Патување со Дичо Зограф низ 19 век
Во кичевска Белица е најдена засега последната икона со потпис на мајсторот од 1868 година
Катерина Богоева
Големиот, но се' уште недоистражен творечки опус на еден од најзначајните ликовни мајстори на 19 век, Дичо Крстевич-Зограф (1819-1872/73), чии дела освен во Македонија се среќаваат и во цркви во Бугарија, Србија и Албанија, повторно е во фокусот на интерес. Музејот на град Скопје ја одбележува 135-годишнината од неговата смрт со отворената изложба „Иконописното творештво на Дичо Зограф во Скопје и Скопскиот регион“ презентирајќи вредни дела од црквите „Св. Богородица“ („Св. Спас“), с. Кучевиште, „Св. Георгија“, с. Бањани, „Св. Никита“, с.Горњани, „Св. Константин и Елена“, Скопје, „Св. Пантелејмон“, с. Нерези и од манастирската црква „Св.Никола“ од село Љубанци. Градот и неговата околина во оваа прилика се посочени како едни од поважните и можеби најбогатите простори по број на зачувани, авторови иконописни дела за кои по прв пат се презентираат стручно обработени сознанија. Авторот на изложбата, историчарката на уметност Викторија Грозданова-Коцевски, во пишаниот материјал во каталогот ја презентира хронологијата на творечкиот пат на, како што посочува, „најталентираниот зограф во македонската црковна уметност во 19 век“. Истражувајќи ги неколку години наназад Дичовите чекори во Скопје и Охрид, вели дека се судрила со „бројни изненадувачки елементи од богатиот опус на големиот зограф, со величествената бројка од над 2.000 создадени негови дела во бурниот 19 век, со минуциозноста со која авторот пристапува при обработката на ликовите, облеката, архитектурата, јасната и чиста линија, богатиот и интензивен колорит, доброто владеење со црковнословенскиот и книжевниот грчки јазик, а секако и со познавањето на духовните прашања“.
Преку презентираните досега добиени сознанија, таа го следи евидентираниот творечки пат, на авторот роден во мијачкото село Тресонче, од каде тргнал во осознавање на тајните на иконописувањето и зографисувањето. Изразува и надеж дека во иднина Министерството за култура ќе го зголеми интензитетот на заложбите за истражување и презентација на неговото богато иконописно творештво и надвор од земјава.
Зачетоците на творештвото на Дичо Зограф се' уште се енигма. Станува збор за периодот од 1840 до 1844 година, кога работел во цркви на егејското крајбрежје, а ја зографисувал и црквата „Св. Георгија“ во Лазарополе. Енигма е и идентификацијата со зографот Дичо Перкоски, чиј потпис се наоѓа на две места од наведениот храм. „Се' до денес, за најрано досега познато Дичово дело се прифаќа иконата „Богородица Пантохора“ од црквата „Св. Јован Канео“ во Охрид, која ја потпишал и датирал во 1844 година“, вели меѓудругото, историчарката на уметност.
На почетокот своето од творештвото, Дичо Зограф бил под влијание на своите учители Михаил и Димитрија Данаиил од Самарина, за постепено, низ трите творечки фази да го изгради препознатливиот стил. Биографијата му е исполнета со работа во различни делови на Македонија и во соседните земји. Освен во Скопје и скопскиот регион, сликал во реканскиот и гостиварскиот крај, во струшко. До неодамна се мислело дека во 1853 година ги насликал престолните икони во храмот „Св, Никола“ во скопското село Љубанци, но најновите истражувања покажале дека нивен автор е мајсторот Павле Аврамовски од Галичник. „Голема е веројатноста дека истражувачите во минатото ја поистоветиле црквата „Св Никола“ во селото, со манастирската црква „Св. Никола“, која се наоѓа над самото село Љубанци“- вели Грозданова -Коцевски и посочува дека во таа година, зографот за потребите на манастирската црква изработил пет престолни икони. Иконописните ансамбли во скопските цркви „Св. Спас“ с. Црешево, „Св. Георгија“ во Бањани и „Св Никола“ во с.Глуово, се сметаат за едни од најубавите и најбогатите во авторовиот опус во овој регион.
