Македонски ќе се учи од прво или од второ
Родителите ќе одлучуваат од кое одделение ќе стартуваат факултативните часови
Тамара Грнчароска
Преку заедничка игра и факултативни часови, за кои родителите ќе одлучуваат дали ќе стартуваат од прво, второ или трето оддел��ние, децата од помалите етнички заедници ќе го изучуваат македонскиот јазик во училиштата. На ист начин е предвидено и учење на јазиците на заедниците од македонските основци од пониските одделенија.
Со оваа одлука Министерството за образование се надева дека е надминат проблемот за рано започнување на изучување на македонскиот јазик од заедниците, кој точно пред една година ескалираше поради одлуката за задолжително изучувањето од прво одделение.
Одлуката, која е дел од стратегијата за интегрирано образование, вчера беше поздравена и од Високиот комесар на ОБСЕ за малцински прашања, Кнут Волебек, според кого, екстремно важно е во рана возраст да се научи државниот јазик, што ќе овозможи учество на сите заедници во јавниот живот. „Раното почнување, дали од прво, од второ или од трето одделение, според мене, не е толку важно, туку екстремно важно е во рана возраст да се научи државниот јазик за учество на сите заедници во јавниот живот. Тоа е иднината на луѓето“, рече Волебек.
Тој ја даде за пример неговата земја, каде што оние што не знаат норвешки се, всушност, оние што губат. Во однос на отпорот на родителите на првачињата Албанци за изучувањето на македонскиот јазик минатата година, Волебек посочи дека тоа не значи дека Албанците треба да загубат во изучувањето на својот јазик. Според него, искуството во многу земји покажува дека тоа може да се прави комбинирано за бенефит на тие заедници.
Министерот Никола Тодоров, објаснувајќи ги измените во Стратегијата, рече дека станува збор за флексибилен концепт што овозможува изучување на македонскиот јазик преку запознавање и игра и ќе започне во првиот период на образованието, од прво до трето одделение. „Родителите ќе можат да изберат од кое одделение ќе започне изучувањето на македонскиот јазик, од прво, второ или од трето“, информираше Тодоров. Во тој дел е предвидено изучување и на јазиците на заедниците што живеат во Македонија преку изборна или факултативна настава, за што ќе мора да бидат заинтересирани најмалку 24 ученици.
Потребата од ваква стратегија била согледана низ истражувањата што ги спровеле меѓународните институции, а кои покажале дека учениците од различни етнички заедници многу малку меѓусебно контактираат. Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Абдулаќим Адеми, рече дека истражувањата покажале мал контакт меѓу различните етнички заедници и меѓу заеднички образовни активности. „Се покажа дека содржината на некои текстови не е во хармонија со она што претставува цел и дух на она што го предвидува рамковниот договор“, изјави Адеми.
Стратегијата што треба да биде спроведена до 2015 година преку неколку фази, изготвена е со експертска помош од ОБСЕ. Таа ќе стартува од оваа година, но со информативни кампањи, истражувања и пилот-иницијативи. Од Владата информираат дека нивната цел е бавен, но сигурен напредок за поставување на системот за интегрирано образование, кој не исклучува никого, туку ги вклучува сите.
За Волебек важноста на овој план е имплементацијата и тоа мора да се направи на начин што ќе биде од бенефит за сите заедници во земјава и „тоа мора да биде транспарентен процес“. „Тоа ќе биде процес на широки консултации со сите учесници - локалните власти, асоцијацијата на наставници, родителите и невладините организации“, рече Волебек.
Високиот комесар од ОБСЕ демантираше дека минатата година нивна била идејата за задолжително изучување на македонскиот од прво одделение. „Тогаш рековме дека е важно за сите заедници да го знаат државниот јазик, но ние никогаш не рековме дека тоа треба да биде направено од прво одделение. Тоа беше одлука на Владата“, одговори Волебек. (Т.Г.) |