10.06.2013, 16:19 За ЕП и за „Тренерската клиника“ - 12.000 долари од МОК
Од Македонскиот олимписки комитет (МОК) на денешната прес- конференција по повод „Тренерската клиника 2013“, која е под организација на Македонската кошаркарска федерација, соопшти дека на сметката на МКФ префрлиле 12.000 долари. Генералниот секретар Сашо Поповски потенцираше дека оваа сума е за две намени: за „Тренерската клиника“ и за подготовките на кошаркарите за претстојното ЕП се со цел постигнување врвни резултати.
„Задоволни сме што можеме да соработуваме, помогнеме и да промовираме еден ваков настан, кој оди само во прилог на развојо�� на кошарката во Македонија. За таа цел одлучивме да помогнеме финансиски, на сметката на МКФ префрливме 12.000 долари, дел се за Тренерската клинина, а дел за подготовките за ЕП во Словенија за постигнување добри резултати“, изјави генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски.
Од МКФ се свесни дека подобар развој на нашите кошаркари може да бележиме само преку унапредување на тренерската работа, па токму затоа се одлучија на организација на „Тренерската клиника“, која ќе се одржи во салата „Билјанини Извори“ во Охрид на 15 и 16 јуни.
„Самото тоа што успеавме да донесеме некои од најголемите тренерски имиња во Европа, доволно говори за сериозноста во намерата да преку унапредување на тренерската работа, практично да иницираме подобар развој на нашите кошаркари“, изјави генералниот секретар на МКФ, Дејан Лекиќ. „Што се однесува до деталите на самата ’Клиника’, Жељко Обрадовиќ ќе се фокусира на техничко-тактички детали и начин на работа на тренерите, потоа Димитриос Итудис, неговиот долгогодишен асистент е еден од најдобрите тактичари и признаен познавач на методологија при поставување систем на работа со екипа. Мене ми е особено драго што тука ќе биде и Антон Крумп, извонредно тренерско име, исклучително значаен за европската кошарка и човек од кого очекуваме уште поконкретна помош во организација и функционирање на една тренерска асоцијација, во контекст на постојано унапредување. Еден од сегментите кој сериозно ќе биде опфатен, а е особено важен е и фазата на селектирање млади кошаркари, односно сегментот на претселекција и селекција“, потенцираше Лекиќ. (М.К.) |