Само 19 лица го преживеаја пеколот во Мадрид

Поради „грешка во полетувањето“ животот го изгубија 153 од 172 патници за Канарските Острови
МАДРИД - Иследниците за несреќи почнаа да ги прегледуваат остатоците од авионот кој завчера се урна на мадридскиот аеродром „Барахас“, при што загинаа 153 патници. Тие, исто така, почнаа да ги анализираат податоците од летот и снимките од црните кутии што беа пронајдени.
Во Мадрид е прогласена тридневна жалост, а роднините на загинатите пристигнуваат во импровизираната мртовечница во главниот град за да ги идентификуваат телата. Несреќата ја преживеаја 19 патници, а некои од нив се во критична состојба. Летот на „Спанер“ - ЈК 5022, кој требало да лета за Лас Палмас на Канарските Острови полета во средата напладне со 172 патници. Првичните информации сугерираат дека избувнал пожар во еден од моторите на „МД82“ за или кратко време по полетувањето од терминалот четири и авионот излетал од пистата.
Од 19-те преживеани на летот на „Спанер“ ЈК 5022, за четворица се смета дека се во „многу сериозна“ состојба, а други шестмина малку подобро, објави вчера шпанскиот весник „Ел паис“. Осуммина се под надзор, а еден е само полесно повреден, објави весникот.
Шпанскиот премиер Хозе Луис Родригез Запатеро се очекуваше да ги посети повредените во мадридските болници, додека кралот Хуан Карлос ќе го посети аеродромот „Барахас“. Кралот, најверојатно, ќе ги посети и загрижените роднини кои чекаат потврда дека нивните најблиски се меѓу загинатите.

Експертите во привремената мртовечница во близина на аеродромот изјавија дека работата околу идентификацијата на загинатите ќе биде бавна и внимателна, бидејќи повеќето од телата се многу изгорени во пеколот што се случи во средата. „Најлошото е идентификација на телата. Тоа е крај на надежите и кога ќе бидеме сведоци на најлоши сцени, бидејќи повеќето од роднините не можат да ја поднесат болката кога ќе ја добијат информацијата“, изјави Хесус Лопес Сантана, портпарол на Црвениот крст за весникот „Ел мундо“.
Спасувачите посочуваат дека многу од патниците биле деца. „Би го убил гадот што го направи ова“, рече еден возач пред камерите на националната телевизија пред центарот за конвенции. Друг патник рече: „Знаејќи дека авионот не е в ред, тој полета заедно со мојата седумгодишна внука“.
При вториот обид за полетување, авионот излетал од пистата, се преполовил и се запалил. Преживеаните биле исфрлени од леталото од силината на ударот и паднале во река, што ги спасило да се здобијат со поголеми изгореници, посочија спасувачите.
Шпанската министерка за транспорт, Магдалена Алварез, изјави дека причината за несреќата најверојатно е „грешка во полетувањето“. Меѓутоа, шпанските медиуми и извор запознат со ситуацијата изјави дека левиот мотор на авионот во производство на „Прат и Витни“ се запалил. Летот бил поделена операција со „Луфтханза“ која ги опслужува Канарските Острови, популарна туристичка дестинација од туристите од Европа. Од листата на патници објавена од страна на „Спанер“ во сопственост на САС се забележува дека повеќето од патниците се Шпанци, но официјалните лица посочија дека имало и од Шведска, Германија, Холандија и Чиле.
Алварез изјави дека авионот претходно почнал полека да се подготвува на пистата, пред да се врати поради технички проблеми, кои биле причината за едночасовното одложување на полетувањето. Шпанските медиуми соопштија дека пилотот пријавил проблеми со мерачот на температурата, за што се мислело дека е поправено.
Долг конвој од црни мртовечки автомобили се движеа низ аеродромот во текот на ноќта пренесувајќи ги телата на загинатите до импровизираната мртовечница, каде што беа собрани роднините, некои од нив пристигнаа дури од Канарските Острови.
Центарот за конвенции во периферијата на главниот град, исто така, беше користен како мртовечница по бомбашките напади врз возовите што се случија во март пред четири години.
Повеќе од 20 лица од авионот биле деца и бебиња. Шпанските министри изјавија дека не станува збор за напад и падот на авионот го сметаат за несреќа.
Петнаесет години стариот авион во јануари поминал безбедносна инспекција, вели Серџо Алард, портпарол на „Спанер“, кој е во сопственост на скандинавската компанија САС.
