JСП со нова редизајнирана и поинформативна страница
Новата веб-страница има мапа на која засега може да се видат само трасите на движење по скопските улици на линиите „2-а“, „4“ и „5“
Јавното сообраќајно претпријатие направи комплетен редизајн на својата веб-страница www.jsp.com.mk. На неа, освен вообичаените информации, како што се возниот ред, видовите билети и цените на чинење, сега има информации за сите документи, финансиски извештаи, тендери што се однесуваат на претпријатието, билтени, како и актуелни вести и информации. На страницата наскоро ќе има има и кодекс на однесување на вработените, а сега може да се прочита и за правата и за обврските на патниците во автобусите на ЈСП. Веб-страницата го дава бесплатниот број 0 800 15 115 на кој граѓаните може да се јават и да ги дадат сите свои забелешки и информации. Исто така, може да поставуваат прашања и на нив ќе добијат одговор од претпријатието. Новиот веб-портал за ЈСП го изработи фирмата „Ултра“.
„Нашата веб-страница од почетокот на постоењето до денес ја посетиле два милиона посетители. До пред еден и пол месец имаше 1,5 милиони посетители и еве за краток период колку бројката се зголеми. Токму затоа сакаме да бидеме транспарентни кон граѓаните, бидејќи субвенциите што ги добиваме од Градот се токму од даноците што ги плаќаат тие“, вели Мишо Николов, генерален директор на ЈСП „Скопје“.
На новата веб-страница веќе е во функција возниот ред со мапа на која може да се види движењето на линиите „2а“, „4“ и „5“, односно по кои улици поминуваат автобусите што сообраќаат на овие линии од почетната до крајната станица. Многу бргу на „Погледни ја мапата“ ќе може да се видат и трасите на сите градски линии. Исто така, на веб-порталот ќе профункционира и планерот на патување со кој скопјани, како и сите други и туристите ќе може да се информираат со и кој број автобуси најбргу можат да стигнат на саканата дестинација. (Сн.К.) |