Тројца загинати во две несреќи
Татко и син загинаа кај Кавадарци, тракторист настрада во Струмичко
Татко и син загинаа во стравотна сообраќајна несреќа што се случи во четвртокот попладне на патот меѓу Градско и Прилеп, поточно во близина на тунелот кај селото Фариш. Како што соопшти МВР, околу 14,20 часот дошло до директен судир меѓу „форд ескорт“, управуван од Никола Поповски (24) од Скопје и камион „Ман“, управуван од И.И. (41) од Скопје. Судирот бил кобен за возачот на автомобилот, кој загинал на самото место, додека неговиот татко Страшо Поповски (61) се здобил со тешки повреди, на кои им подлегнал во кавадаречката болница.
Очевидци велат дека автомобилот се движел кон Кавадарци, а камионот во спротивна насока. Коловозот бил лизгав, па се шпекулира дека придонел за трагедијата. Надлежните извршија увид и ги истражуваат причините за несреќата.
Пред неколку недели, во близина на Фариш се случи уште една трагична сообраќајка, во која три лица загинаа по судир меѓу автомобил и автобус. Граѓаните велат дека на тој пат постојано се случуваат несреќи и потенцираат дека на патниот правец меѓу Градско и Прилеп постојат шест црни точки со опасни и остри кривини.
Од полицијата информираат дека едно лице загина, а едно е повредено во тракторска несреќа што се случи завчера околу 10 часот на локалниот пат меѓу струмичките села Иловица и Дрвош. Димитар Илиев (67) од селото Штука изгубил контрола врз тракторот што го управувал и се превртел, по што починал. Сопатникот Р.И. (71) се здобил со телесни повреди. (Г.А.) |