа Бочели рекол дека и' е бескрајно благодарен на својата мајка што се послушала себеси и не го отфрлила
Оперскиот пејач Андреа Бочели јавно и' се заблагодарил на својата мајка Еда, зашто не го послушала советот на лекарите и не абортирала, откако и' кажале дека тој ќе има некаков вид деформација.
Тенорот, кој низ цел свет продал повеќе од 70 милиони плочи, на концертот во родната Италија на публиката и' ја раскажал приказната за една бремена жена, која е примена во болница, зашто имала воспаление на слепото црево.
„Лекарите и' ставале мраз на стомакот, а кога третманот завршил и' рекле дека треба да го абортира детето. Лекарите и' посочиле дека тоа е најдобро решение, зашто детето ќе се роди со некаков вид инвалидитет. Но, младата и храбра жена одлучила дека нема да абортира и детето е родено. Жената беше мојата мајка, а јас детето“, раскажал Андреа, удирајќи по клавишите, осветлен на сцената само со сина светлина. Во емотивниот излив додал дека поради целата приказна е пристрасен, но смета дека тоа била вистинската одлука.
„Се надевам дека ќе охрабрам многу други мајки, кои би можеле да се најдат во тешка ситуација, но сакаат да го спасат животот на своето бебе“, порачал Бочели. Тој е роден во 1958 година. Набрзо му бил дијагностициран вроден глауком, поради кој останал делумно слеп. Кога имал 12 години го удриле со топка по главата, по што сосема ослепел.
Во својата порака тој не објаснил зашто лекарите предложиле абортус во време кога таква практика била илегална во Италија. Абортусот во таа земја станал легален во мај 1978 година, кога на Италијанките им е дозволено правото да ја прекинат бременоста на сопствено барање во првите 90 дена. Пред тоа, абортус можел да се направи само ако фетусот бил сериозно деформиран, или животот на мајката бил во голема опасност.
Бочели не рекол ниту дали неговата мајка била подложена на операција на слепо црево, ниту опишал на што се сомневаат лекарите во врска со неговата здравствена состојба. Неговата посвета на мајка му е ставена на „Јутјуб“ од страна на американската организација, која се бори против абортусот.
Оперската ѕвезда Андреа Бочели рекол дека и' е бескрајно благодарен на својата мајка што се послушала себеси и не го отфрлила.
Пред 12 години, во 1998 година, списанието „Пипл“ го сместил на листата на 50 најубави луѓе на светот, а во март годинава добил ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд поради придонес во театарот.
Роден е во Тоскана и израснал на фарма со т��ткото Алесандро, мајката Еда и братот Алберто. Неговите родители произведувале вино во селото Ла Стреѕа. И денес 70-годишната Еда и Алберто живеат во семејниот дом, додека татко му починал во 2000 година. Уште како момче Андреа покажувал интерес за музиката. Еда имала обичај да зборува дека музиката е единствена работа што може да го утеши и смири. На шест години почнал да свири на клавир, а подоцна научил да свири флаута, саксофон, тромбон, харфа, гитара, тапани и труба.
Андреа во текот на целото детство обожавал да пее, а кога имал 14 години победил на својот прв пејачки натпревар, со легендарната арија „О, соле мио“. Но, заминал да студира право во Пиза. За да се издржува пеел во барови, но, сепак, ги завршил студиите и една година работел како адвокат.
Во 1992 година италијанската поп-ѕвезда Цукеро отворил аудиција за тенори, за да направи демо-снимка за својот албум и му го испратил на Лучано Павароти. Откако славниот тенор го слушнал Андреа како пее, му рекол на Цукеро дека ќе сними песна со него. Демо-снимката и' ја испратил на Катерина Касели, која и денес му е менаџерка и продуцентка на Бочели. Потоа следел молскавичен успех. За време на студиите ја запознал својата, сега бивша, сопруга Ерика, со која има два сина - Амос и Матео. По благодарноста за својата мајка, ја отсвирел песната, која токму неговите двајца синови најмногу ја сакаат, а се наоѓа на неговиот последен албум. (Ј.П.) |