Зошто се' уште е нормално да се удри дете?
Пред 31 година, Шведска забрани физичко казнување и стана првата земја која ги забрани сите форми на насилство врз децата, вклучувајќи и насилство во домот. Од првиот чекор што го направи Шведска пред 31 година, повеќето од 47-те земји-членки на Советот на Европа го следеа тој пат и се заложија да стават крај на сите физички казнувања. Меѓу тие земји е и Македонија.
„Сепак, по години на дискусии, законодавство, образование на таа тема и истражување кое ги покажува штетните ефекти од физичкото казнување, на многу места се' уште е совршено нормално да се удри дете“, наведува во својата статија за правата на детето комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг. Според него, и идејата за казнување на децата на тој начин е одраз на стариот страв дека ќе се загуби контрола врз детето, а тоа може да се направи со зборови. „Не треба да ги учиме децата дека е прифатливо несогласувањата да се решаваат со насилство“, вели тој, дополнувајќи дека живеењето под константна закана од насилство е штетно за млада личност во развој. Всушност, истражувањата покажуваат дека децата кои почесто се тепаат на тригодишна возраст се со поголема веројатност да бидат агресивни на петгодишна возраст.
Постојат три главни аргументи во кои е резимирано зошто не смееме да дозволиме децата да бидат тепани, наведува Комесарот за човекови права на СЕ, според кого тоа е човеково право и правен императив. „Реагираме многу силно кога се тепа возрасен, а би биле длабоко вознемирени ако вжештена дискусија заврши така што опонентот не' удри в лице. Зошто би било прифатливо децата да бидат тепани - особено од некого од кого зависат“, прашува Хамарберг. За него, физичкото казнување е понижувачко и претставува напад врз самопочитта и самодовербата на децата и покажува непочитување на нивниот човечки дигнитет и ги учи дека насилството е соодветен начин да се реши конфликт.
„Шведското искуство покажува дека Законот против физичко казнување може да го смени ��днесувањето на луѓето. Пред 31 година, оваа идеја беше мошне контроверзна во Шведска, но по само две години, родителите беа добро информирани за законот и се забележа видливо опаѓање на тепањето“, заклучува Хамeрберг. (Т.Г.) |