Од вчерашните телевизиски снимки се гледаа столбови чад како се креваат од полето во кое се наоѓаа остатоците на авионот. Шефот на службите за вонредни ситуации, Ервиџо Корал, изјави дека спасувачите се соочуваат со „мрачни сцени“. „Не можете да разликувате дека станува збор за авион од остатоци на опашката“, изјави тој. „Немаше ништо од трупот“. Друг спасувач Пабло Албела, за новинската агенција АП изјави: „Трупот на авионот е уништен. Авионот изгорел. Забележав запалена земја во радиус од еден километар и неколку парчиња од трупот. Се' е уништено“.
Телеграми со сочувство се испратени до Шпанија од лидерите од целиот свет. Претседателите на Русија, Франција и Италија, германската канцеларка и британската кралица им се приклучија на лидерите од Латинска Америка во изразите на сочувство. (Би-Би-Си/Ројтерс)
 Долг конвој црни мртовечки автомобили се движеа завчера вечерта низ аеродромот пренесувајќи ги телата на загинатите, меѓу кои дваесетина деца, до импровизираната мртовечница каде што беа собрани роднините... некои од нив пристигнаа дури од Канарските Острови
Десетте најголеми авионски несреќи
3 март 1974 година - Авион „Мегдоналд Даглас - ДЦ-10“ на турската компанија „THY“ се урна во шума во близина на аеродромот „Орли“ во Париз. Во несреќата загинаа 346 патници и членови на екипажот. Несреќата ја предизвика откачување на вратата за багаж од лежиштето што предизвика пад на притисокот во авионот, поради што подот на патничката кабина се урна и ги пресече електричните инсталации на кормилото и на лифтовите.
27 март 1977 година - Два авиона од типот „Боинг 747“ на компаниите КЛМ и „Пан Ам“ се судрија на пистата во Тенерифе која беше обвиена со магла. Загинаа вкупно 583 лица, а несреќата ја предизвика авионот на КЛМ кој без дозвола се упати на полетната писта и налета на авионот на „Пан Ам“ кој слетуваше.
25 мај 1979 година - На авион од типот „Мегдоналд Даглас - ДЦ-10“ на компанијата „Американ ерлајнс“ му отпадна мотор во текот на полетувањето од аеродромот „Охара“ во Чикаго. Тоа предизвика сериозно оштетување на крилото на авионот што се урна по неполни два километра од пистата, а притоа загинаа 273 лица. Несреќата ја предизвика неисправниот носач на моторот на авионот.
19 август 1980 година - Авион на компанијата „Саудија“, кој сообраќаше на линијата за Карачи, се врати во Ријад во Саудиска Арабија заради пожар кој избувна во него. Авионот некако се спушти на пистата, а во пожарот кој изб�� нагло изгореа 301 лице. Од се' уште неразјаснети причини не беше направен никаков обид за евакуација на евентуално преживеаните лица во авионот.
1 септември 1983 година - „Боинг 747“ на компанијата „Кореан ерлајнс“ беше соборен од советски борбен авион поради навлегување на патничкиот авион во советскиот воздушен простор во близина на островот Сахалин на северниот Пацифик. Сите 269 патници и членови на екипажот загинаа. За несреќата е обвинет екипажот на патничкиот авион поради невнимание.
23 јуни 1985 година - Терористи, припадници на шиитската група „Бабар Калс“, поставија бомба во авион на компанијата „Ер Индија“ од типот „Боинг 747“ што сообраќаше на линијата Торонто - Бомбај. Авионот се урна во близина на ирскиот брег и притоа загинаа 329 лица.
12 август 1985 година - „Боинг 747“ на јапонската компанија „Јапан ерлајнс“ се урна во близина на планината Фуџи веднаш по полетувањето од аеродромот во Токио. Загинаа 520 лица. Причина за паѓањето на авионот беше лошото одржување на неговиот заден дел што предизвика откинување на опашката.
3 јули 1988 година - Авион од типот „Ербас А-300“ на компанијата „Иран ер“ беше соборен над Хормус од проектил испален од американскиот воен брод „Винселенс“. Загинаа сите 290 патници и членови на екипажот. Екипажот на воениот брод мислел дека се работи за непријателски авион и на него испалил два проектила од типот „земја-воздух“.
21 декември 1988 година -Авион на американската компанија „Пан Ам“, кој сообраќаше на линијата 103, се урна над градот Локерби во Шкотска. Прична за уривањето беше бомба поставена од либиски агенти. При несреќата загинаа 270 патници и 11 членови на екипажот.
12 јануари 1996 година - Во близина на Њу Делхи во воздух се судрија два авиона, едниот казахстански „ ИЛ-76“, а другиот саудиски „Боинг 747“ при што загинаа 349 лица. Причината за судирот беше екипажот на казахстанскиот авион кој не ги послушал упатите од контролата на летање. |