Сестричките од Велес ги залечија раните
Девојчињата што беа жртви на злоупотребите на татка си се ресоцијализираат во згрижувачко семејство
Горан Адамовски
ВЕЛЕС - Детски велосипед со розова боја и натаму стои во дворот од куќата како потсетник дека до неодамна тука се слушал детски џагор. Расфрлани парчиња низ дивата трева, маса и неколку столчиња накиснати од дождот, заклучена влезна врата. Скромната куќа изгледа тажно. Во неа е мирно. Таму веќе не живеат трите девојчиња од Велес, на возраст од три до седум години, за кои пред речиси два месеца се дозна дека биле сексуално злоупотребувани од својот татко. По обелоденувањето на скандалот, девојчињата се згрижени во семејство надвор од Велес, а таткото заврши во притвор.
Во куќата сега живеат мајката и бабата. Соседите велат дека излегуваат многу ретко. Поголемиот дел од времето го минуваат затворени дома. Повлечени со својата болка, срамежливо ја отвораат влезната врата.
„Децата се добро и само тоа е важно. Одвреме-навреме разговараме со нив телефонски“, ни вели бабата на трите девојчиња. „Го чекаме денот кога ќе ни се вратат дома“, ја споделува со нас најголемата желба.
Соседите и натаму не можат да поверуваат дека во нивното најблиско опкружување се случувал терор.
„Што да Ви кажам, и натаму не ми се верува. Вака беа добри луѓе, а девојчињата постојано си играа надвор. Навистина не можеше да се забележи дека во нивната куќа владеел хорор“, вели една од сосетките на несреќното семејство. „Македонскиот Фрицл“, како што го окарактеризираа медиумите 41-годишниот велешанец, беше откриен кон крајот на август. Мајката на девојчињата отишла во Центарот за социјални работи во Велес и пријавила семејно насилство. Набргу било утврдено дека девојчињата се жртви на сексуално насилство. Според истрагата, највозрасното девојче, кое сега има седум години, првпат било злоупотребено кога имало само една година. Трите девојчиња имаат уште една сестричка, која има една година, но таа не била жртва на татко си. Мајката тврдеше дека сиве години не знаела што се случувало во семејниот дом, во кој честопати била физички малтретирана од својот сопруг. На таткото му беше одреден притвор, а полицијата против него поднесе две кривични пријави - за родосквернавење на децата и за нанесување телесна повреда на триесет и осумгодишната сопруга. Но, обвинение против него се' уште нема.
„Истражната постапка е во тек. Штом заврши постапката, ќе може да се произнесеме околу евентуално обвинение против таткото“, ни изјави Славица Темелковска од велешкото Јавно обвинителство.
Како што беше објавено, при сослушувањето во полицијата, таткото негираше дека сексуално ги злоупотребувал своите ќерки. Гинеколошкиот преглед на трите деца на осомничениот покажаа дека има дефлорација кај девојчињата, кои, видно исплашени, го потврдиле злосторството.
Двајцата родители биле невработени и живееле од социјална помош. Децата итно беа згрижени во семејство во еден од градовите во земјата. Од Министерството за труд и социјална политика одбиваат да зборуваат за случајот, бидејќи, како што велат, „доколку скандалот не излезеше во јавност, децата ќе беа многу полесно социјализирани“.
„Ќе беа во Велес, блиску до мајката и до тамошниот Центар за социјални работи, кои најдобро се запознати со ситуацијата“, велат од Министерството. Неофицијално, дознаваме дека стручен тим што го одреди Министерството, постојано работи со децата и нивната ресоцијализација се одвива добро.
За случајот е заинтересирана и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, од каде што побарале информација од Центарот за социјална работа во Велес за преземените мерки за психосоцијална поддршка, третман и ресоцијализација на децата за надминување на траумите. „Но, одговор се' уште нема“, велат од „Меѓаши“. (Г.А.)
|