Дичо Зограф работел меѓудругото и во црквите во Куманово и кумановско, негови дела се евидентирани и во црквите „Св. Троица“, во Гуменџе и во с.Градец, кај Видин, Бугарија, како и во „Св. Троица“ во Врање, Србија. Работејќи и во Охрид каде и престојувал добивал и приватни нарачки од семејството Робевци, од браќата Прличеви. Негови дела, меѓу другото се откривани и во тетовскиот регион. Средината на 1867 година е посочена како период во кој му опаѓа продуктивноста, но продолжил со сликање и ги создал портретите на јеромонах Теодосиј и игуменот Јоаким во машката трпезарија во Бигорскиот манастир што до скоро се сметале и за негови последни дела. Но, со најновите откритија во кичевското село Белица, датирањето е поместено во 1868 година. Имено, историчарот на уметност Сашо Цветковски кој од неодамна е и директор на струшкиот НУ. Музеј „Никола Незлобински“, проучувајќи ја уметноста од времето на Преродбата во Струга и Струшко, за потребите на својата докторска дисертација, дошол до резултати кои му покажале дека пределите околу градот претставуваат вистинска ризница на уметноста од тој период. „Меѓу другото, откривме над 70 досега непознати икони на Дичо Зограф, со широка хронологија од неговите најрани дела од 1845 до последните потпишани во 1867 година. Овие откритија ме поттикнаа да го проширам кругот на истражувањата и во Дебарско и Кичевско. Посебно изненадување беше откривањето на засега последните негови потпишани икони во Белица, од 4 септември 1868 год. И истражувањата во дебарско - реканскиот крај дадоа извонредни резултати. Досега негови дела во црквите од овие краеви беа само нотирани, но не се знаеше и вистинскиот обем на работата. Немаше црква во која не идентификувавме икони на Дичо, од раскошни престолни и празнични на иконостасите, до проскинитарни- целивни икони, и сосема неочекувани откритија на сликани на платно плаштаници, црковни касички за прилози во црквите и една голема, досега сосема непозната групација на престолни крстови со Распетие Христово“.
Академик Цветан Грозданов во 2004 година, своите повеќегодишни истражувања поврзани со Дичо Зограф ги објави во книгата „Уметноста и културата на 19 век во западна Македонија“. Творештвото на големиот мајстор, досега го истражувале повеќе историчари на уметност од земјава, Бугарија и Србија. Но, Цветковски смета дека истражувањата сеуште се во почетна фаза. “Нашите истражувања се насочени кон составување на целосна споменичка ��опографија на делата на Дичо, а тоа подразбира изготвување на целосна документација со поединечна евиденција на секоја икона, секоја фреско целина. А дури потоа ќе уследат суштинските истражувања со издвојување на неговиот иконопис и фрескоживопис, со издвојување на стилски фази, иконографски и програмски карактеристики. Но, за оваа истражувачка работа која веројатно ќе потрае десетина и повеќе години, потребно е да се оформи посебен Институт или истражувачки центар за уметноста, културата и црковната историја на 19 век. Тој би бил од суштински национален интерес за нас, а би ги координирал активностите и би ги утврдувал насоките за понатамошните истражувања. Затоа, сметам дека мора да се формулира државна стратегија. Треба да знаеме дека токму во овој период, македонските зографи се најдобрите и најбараните на Балканот кои сеуште работат во духот на православната византиска традиција во иконописот и фрескоживописот. Нивни дела има во Србија, Косово, Бугарија, Албанија, а меѓу нив секако, средишно место зазема Дичо Зограф.
Навистина ми е жал, што во енциклопедиското издание на МИ-АН каде се третираше историјата на македонскиот 19 век, за него се напишани само два реда. А неговото значење во културната историја во тој период е клучно. Делото на Дичо Зограф станува парадигма за генерации зографи во пошироките балкански простори“. |