Снегот повторно изненади
Најмногу снег, дури 106 сантиметри, вчера наврна на Попова Шапка
Снежана Калабакова
Снегот што го најавија синоптичарите повторно ги изненади надлежните служби и го парализира сообраќајот и во градовите и на сите патни правци во државата. Белата покривка од пет сантиметри колку што е измерена во Скопје до триесетина сантиметри колку што паднаа во Гостивар предизвика вистински метеж.
Метеоролозите најавуваат нови врнежи и особено студено време, а в сабота утринските температури во Македонија ќе се спуштат и до 15 Целзиусови степени под нулата. Повремени врнежи од снег ќе има до среда, а постепено затоплување се најавува кон крајот на месецот.
Автобусите во главниот град вчера се движеа бавно, на улиците имаше колони автомобили, па многумина задоцнија на работните места. Во Скопје, вчераутро таксистите одбиваа да возат во проблематичните сообраќајници кон Пржино, Жданец, Радишани и Железарница.
Од Зимската служба на Скопје тврдат дека екипите биле мобилни и интензивно го чистеле снегот од најкритичните точки. Главните сообраќајници се расчистувале со механизација, а биле фрлени седум тони сол.
И екипите на „Македонија пат“ тврдат дека постојано биле на терен. На планинските преслапи беше забрането движење на тешки товарни возила. По расчистувањето на патиштата, забраната за тешки товарни возила на патните правци Маврово-Дебар и Гостивар-Кичево беше укината. Сепак, на регионалните и на локалните патишта се' уште имаше остатоци од снег и сообраќајот се одвиваше отежнато.
Најкритично беше на патот Стража-Кичево, Маврово-Дебар и Гостивар-Стража. Завеани беа и патиштата до високопланинските гостиварски села.
Вчерашниот снег не го попречи само нормалното одвивање на меѓуградскиот, железничкиот и авиосообраќајот. Задоцнувања имаше само кај меѓународните возови, кои сообраќаат на релацијата Белград-Солун.
Најмногу снег, дури 106 сантиметри вчера наврнаа на Попова Шапка, 46 се регистрирани во Маврово, 43 во Пожаране и 34 во Лазарополе. Во Крушево е измерена снежна покривка од 22 сантиметра, а десет сантиметри има во Крива Паланка.
Најмногу обелеа Гостивар и Тетово, каде што наврнаа по триесетина сантиметри снег. Во Скопје паднаа пет сантиметри, во Охрид два сантиметра. Земјоделските стручњаци сметаат дека овие снежни врнежи позитивно ќе се одразат на земјоделството. Новиот снег ќе ја продолжи и зимската туристичка сезона.
Вчера снегот беше расчистен од кружниот пат околу Мавровско Езеро со што беше овозможено без тешкотии да се стигнува до селата Леуново, Никифорово и Маврово. Наредните денови ќе се расчистува снегот и од локалните патни правци кои водат до високопланинските селски населби на Бистра, Кораб и Стогово, во регионите на Долна и Мала Река, до Лазарополе, Гари, Тресонче и Могорче.
Рафет Јакупи, директор на ЈП „Гостивар“, рече дека во наредните денови ќе се работи на пробивање на локалните патишта кои водат до селските населби што се наоѓаат на поголеми височини. И тоа Горно и Долно Јеловце, Ѓургевиште, Калкиште, Горјане, Ломница, Корито.
Според Слободан Серафимовски, директор на гостиварската Агенција за унапредување на земјоделството, снегот заврна во вистинскиот час и ќе има позитивно влијание на есенските посеви во горнополошкото поле.
Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово е подготвен за претстојниот викенд. И на Попова Шапка спортските работници сметаат на продолжена зимска сезона. Според извори од туристичко-угостителското претпријатие, во хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“ престојуваат гости од Загреб и од Бјеловар од Хрватска, од повеќе градови на Косово и од соседна Албанија.
Со снежни врнежи се зафатени Бугарија и Албанија. И во повеќето поранешни југословенски републики имаше снег. Снежна покривка завчера беше формирана и на хрватските острови Шолта и Хвар, а снег имаше и во Сплит.
(Во подготовката на текстот учествуваа дописниците Гојко Ефтоски и Киро Кипроски) |