Случајот „Галеб“ пред Антикорупциска
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Јакимовски за перење пари, тој вели дека е чист
Случајот „Галеб“ со документација вчера стигна во Државната комисија за спречување на корупцијата, која ја достави владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Антикорупционерите треба да утврдат евентуална кривична одговорност на Стевчо Јакимовски во врска со закупот на ресторанот „Галеб“ во скопската општина Гази Баба.
Партискиот портпарол, Александар Бичиклиски, пред седиштето на Антикорупциска му порача на Јакимовски наместо да се расфрла со закани за кривични пријави да одговори дали „Галеб“ е уште еден класичен случај на перење пари во кој тој е вмешан.
„Очигледно за Стевчо Јакимовски не се важни интересите на граѓаните, туку парите и можноста за брз и лесен профит“, рече Бичиклиски. Според него, заканите за кривичната пријава што ја најави Стевчо Јакимовски се само начин со кој сака тој да изгледа уверливо, иако, како што вели, „од фактите и од доказите кои беа јавно презентирани се гледа дека е фатен на дело“. Бичиклиски посочи дека во договорот за закуп на деловниот простор „Галеб“ што фирмата на Стевчо Јакимовски го склучува со општина Гази Баба, се наведува дека закупецот може да го издаде објектот под услов закупнината да биде плаќана на закуподавецот директно од подзакупецот. „Фактурата недвосмислено покажува дека парите од закупнината, наместо на сметката на Гази Баба, оделе директно на сметката на фирмата на Стевчо Јакимовски ‘Кит консалтинг‘“, обвини Бичиклиски.
Откако констатира дека ВМРО-ДПМНЕ трет пат ја отвора истата тема, претседателот на Градската организација на СДСМ, Стевчо Јакимовски, нагласи дека работата со „Галеб“ е чиста, а обвинувањата против него се неосновани. Јакимовски е сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ за конкретниот случај не може да ги смени фактите и ако сака, освен до Антикорупциска комисија, може да се обрати и во полиција, во Обвинителство, до Стразбур, а најмногу им прилега да отидат во циркусот „Медрано“.
„Колку и да глумат циркусанти не можат да ги сменат фактите. Работата е чиста како солза. За обидите за моја лична дискредитација ќе се видиме на суд каде што ќе мора да ги објасните своите лаги. Жалам што извршителот Бичиклиски ќе мора да плати дебела отштета што отсега најавувам дека ја донирам во добротворни цели“, истакна Јакимовски. Притоа му предложи на Бичиклиски да оди пред Антикорупциска, но да ги однесе папките за четирите стана на мајката на премиерот Груевски и за партиската фирма на ВМРО-ДПМНЕ, „Аналитико АИ“. (К.Ч.)
|